Тивкиот танчар

22.06.2013 07:10
Тивкиот танчар

Луѓето кои на големите плоштади стојат сами, тивки, со рацете во џебови, обично не привлекуваат внимание. Ердем Гундуз стоеше неподвижно дури неколку часа на плоштадот Таксим во Истанбул, загледан во огромните турски знамиња на културниот центар Ататурк, пред полицијата да сфати дека станува збор за демонстрант. Му го пребараа ранецот, не најдоа ништо сомнително. Но, во тој момент Гундуз повеќе не беше сам.

Неколкумина пред полицијата увиделе дека неподвижното стоење е знак на протест. Набрзо преку Твитер за само неколку часа овој танчар, кореограф и перформанс уметник стана идол. Веднаш се појавија хаштагови #standingman и #duranadam - човек кој стои. Штом му се придружија уште неколку луѓе, полицијата почна да ги растерува собраните. Ова е акција „само за едно лице“, напиша еден од неговите пријатели на Твитер. „Протестирам против тишината во медиумите и полициското насилство“, им рекол Гундуз на очевидците.

Џон Ленон би го нарекол ова „stand-in“, гласат зборовите на еден истанбулски новинар. Други се присетуваат на песните на турскиот поет Назим Хикмет, чии зборови ги знае секој ученик во Турција: „Да се живее сам и слободен како дрво, и братски како шума, е мојата желба“. Меѓутоа, Гундуз не можеше да ги спречи другите кои ширум Турција го следеа неговиот пример и тоа често на симболични места: во Анкара каде што за време на двонеделните протести еден од младите демонстранти им подлегна на повредите здобиени во судирот со полицијата; пред еден хотел во Сивас каде во пожар пред дваесет години животот го загубија 37 луѓе; на истанбулските улици каде во 2007 е убиен новинарот од ерменско-турско потекло Хрант Динк.

„Гунду има намера да го продолжи својот протест“, соопштија во вторник неговите пријатели. Тој ѝ припаѓа на уметничката група која до неодамна имаше свое студио за танц на Таксим. После уривањето на зградата во кое се наоѓаше студиото, групата се пресели во заливскиот кварт Каракој, каде Гундуз во недела држи бесплатни часови по танц. Роден е 1979 во Анкара, а во 2008 на истанбулскиот универзитет Мимар Синан стекнува диплома по сценографија. Истата година во Виена посетува курс за „нагонски танц“. Пријателите го опишуваат како „скромен човек“, кој не сака слава. Наспроти тоа, неговиот тивок танц на Таксим го направи новиот херој на Турција.

Извор: Süddeutsche Zeitung

ОкоБоли главаВицФото