Фудбалска хомофобија

29.10.2009 11:31
_01u_997206791.jpg

Аматерски фудбалски клуб од Франција, во кој главно играат муслимани, е исфрлен од лигата бидејќи фудбалерите, поради верски убедувања, одбиле да играат натпревар против клубот кој ги промовира правата на хомосексуалците.

Требаше да биде само уште еден фудбалски натпревар – неделно попладне, средба на два аматерски клуба пред малку навивачи. За жал, натреварот не се одржа. Во тимот Парис фут геј (ПФГ) играат неколку хомосексуалци, а во Кретеј бебел неколку муслимани. Еден ден пред натреварот, ПФГ доби е-пошта со која се известува дека Кретеј не сака, поради своите начела, да игра на натпреварот, бидејќи менаџерот на клубот Захир Белгарби не може да го прифати дури ни името на клубот.

„Ние не го прифаќаме ни фактот дека хомосексуалците воопшто постојат. Јас сум Французин од муслиманска вероисповест и имам свои принципи. Однапред им се извинувам на сите оние што ги повредивме.“

ПФГ вложи жалба во локалната лига, барајќи санкции против Кретј бебел. Инаку, ПФГ е основан пред неколку години со идејата да се бори против хомофобијата. Нивниот тренер Брахим Наит – Балк и самиот е муслиман.

„Парискиот геј фудбал не ги собира само хомосексуалците туку и хетеросексуалците, но она што можеби и уште побитно, луѓето со различни верски убедувања – муслиманите, Евреите и другите. Сите тие се овде поради љубовта кон фудбалот.“

Брахим не е изненаден од одлуката на Кретеј. Клубот потекнува од едно париско гето кое и самиот добро го познава. Инаку, Брахим има мароканско потекло и неодамна ја издаде книгата „Хомо во гетото“ (Un homo dans la cite) во која ги опишува сите свои искуства за растењето во општество каде хомосексуализмот е табу.

„Ме опколуваа и вперуваа прст во мене, знаеја дека сум геј иако никогаш јавно немав признато. Ме навредуваа, ме пцуеја зашто сум геј Арап. За нив бев ѓаволот, срам за заедницата.“

Брахим денес сосем отворено говори за својата сексуалност и се бори против хомофобијата. Водител е на радио-емисијата „Хомомикро“ која секој ден има сè повеќе слушатели.

Ерик Гарние е соосновач на Здружението на геј и лезбо родители во Франција и често гостува во емисиите на Брахим. „Не можам ни да замислам колку му било тешко – геј дете, па и уште и муслиман. Силно ме потресоа многу нешта кои ги прочитав во неговата книга.“

Крет бебел е исфрлен од лигата и од купот. Некои од муслиманските играчи изјавија дека не се хомофоби и дека сакаат да играат против ПФГ. Во тек се преговори за пријателски меч како знак на помирување меѓу клубовите. Тоа се одлични вести за Брахим кој се надева дека и неговата книга ќе има сличен ефект на хомофобичните припадници од париските гета.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото