Груевски со ќебапчиња го промовира СК 2014

24.06.2013 10:02
Груевски со ќебапчиња го промовира СК 2014

Каква слика! Премиерот со сопругата и девојчињата го промовираа новиот плоштад Карпошово востание кој чини 12 милиони евра и потоа скромно, како вистински Македонци, отидоа на ќебапи!

Модерната фамилија на Груевски ја сретна античката фамилија на Филип, Олимпија и на Александар. Страшна симболика и идентификација.

Провладините медиуми ни ја пренесоа важната информација дека девојчињата на премиерот биле воодушевени од фонтаните и од целиот преплатен кич полн со лавови, коњи и со антички цицки.

Така, треба да нè допре и да нè разнежи воодушевувањето на децата од предшколска возраст. Впрочем, сè повеќе мислам дека идејата за целиот проект СК2014 е можеби, нивна идеја. Поточно, идеја која соодветствува на предшколската возраст, кога наивните работи ни изгледаат симпатично.

Тоа е популизмот на Груевски, за време на празник кога сите нормални луѓе, барем оние што имаат пари, одат некаде на викенд, тој го шета својот сопствен Дизниленд и потоа јаде ќебапчиња.

На овој популизам се надоврза и демагогијата на пратеникот од ДПМНЕ, Николовски, кој од Охрид ги искара Македонците и нивното предавништво затоа што отишле во Грција и го богателе јужниот сосед. Штета што ги заборави сите оние Македонци кои отишле во Албанија, Бугарија или некаде во Европа.

Толкава е веќе дрскоста, ароганцијата и нациoналистичката матрица на ДПМНЕ, што отворено си дозволуваат да ја ограничуваат и слободата на движење на македонскиот граѓанин. Што е следното? Ќе ни ги земаат пасошите и ќе нè обележуваат ако случајно излеземе од земјата? Или, како во осумдесеттите години од минатиот век, ќе следат директиви до членовите на партијата дека не е препорачливо да се оди во Грција?

Николовски нека биде доследен и нека си го искине пасошот. На патриот како него, очигледно, не му треба. Или нека се потсети дека токму вмровските функционери се главни гости на грчките плажи и дека синот на Трајко, токму на грчка граница, беше фатен со поголемо количество на дрога.

И, конечно, нека не продаваат евтина демагогија, бидејќи го прошетаа светот со народни пари по измислени турнеи за наводно привлекување на инвестиции.

Еве, го видовме и резултатот од руската прошетка на Ставрески. Ветуваше ќе потпишел договор за „Јужен тек“, но излажа и наместо со гас, се врати со опашот меѓу нозе.

ОкоБоли главаВицФото