Ставрески излажа, нема договор со Газпром

24.06.2013 09:54
Ставрески излажа, нема договор со Газпром

Ставрески излажа, нема договор со Газпром - ќе мора да ја моли Србија

„Особено сум горд што успеав да ја отворам можноста за приклучување на Македонија кон проектот за гасоводот „Јужен тек“ и на тој начин долгорочно да се обезбеди енергетската иднина на нашата земја“, изјави претседателот Ѓорге Иванов за Нова Македонија во мај лани. Иако е прашање што точно Иванов има направено за Јужен тек, и дали воопшто нешто има направено или само мисли дека нешто направил, еве на што точно е „горд“ претседателот.

Високата македонска делегација, составена од потпретседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески и министерот за економија, Ваљон Сарачини, која беше на Меѓународниот економски форум во Санкт Петерсбург, се врати со празни раце. Не потпиша никаков договор со Газпром за Јужен тек. Од 102 договори на форумот со вкупна вредност од 233 милијарди долари, ниеден не е со Македонија.

Тоа и беше очекувано. Нема никаква логика Газпром да потпишува каков било договор со Македонија за Јужен тек кога низ земјава не е предвидено да поминува гасоводот, туку евентуален крак кој треба да стигне од трета земја. Од друга страна, пак, претставниците на Газпром наголемо расправаа со српската делегација. Судбината за гасот што ќе дојде или нема да дојде во Македонија од Јужен тек ја решија меѓу себе Србите и Русите без присуство на македонските претставници.

СТАВРЕСКИ, ВСУШНОСТ, СОНУВАЛ ПОТПИШУВАЊЕ ДОГОВОР ЗА ЈУЖЕН ТЕК

Уште две недели пред форумот се обзнани опцијата дека крак на Јужен тек ќе се прави низ Јужна Србија и тој можеби ќе дојде во Македонија – дали и кога, ќе видиме.

На 8 јуни Танјуг ја пренесе изјавата на српскиот министер за енергетика и рударство, Милан Бачевиќ, во која тој рече дека српската Влада има почнато да ја собира документацијата за јужниот крак на Јужен тек низ српска територија која треба да ја снабдува јужна Србија, една траса да оди за Косово, друга за Црна Гора, а овој крак би завршил во Македонија. Со оглед на сето ова, Газпром нема што да расправа со Македонија и за гасот од Јужен тек ќе мора да ја молиме Србија.

На крајот испадна дека претставниците на идолот на Груевски, Владимир Путин, не сакаат да се сретнат со македонската делегација. А и зошто би се сретнале и за кои пари би разговарале? Личниот пријател на Владимир Путин, генералниот директор на Газпром, Алексеј Милер, на форумот имаше далеку поважни средби како онаа со директорот на Bank of America преку која обезбедуваше пари за идните проекти, или онаа со претставниците на францускиот енергетски гигант GDF Suez за надградба на Северен тек или, пак, онаа со претставниците на Финска за изградба на капацитети за течен природен гас на територијата на оваа земја. Во таква конкуренција македонската делегација немаше никакви шанси.

СРБИЈО, МОЖЕ ЛИ МАЛКУ ГАС?

Од друга страна, испадна дека Бачевиќ точно знае што зборува. Тој, за разлика од Ставрески, се сретна со Алексеј Милер. Изјавата на Бачевиќ од 8 јуни не му беше доволен знак на Ставрески дека нешто не е во ред со веќе од минатиот месец најавеното „потпишување договор со Русија“. Без оглед на тоа што го кажа Бачевиќ, три дена подоцна, на 11 јуни, Ставрески реши да ја излаже македонската јавност и да го каже ова:

„Следната недела заедно со премиерот Никола Груевски ќе бидам во Русија. На крајот на неделата во рамките на Форумот во Санкт Петербург ќе се потпише договорот меѓу Русија и Македонија за влегување на нашата земја во Јужен тек“, изјави тој, одговарајќи на прашање по презентацијата на проектот за задолжителна котација на Македонската берза.

На крај, ниту Груевски отиде во Санкт Петербург, ниту, пак, Ставрески се врати со каков било договор.

Сето ова ја остава Македонија во прилично лоша ситуација кога станува збор и за гасот и за Јужен тек.

ПРВИН ТРАНЗИТНО, А СЕГА И ГАСОВОДНО СЛЕПО ЦРЕВО

Како прво, ако добиеме гас од Србија од крак на Јужен тек, тој нема да биде транзитен и ќе заврши во Македонија. Тоа значи дека не ќе може да се надеваме на такси од транзит на гас за Косово и Албанија.

Потоа, кракот од Србија може никогаш да не стигне или на него да треба се чекаат 5, 10 или 15 години. Србија, инаку, има за градење цел еден куп гасоводи за разлика од Македонија која се чини ќе остане слепо црево за природниот гас, како што тоа донекаде се случува и со транзитот во транспортот. Во Србија треба да се гради секција од основниот гасовод Јужен тек во должина од над 400 километри, потоа крак кон Република Српска и крак кон Хрватска, како и овој тн. јужен крак на Јужен тек, кој треба да заврши кај нас во Македонија.

Во таква ситуација се поставува прашањето колку има смисла да се брза со гасификацијата на земјата, која треба да чини 315 милиони долари, од кои само во првата фаза ќе требаат 75 милиони долари. Од овие 75 милиони долари, 60 се од стариот клириншки долг, кој Русија го има кон Македонија уште од социјализмот, а останатите 15 милиони долари ќе треба да ги плати Владата. Износот до 315 милиони долари ќе треба да се плати со кредит од Светската банка.

Гасоводната мрежа треба да ја гради руската олигархиска фирма Стројтрансгаз, која отсекогаш била потрчко на Газпром и преку која се переле 100-тици милиони долари во минатото со цел да се обогатат пријатели на Путин. Таа денес е во сопственост на олигархот и петрократот Генадиј Тимоченко, кој е замешан во валкани зделки со нафта преку друга компанија која се вика Gunvor International, за што опсежно пишува лондонски Економист. Власта му ја додели оваа зделка на Стројтрансгаз без никаков тендер и Господ знае по која цена во надеж дека ќе го одоброволи Газпром да добиваме гас од Јужен тек.

РУСИТЕ НЀ РАБОТАТ КАКО СЕЛСКА БАВЧА

Колку македонската надворешна политика кон Русија е успешна покажува и фактот што Русите им ги имаат вратено своите клириншки долгови на речиси сите европски земји (за долговите надвор од Европа и да не говориме) освен на Македонија. Најголемиот руски кредитор, Хрватска, си ги доби своите пари во износ од 185,7 милиони долари уште во 2011 година, додека ние сме уценувани со гас од Јужен тек, со изградба на гасоводна мрежа од страна на Стројтрансгаз и којзнае со уште што за 60 милиони долари од пред 30 и 40 години.

За „успесите“ на македонската дипломатија кон Русија говори и уште нешто – Македонија е убедливо најмал муштерија на Газпром, но истовремено плаќа и убедливо најскапи цени за гасот. Преклани земјава увезе само 130 милиони кубни метри гас и заради ваквото мало количество плаќаме огромни пенали зашто тоа е под минимумот со години наназад, па затоа имаме и убедливо најскап гас од цела Европа кој во 2011 чинеше 462 долари за илјада метри кубни во просек. Ниедна друга земја на стариот континент не плаќа ни приближно вака висока цена. Втор најскап гас има БиХ со цена од 420 долари, а најголем дел од земјите плаќаат од 380-415 долари за илјада кубни метри.

Газпром, се чини, нема попаметна работа од тоа да се изживува кон Македонија – да му наплаќа најскап гас на најмалиот муштерија, да му носи гас преку крак од Србија, кој нема да биде транзитен, да не ја прима македонската делегација и да не враќа прастар долг од 60 милиони долари веќе 30-40 години. Од друга страна, пак, Путин им враќа суми од милијарди долари на земји како Виетнам, Етиопија и други, па дури и царски долг од пред 100 години на Франција, иако ентитетот кој го направил тој долг повеќе не постои.

ДАЛИ ДА ПЛАЧЕМЕ ИЛИ ДА СЕ СМЕЕМЕ

Ако се погледнат, пак, работите од друга гледна точка, човек треба да се замисли дали ваквиот развој на настаните е добар или лош.

До крајот на месецов треба да се одлучи дали гасот од огромното гасоносно поле Шах Дениз во Азербејџан до Европа ќе биде транспортиран преку гасоводот Набуко Вест или преку Трансјадранскиот гасовод (ТАП). Набуко Вест е далеку од Македонија, но ТАП поминува низ Грција, само 50 километри јужно од Битола, а земјава има отворена понуда од директорот за развој на ТАП да потпише меморандум за разбирање.

Вакви меморандуми ТАП има потпишано со сите земји од регионов освен со Македонија и Србија. Власта на Груевски е глува по ова прашање. Ништо не смее да се направи за да не се налути големиот пријател на Груевски – неговото височество Владимир Путин со кого заедно градат државен капитализам – едниот во Русија, другиот во Македпнија - поткрепен со челичната тупаница на корумпирано или партизирано судство, кој како си ја наредил.

„За земјите од Југоисточна Европа, вклучувајќи ги Хрватска, БиХ, Црна Гора, Македонија, Бугарија, Србија, Романија и Унгарија, ТАП нуди можност за пристап до Каспискиот гас и со тоа ја зајакнува сигурноста во снабдувањето во секоја од овие земји“, изјави д-р Луц Ландвер - директорот за развој на ТАП уште пред две години, но власта остана глува на ова. Само пред една недела во Дубровник имаше средба на претставниците на земјите од Балканот за поддршка на ТАП, но таму единствено Македонија, заедно со Србија, ја немаше.

Исто така, италијанската компанија „Енерџиа Фалчионе“ има намера многу брзо да изгради терминал за претворање на течен гас во гасна состојба, кој би стигнувал со танкери на брегот на Албанија и да го транспортира за Италија. Но, 500 милиони кубни метри годишно од овој гас, и тоа само на почетокот, остануваат за регионот.

Овие две опции ни овозможуваат комплетно да не завршиме во канџите на Газпром бивајќи 100 отсто зависни од него, но власта ова не ја интересира. Ако земји како Република Чешка, Словачка и Унгарија немаат друг избор освен да бидат целосно зависни од Газпром, ние и би можеле да се обидеме да не завршиме комплетно во канџите на рускиот монопол, односно да не станеме енергетски закрепостени кон Русија, како што тоа му се случува на значителен дел од европскиот континент. Но, за ова никому не му е грижа.

НА КРАЈОТ - ЕДНА „СИТНИЦА“

И на крај, уште само една „ситница“. Ситница која не се спомнува од којзнае кои причини и за која е прашање дали македонските власти воопшто знаат за неа. Газпром, имено, уште од падот на комунизмот нема откриено никакви нови извори на природен гас на територијата на европскиот дел од Русија.

Оттука се поставува прашањето од каде Газпром ќе ги најде потребните 63 милијарди кубни метри гас кои ќе треба да ги стави во Јужен тек, кога тој ќе проработи со полн капацитет, прашува Владимир Сокор од независната Џејмстаун Фондација од Вашингтон.

Минатата зима, на пример, особено во јануари и февруари 2012, кои беа вонредно студени месеци, европските земји побараа дополнителни количества гас од Газпром, но рускиот монопол едноставно изјави дека нема повеќе гас, кој би можел да ѝ го даде на Европа.

Математиката е многу проста. Само постоечките гасоводи имаат капацитет од 250 милијарди кубни метри, а новите, меѓу кои и Јужен тек, треба да имаат капацитет од уште 133 милијарди кубни метри. Но, извозот на гас на Газпром никогаш не се приближил до вакви бројки. Најголем извоз во Европа Газпром имаше пред рецесијата и тоа во износ од 180 милијарди кубни метри, додека последниве години тој не е поголем од 150 милијарди кубни метри. Веќе постојат сомневања дека овој вишок на гасоводни транспортни капацитети ќе му овозможи на Путин да манипулира со извозот и да испраќа гас онаму каде што политички му одговара, како и преку гасот да ги раскарува европските земји.

Извор: anfas.blogspot.se