Скакулче игра плочка

24.06.2013 15:34
Скакулче игра плочка

Претставуваме триесет хаику песни од Искра Донева од книгите „Скакулче игра плочка“, „Татко“ и „Лазарополски хаикуа“. За да ги набавите овие книги, контактирајте ја авторката.

Авторката боледува од церебрална парализа и за подобрување на здравствената ситуација потребна и е трансплантација на матични клетки. За неколку етапниот третман во Москва вкупно се потребни околу 62.000 евра + 8.000 евра патни трошоци за неа и нејзиниот придружник, вкупно 70.000 евра.

Искрено се надеваме на вашата хумана поддршка. Доколку сте во можност да излезете во пресрет, Ве молиме средствата да ги уплатите на следната сметка:

Искра Донева - за донации
Тутунска банка АД Скопје
Сметка број 210-700000596686
Благодариме однапред!

Со набавката на книгите исто така придонесувате за побрзо оздравување на Искра. Доколку сакате да ги набавите, контактирајте ја авторката на:

doneva.iskra@gmail.com
www.facebook.com/iskra.doneva

Во продолжение можете да ги прочитате триесетте хаику песни од Искра Донева.


Од „Скакулче игра плочка“

Отворам врата.
Гледам и комарец
чека да влезе.

Орев ме чунка
по глава - чавката
подготвува ручек.

Од напластен снег
ме ѕиркаат две очиња...
Снешко или кутре?

Пеперугата
се умилкува на шнола
со иста форма.

Прскалки во парк.
Утринско тупирање
за бубалките.

Пролетно утро...
Расцветува градина-
книга во џебот!

Долго те нема.
Малку спијам и јадам.
Љубовна диета.

Чајникот врие.
Колачиња се печат.
Ѕвончето ѕвони!

Зрно грозјенце
тркалаат мравки -
вежбаат пилатес.

„Експрес такси“.
Желчето превезува
полжавче на грб.


Од „Татко“

Зимско зајдисонце.
Со него бега и
татковиот здив.

Сонце огреа -
небото се радува на
уште еден ангел.

На сон татко ме
прегрнува... Ни смртта не
не’ разделува.

На крстопат сум.
Од татко чекам знак.
Липов цвет паѓа!

Чувствувам, татко,
сакаш да ми кажеш нешто.
Се одрони цвет...

Татко, не ти пишав
ни збор, но нема нешто
што не ти кажав.

Ќеркина коса
ко самовилска чешлаше,
татко. Ја скратив!

Наместо татко
гушкам џемпер негов...
Чинам овде е!

Благоста твоја,
во срце ја носам, татко -
неизмерна радост!

Сјај во очите
на саканите твои си.
Таму почиваш!


Од „Лазарополски хаикуа“

Во ќош осамена
раштимана гитара.
Чека свирач.

Гости во селска
стогодишна куќа.
Крцкаат скали.

Карта од светот
на ѕид од тесна куќа.
Широка мечта.

Дражеа на под.
Испадна од твојот џеб.
Пропуштен бакнеж.

Чевел на клинец
закачен под дрвени скали
-нечие детство.

Во дланки греам
премрзнато пиле со
скршено крилце.

Старец врз стапче
брезово си ги потпира
годините сто.

Ко брада боцка
бабина јамболија
ама грее, грее!

Мајка без дете.
Ги покрива и храни
сите останати.

Од врв рид, куќи
раштркани гледам.Во
која ли си ти?


Искра Донева е родена на 20 јули 1983 година во Скопје. Чита, пишува и објавува од нејзината седма година. Во 2000 година на јавноста и се претставува и со првата стихозбирка „Говорот на срцето“. По основното образование и природно - математичката гимназија кај неа претежна љубовта кон пишувањето и таа се најде меѓу компаратистите на светската книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески – Скопје, каде сега е на постдипломски студии.

Членува во поетскиот кружок „Мугри“ и објавува во истоимениот алманах. Дел е и од клубот „УНЕСКО: Живите јазици – прозорец кон светот“ и од повеќе литературни читања и перформанси, културни настани и фестивали во земјава и во странство, меѓу кои и „Струшки вечери на поезија“. Последниве години, во периодиката е застапена во: „Огледало“, „Феникс“, „Мравка“, „Спектар“, „Наше писмо“... и во електронските списанија „Мираж“ (www.mirage.com.mk) и “Литернет“ (http://liternet.bg). Некои делови од нејзиното творештво се достапни и на англиски, француски, полски, српски и бугарски јазик.

Преведува од англиски и француски. Како плод од нејзината страст кон најкусиот лирски жанр, во 2006 се појавува и хаику збирката “Кој ќе ги згрее птиците“. Во 2009 година во "Небеска раскрсница" таа страст бара нови медиуми и прераснува во хаига, жанр што првпат се презентира пред пошироката литературна јавност. Годинава, 2013, во нејзиниот опус бележи уште хаику збирки: „Скакулче игра плочка“, „Татко“, и „Лазарополски хаикуа“. Неколку нови ракописи чекаат да бидат објавени.

Скулптури на сликите: Антонен Готје

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото