Терор

25.06.2013 09:29
Новоговор: терор

Терор е збор кој просто постојано воскреснува во секој новоговор, додека хоророт премина во сферата на забавата и тука добро, речиси одржливо, се држи.

Терор е збор кој изворно значи само голем страв, а сега служи за политичко застрашување. Тоа е име на политиката на застрашување спрема противникот на режимот, во двата века од францускиот до рускиот револуционерен терор - кога поимот се користел студено и прецизно, како и техниката на истребување на реакционерните сили. Теророт некако стана синоним за револуционерно однесување, особено за време на рускиот отпор против интервенцијата на демократските сили во 1918-1922. Кога тој политички поим - а не самиот терор - изгуби на тежина и смисла, во новоговорот беше воведен терминот „бел“ терор, но тој некако секогаш беше предизвикан, а не сам по себе и за себе пожелен. Тоа му е најновоговорската особина, вклучувајќи ја и сегашната војна против теророт и тероризмот која секој ден во секој поглед и на секое место напредува во секоја смисла и на сите страни. Ширејќи терор и тероризам, зарем треба да се каже.

Е сега, тероризмот е систематско користење на терор кое, меѓутоа, во меѓународното право не е дефинирано. Пред триесетина години, значи во времето на експлозија на „меѓународниот тероризам“, конгресот на Интерпол одржан во Белград не го прифати предлогот делото тероризам - наместо политичко препукување дека се работи за борба за слобода, според едни, или чист бандитизам според други, или нешто трето според трети - да се разложи на кривични дела кои сите ги признаваат, а сите закони ги познаваат: киднапирање, загрозување на животот и имотот, убиство со предумисла, уцена... Јок, не помина.

Откако сме воведени во оваа војна против тероризмот, се прават обиди и за воведување разлика меѓу теророт како легален метод на репресија и тероризмот како политичка програма на губитникот, што може да помине само кај тие теоретичари и нивните спонзори, да не објаснуваме понатаму. Дронот во Пакистан е подобар од куршумот во тил на Сталин? Големината на тероризмот се мери со разликата помеѓу пазарската касапница и „колатералната штета“? Од геноцид до извинување?

Теророт и хоророт се, инаку, латински преводи на грчкото fobos и deimos, страв и ужас, придружниците на Арес или Марс, богот на војната. И серен Кјеркегор мисли на нив кога ја пишува Страв и трепет. Само што, за разлика од теророт, хоророт стана бенигна трговска марка: најчест е во рекламите, филмските програми, компјутерските игри, нешто кое предизвикува пожелно чувство на страв, шок, изненадување и слатки треперења.

Во кожата на американскиот полковник Валтер Е. Курц, Марлон Брандо зборува за тоа како неговата единица вакцинирала деца во некое виетнамско село за утре на патот да најде куп отсечени, вакцинирани детски раце. Тоа е Апокалипса сега или Срцето на темнината, како и да е. Само некој не ја гледал, барем не навреме.

„Ужас, ужас“, вели Брандо/Курц. А би можеле и ние.

Извор: vreme.com
Слики: Џон Реус

Слични содржини

Новоговор
Новоговор
Новоговор
Новоговор
Новоговор
Новоговор
Новоговор
Новоговор

ОкоБоли главаВицФото