Тетоважите на кирилица хит во Кина

25.06.2013 12:43
Тетоважите на кирилица хит во Кина

Пекинг, 25 јуни 2013

Тетоважите на кирилица летово станаа вистински хит меѓу Кинезите, кои особено сакаат на телата да испишуваат кирилични пораки без никаква смисла. По бесмислените тетоважи, меѓу младите Кинези најзастапени се тетоважите со наслови на македонски народни и поп песни, како и оние со имиња на македонски специјалитети.

„Не знаеме на што се должи популарноста на кириличните македонски тетоважи, но се радуваме на зголемениот промет. Летово морав да вработам уште пет работници во салонот за тетовирање, а воведовме и трета смена“, објаснува тату-мајсторот Ки-рил Ме-то-Ди и додава дека понекогаш се создаваат и редици од муштерии кои чекаат на својата кирилична тетоважа.

Меѓу популарните бесмислени тетоважи се „гнргн“, „ољшб“ и „внљѕњѓ“, додека Три невесте тикве брале, Запри дожду, Чија си, Ајвар, Пинџур, Едно име имаме, Десетка со кромид, Нели ти стига мојата младост, Галебе мој тажен, Неправда, Тајно моја, 100% те љубам и многу други се само дел од пораките кои Кинезите ги тетовираат на своите тела.

На ќар од манијата по кирилични тетоважи се надеваат и македонските тату артисти, кои очекуваат Кинезите да доаѓаат на тетовирање и во Македонија, а десетици професори по македонски јазик побараа економски азил во Кина, со надеж дека таму ќе најдат работа како лектори на тетоважите.

Тетоважа: Свирачиња