Утробата на мртвата мачка

25.06.2013 12:00
Утробата на мртвата мачка

Автори на славната партизанска песна „Уз маршала Тита“ се исто толку славните Владимир Назор, писател, и Оскар Данон, музичар. Иако песнава секој од нас ја слушнал милион пати (дури и новите генерации!), некои делови од текстот на песната отсекогаш биле мала мистерија, барем за мене. Еве на што точно мислам:

Ми дижемо чело,
Ми крочимо смело
И чврсто стискамо пест!
Род прастари ми смо,
А Готи ми нисмо:
Словенства смо древнога чест.
Ко друкчије каже,
Клевеће и лаже,
Осјетит нашу ће пест!...

Неодамна дознав: Назор, велејќи „А Готи ми нисмо“, реагира на усташките тврдења дека Хрватите се Готи. Усташката фашистичка идеологија, впрочем, во откривањето што постари ариевски корени на нацијата, само ги следела културно-политичките стратегии на фашистичка Италија и нацистичка Германија.

Лудилото на откривањето сè почиста крв и сè подревни извори на сопствената национална големина добро е познато во Европа, колепката на расизмот и фашизмот. Еден од главните идеолози на нацизмот, Алфред Розенберг, ги контролираше сите праисториски истражувања со намера да ја докаже супериорноста на ариевските Германи. Хајнрих Химлер, со својот институт „Ахненербе“, кој беше основан и дејствуваше во рамките на SS, исто така инсистирал да му се признаат сите компетенции во областа на археологијата, сè со цел да се пронајде изворот на германската раса.

Фашистичка Италија во дваесеттите години на дваесеттиот век потроши големи државни ресурси ископувајќи го империјалистичкиот Рим - Teatro di Marcello, Forum Traiani, Forum Caesaris, Forum of Augustus, Marcus Cocceius Nerva, сите тие ископани градби биле направени пред 1500 години. Современата архитектура во тогашна Италија морала да се прилагодува на новооткриениот империјален гест. Тоа било малку чудно со оглед на тогашниот клучен принцип на модернизмот: рационалноста (науката и разумот) пред историјата. Модернизмот, на пример, орнаментот и декорацијата ги сметал за злочин. Корбизие зборувал дека „куќата е машина за престој“. За да го помират рационализмот со империјалното враќање кон минатото фашистите го смислуваат Фашистичкиот Рационализам и тоа е приближно архитектонската поетика на Алберт Шпер, мошне ценетиот архитект, но сосема презрениот човек, заради неговата важна улога во Хитлеровата машинерија на смртта.

Во поново време, бранот на археолошко откривање на „своето“ некогашно величие ја зафати и Грција во седумдесеттите и осумдесеттите години. Под паролата дека се најстар народ на светот и Србите во деведесеттите години влегоа во низа војни во кои беа поразени. Денес тој бран на крвта и почвата (со потенцијал на цунами, заради тоа и зборуваме за него) ја поплавува Република Македонија и воопшто не навестува добри расплети на хроничните балкански политички и идентитетски кризи.

Џабе предупредувањето на дадаистичкиот поет: сите крда баздат. Џабе неочекуваната изјава на Бертолд Брехт, по завршувањето на Втората светска војна, дека утробата на фашизмот и понатаму е мошне жива и плодна. Џабе трајноста на често цитираните стихови од „Четирите квартети“ на Елиот (симбол на модернизмот), кој велеше дека времињата минати се присутни во времињата сегашни и идни (Time present and time past /Are both perhaps present in time future /And time future contained in time past). Џабе и текстов, во крајна линија, оти очигледно е дека историската мудрост не постои и дека будалата што се дограбила до власт просто не сака да ги препознава знаците за тревога или да учи од туѓото искуство.

Ми се допаѓа пристапот на Дејвид Линч: „откривањето“ на нештата понекогаш е нивно уништување. Пробивањето воздух во старите крипти понекогаш значи нивно распаѓање. Линч во едно интервју објаснува дека за потребите на филмот Eraserhead набавил една мртва мачка и и’ ја отворил утробата. Под влијание на воздухот боите на внатрешните органи видно бледнееле пред неговите очи. Таа ситуација Линч ја споредува со сцена од филмот на Фелини, „Рим“. При копањето тунел под Рим, група археолози пробиваат во една просторија полна со фрески; но, пробивајќи го ѕидот тие во просторијата внесуваат воздух и фреските видно брзо почнуваат да бледнеат.

Се разбира, на секое општество му е потребен мит. Но, ми се чини дека е дојдено времето општествата да ги асимилираат сопствените митски слики на малку поинаков начин од досегашниот. Новиот век навистина носи сериозни предизвици за сите општествени поредоци. Предизвиците се и во тоа хроничните контрадикторности (меѓу разумот и митот, да речеме) да се помируваат без големи уништувања и распаѓања. Ми се чини дека во тоа можат да успеат само општествата што во новиот век ќе успеат на некои подлабоки и посложени нивоа да ја реинтегрираат митската мисла.

Фотографиите се од филмот Eraserhead, 1977
Прв пат објавено во „Глобус“, 22.09.09.

ОкоБоли главаВицФото