Подметнати 15 компјутери во основно училиште

26.06.2013 12:47
Подметнати 15 компјутери во основно училиште

Скопје, 26 јуни 2013

Доцна синоќа, околу еден часот по полноќ, во основното училиште „Промаја“ во скопската населба Бутел, 32-годишен маж подметнал петнаесет компјутери во кабинетот по информатика, соопштува МВР.

Провалникот успеал да влезе во училиштето откако претходно скршил еден од прозорците на приземје, но како успеал да ги донесе и да ги внесе компјутерите еден по еден, без да биде забележан, треба да покаже истрагата.

„Некаде околу 1:15 часот по полноќ, 32-годишниот Н.М. провалил во училиштето и во кабинетот по информатика внесол 15 компјутери. Освен што ги внесол, тој уредно ги приклучил сите делови и започнал да инсталира оперативен систем Windows 8 на секој компјутер. Уапсен е изутрината во 7:45, кога чуварот кој го обезбедувал училиштето се отрезнил и станал од спиење“, објаснуваат од Министерството за внатрешни работи.

Н.М. бил фатен затоа што заспал додека чекал да се инсталира Windows-от на последниот компјутер и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

32-годишниот провалник од порано ѝ е познат на полицијата по слични кривични дела, а оставањето икони во црква, пари во банка и ставање раткапни на автомобили се само дел од криминалните активности наведено во неговото дебело досие.