Ни слава, ни пари...само Дела и Остварувања

27.06.2013 09:43
Ни слава, ни пари...само Дела и Остварувања

Граѓанската алијанса на Буч, Минч и Зико, вчера од Визбегово ја почна својата промоција.

Тргнаа скромно, изјавувајќи дека не барале ни слава, ни авторски права за своите идеи! Демек, слуги на народот?! А, не, почекајте, реченицата до крај гласи – ...и јунак кој тие идеи ќе ги спроведе во дело!

Значи ќе бидат слуги на некој јунак?! Плус, сакале Дела - мене таа фраза некако ептен ме потсетува на ДПМНЕ, не знам за вас?!

Како и да е, со ваква изјава позитивното трио фантастико сака да се презентира како дебатен клуб, квазиинтелектуални снобови кои ќе даваат идеи, а некој друг потoa нека прави како што сака.

Но, ајде да ја превртиме малку работата. Јас повеќе мислам дека тој, јунакот, кој го барате да остварува дела, всушност, на вас позитивците ќе ви кажува што да зборувате, односно, како позитивно да го презентирате во јавноста она што само тој ќе сака да го остварува.

Не ми се верува, Триото фантастико се издаде со една просто-проширена реченица, која, инаку, требаше да им служи како популистичка парола.

Но, дека има суштина во ова што го зборувам и дека не правам само семиотичка анализа, ми потврдуваат неколку нивни тазе ставови. Првиот и најкатастрофален: Алијансата за позитивна Македонија ќе ја преиспита и политиката на бркање на датум на преговори.

Како ли само се погоди вака, баш во моментот кога нашата власт ја доби несреќната вест дека нема да добиеме датум за преговори, тие ни промовираат напуштање на евроатлантски интеграции. Ете, гледате, што ти прави Триото фантастико, веднаш на позитива ја свртија работата. Да, ќе ја преиспитаме ЕУ и тие глупости, плус идентитетот не може веќе вака со притисоци.

Богами гледам сакате ептен да помогнете во новата државна стратегија на јадење корења за народот и на ваше богатење, откако ЕУ ја изгубивме на 10-20 години, а економијата пак е пред рецесија и буџетот зјае празен.

Ќе се инвестирало дома! Со домашни инвеститори ќе сме правеле индустрија! И оп, види чудо, токму Минчо да ти бил богаташ, инвеститор и тежок индустријалец, по некој случај прв изведувач на СК 2014 и главен загадувач со Железара. Добро, значи и тука ќе продолжите да остварувате.

Ќе барале и национален политички консензус за името, велат! Каква идеја! Мора да е оригинал на Бучко оваа, тој, сепак, е најблизок со Грујо, мислам, политички и мисловно. Штета, што ДПМНЕ пред една недела ја пушти оваа патка, која промптно беше одбиена од СДСМ.

Се исцрпи просторот за текстот, а ја не се доискажав. Ќе има смеење со овие позитивциве, бидејќи, како што велат, не било сè црно-бело. Не знам, ама нема ни вам да ви биде лесно што црното ќе мора да го претворате во бело. Среќа, тазе луѓе сте, неизвалкани и полни со свежи идеи.

Што би рекол Џони Штулиќ: Господо једите сендвиче и испијајте пива, још увек вам добро стоји, у вама је перспектива!

ОкоБоли главаВицФото