Ноќи на малите куриња

27.06.2013 11:11
Ноќи на малите куриња

Очигледно некои наши сограѓани имаат невообичаено хоби. Дење живеат нормални животи, ама навечер негуваат специфичен стил на слобода на изразување. Облекуваат црни качулки, се собираат во група и фрлаат камења и шишиња по туѓ имот. Е сега, не по сечиј имот. Овие наши сограѓани се исклучително селективни. Имено, тие лупаат пенџериња само на оние кои што јавно кажуваат дека љубовта не познава пол.

Сега сите ние треба да прифатиме дека нашите сограѓани со чуден вкус за изразување на своите ставови се во право, а оние на кои што им ги кршат пенџерињата не се. Иако едните се силеџии, а другите жртви, ние треба да ја голтнеме приказната на моралната супериорност на качулките и нивното право преку „рачни изразни средства“ да демонстрираат одбрана на јавниот морал. Во своите настапи, ја первертираат стрипската слика за суперхеројот (иако суперхероите се исклучително геј стилизирани, во пренагласени костуми што ги исцртуваат нивните мускули). Дење се нормални граѓани, но кога ќе падне ноќта тие ги облекуваат своите коститми и се трансформираат во сила која што ја брани Македонија од „нападот“ на „злото“. И додека суперхеројот е сам, нашиве махери се исклучиво во толпа. Затоа наместо во суперхерои тие се трансформираат во суперморони. Кај суперхеројот анонимноста е потребна за да се зачува неговиот интегритет, кај суперморонот е потребна да се зачува неговиот кукавичлук.

Има уште една друга група на наши сограѓани кои шетаат костимирани. Ним државата им ги дава костимите за да ги означи како чувари на редот и цивилизираноста. Крајно време е тие костимирани ликови да ги соберат другиве костимирани ликови и да им објаснат дека фрлањето со камења по туѓи куќи не спаѓа во слобода на изразување на ставови. Овие ноќи на малите куриња мора да се запрат дур не се претвориле во кристални ноќи.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото