Рецензија: Луѓе со богато работно искуство дел од Владата

27.06.2013 11:06
Рецензија: Луѓе со богато работно искуство дел Владата

Текстот на ДЕНЕШЕН ги има сите елементи на ПР текст, а пласиран е како новинарски производ во рубриката која донесува вести од Македонија, без притоа да биде наведен авторот на текстот. На почетокот е наведено дека списокот е изготвен од Курир (не прецизирајќи дали се работи за порталот Курир или се мисли на друго), но во остатокот од текстот, вклучително и коментаторскиот дел, нема повторување на изворот, што е вообичаена практика кога се презема материјал од друг медиум или се пренесува изјава или тврдење од некој надворешен извор.

Иако насловот зборува за „луѓе со богато работно искуство“ кои работат во македонската Влада, од 20 наведени личности, за осуммина нема наведен ниту еден детаљ од богатата биографија освен земјата од која се дојдени. Коментаторските елементи во текстот се однесуваат на критика на опозиционата СДСМ и на пофалба за потегот за ангажманот на овие личности. Не може да се забележи критичка дистанца на медиумот кон информациите кои ги пласира пред читателите.

Линк до оригиналниот напис: Луѓе со богато работно искуство дел од македонската Влада

Датум и време на објавување: 05.06.2013

Датум на рецензирање: 06.06.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Иако се работи за список на имиња на владини министри и советници сосе кусите биографии, јавноста нема начин да ја утврди вистинитоста на тврдењата за нивната професионална успешност, а медиумите, и покрај шпекулациите што кружат, не ја истражиле темата, па на јавноста ѝ остануваат само вакви пропагандни текстови.

Извори на информации: ДЕНЕШЕН се повикува на список составен од Курир (не наведувајќи кој Курир, па претпоставуваме дека се работи за истоимениот македонски портал).

Содржајност: Веста дава селектирани, нецелосни и разубавени информации за личностите кои се спомнати во неа.

Пристрасност: Написот дава делови од биографиите само на дел од набројаните личности или пак ги наведува само земјите каде тие работеле или се школувале или пак дека работеле во „повеќе реномирани институции и компании“ без да прецизира во кои.

Само за четворица од наведените се дадени некои поконкретни податоци за нивните кариери освен дека работеле во „силни институции“, па оттука за читателот останува нејасно од каде е извлечен насловот за „Луѓе со богато работно искуство“.

Од друга страна, во текстот се тврди дека „СДСМ за 23 години нема покането ниту еден образован човек од дијаспората да дојде на одговорна функција“ што не е поткрепено со ниту еден конкретен податок или изјава па не може да се смета за релевантен податок, поради што тој манифестира политичка наклонетост односно пристрасност.

Коментирање: Коментирањето е интегрален дел од овој текст и е со фразеологија и во манир на партиско соопштение.

Оригиналност/Плагијат: Иако е наведен изворот односно изготвувачот на списокот кој му послужил на авторот на текстот како основ на овој напис, самиот автор не е наведен.

Квалитет на насловот: Насловот е само уште еден елемент по кој текстов се подведува под категорија пропаганден, а не новинарски производ. Тој не информира или интригира туку нескриено и отворено тенденциозно ја фали и афирмира Владата.

Фотографија: Фотографијата од зградата на Владата на РМ, која го прати текстот е неинвентивна и служи како илустрација, а не визуелна информација, што е основната функција на новинарска фотографија.

Говор на омраза: Главната поента на текстот е ПР промоција на актуелната Влада, со вметнати елементи на дискредитација на нејзината политичка опозиција.

Заклучок: Ниту минимален новинарски труд и професионален приод не може да се евидентира во подготовката на овој текст за објавување. Она што е очигледен ПР материјал порталот ДЕНЕШЕН го сервира неизбалансирано, без ограда, без дообјаснувања, без наведувања на извори или целосно истражување на темата, а озгора на тоа, во него има елементи на пристрасност и коментирање.

Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Ракел Морган