1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
Наместо на Конгресниот плоштад, Јанез Јанша пред денот на државноста (25 јуни) држеше говор за своите партиски другари во домот на Св. Стефан во Целје, каде што изрече неколку прегнантни мисли за тоа како Словенија пропаѓа затоа што во неа има премногу Југославија, и дека ќе пропаѓа уште повеќе ако Југославија и понатаму се увезува. Освен тоа, рече дека нема да присуствува на прославата додека на неа ги има навредливите црвени ѕвезди (на знамињата на историските единици на војската и другите организации). Судски осудениот поранешен премиер не објасни подробно од која тоа Југославија и што се увезува. Словенечкиот надбискуп Стрес исто така изрази негодување поради црвените ѕвезди, но уредно седеше во првиот ред на прославата.
Астрофобија (или астерофобија), сложен грчки збор кој означува страв од ѕвезди, се употребува во психологијата и психијатријата за опис на типот страв од природните непогоди кои доаѓаат од небото. Употребата не е точна, затоа што најчесто се однесува на страв од гром, а за тоа постојат два други прецизни грчки сложени термини - кераунофобија и астрапофобија. Значи, астрофобијата би морала да покрива сосема поинакво подрачје на стравови, и стравот од идеолошките асоцијации на ѕвездата со црвена боја тука - барем што се однесува до терминологијата - сосема добро би спаѓал. Инаку, стравот од ѕвезди би подразбирал страв од ноќното небо, ѕвезда што паѓа, комета, метеор, отпадок од сателит, космосот, судбината која ѕвездите ја прорекуваат, или судбината на сите оние кои во митолошките приказни се претворени во ѕвезди и соѕвездија; и конечно, тоа би морало да биде страв од „ѕвездите“ во денешната популарна култура. Во таа смисла, политичката ѕвезда би морала да внимава да не ја покажува својата астрофобија, а не да фигурира како главен астрофоб во државата... А паднатата политичка ѕвезда, осудена во судска постапка, тешко дека би смеела да бара нешто императивно и да го уценува целото општество и држава, посебно во свечен момент.
Ѕвезда е општословенски збор со индоевропско потекло, и иако етимологијата не е сосема утврдена, извесно е дека е поврзана со светлината. Во многу јазици ѕвезда едноставно значи - сонце. Да се повикуваат поетичните значења на ѕвездата е речиси непотребно кога зборуваме за со ништо оправданата фобија. Па сепак - веројатно нема зборови, односно поими-слики кои почесто се појавуваат во поезијата на сите култури. Погледот на ѕвезденото небо сè уште предизвикува вивнување на мислата и чувства како ретко кое друго дејствување или состојба на луѓето. Од егзистенцијална осаменост до чувство на припадност кон светот, од очајание и оддалеченост до љубовен занес и општа емпатија, ѕвездите навистина длабоко делуваат на нашиот вид. Не е нималку чудно тоа што во претставата на луѓето ѕвездите се обоени во сите бои. Ѕвездите, како и другите небесни тела, можеме да ги поседуваме само симболично, и поради тоа моќта во најразлични облици е отворена за вакви симболи. Соѕвездијата кои ги гледаме од различни точки на оваа мала планета често симболички ја одредуваат моќта на државата во која е таквата точка. Вака патетичните значења понекогаш успешно ги намалува популарната култура, да речеме, во ликот на Астерикс, кого во седумдесеттите години во југословенските публикации успешно го преведоа како Звездоје: творците на стрипот Идерзо и Госкини несомнено ја исмеваа француската самоувереност.
Можам да го разберам стравот од ѕвезди, особено од црвени, како што можам да го разберам стравот од темна соба, црна мачка или некој друг симбол со приказна која се подразбира (која варира од култура до култура): неколку разговори со психотерапевт би морале да го разрешат тоа. Ѕвездите се насекаде, во нашиот јазик, на знаците, на ткаенините, во книгите, на зградите, храната, пијалаците. Со ѕвездите, особено црвените, се сретнуваме секојдневно - да речеме, на пивото Хајнекен. Овој моќен холандски концерн е еден од најуспешните пренесувачи на симболот кој, како што гледаме, дели цели држави и внесува неспокојство и спорови со можни страшни исходишта. Како да се борите против оваа идеолошка чума? Ништо помалку од петиција на освестените европски граѓани кои знаат колку трпеле под црвената ѕвезда, и затоа симболот им е неподнослив, би морала да дојде во европскиот парламент - институција која симболички ја одредуваат жолтите ѕвезди. Тие жолти ѕвезди можеме да ги разбереме како основа на европскиот менталитет и мотивација - златото, а можеме да ги поврземе со сончевата светлина; на крајот, не е бесмислено да се сетиме дека европската идеја потекнува од еврејските кругови, како можна институционална заштита против нов геноцид, и да ги потсети европските граѓани дека за време на Втората светска војна и пред неа без многу реакции гледаа меѓу себе луѓе обележани со жолти ѕвезди... И некои политички групи во Словенија имаа жолти ѕвезди, пред да ѝ успее на државата да влезе во тоа среќно соѕвездие.
Да се вратиме на идеолошки неподобниот Хајнекен. Дали јазлите на интерес и патиштата на капиталот овозможија вакво задоволување на загрозените европски граѓани, кои се принудени секојдневно да испиваат стотици илјади литри од ова пиво? Какво економско и социјално (а да не зборуваме и за психичкото) олеснување би донело отстранувањето на црвената ѕвезда од пивото! Да не мислиме дека само алкохолниот пијалак е лукаво поврзан со црвената ѕвезда, бидејќи иста таква ја краси и италијанската минерална вода Сан Пелегрино, со години моја омилена: но ако се неопходни жртви, веднаш преминувам на француската Перие, во истата најскапа класа.
Шегата настрана, Хајнекен е несомнено еден од симболите на подреденоста на Грција на големиот капитал. Германската династија го воведе пивото во своето мало кралство за да им го олесни секојдневјето на сиромашните, и се разбира, воведе свои произведувачи на пиво. Пред крајот на минатиот век домашните фабрики пропаднаа, како на пример пивото Алфа, а Хајнекен го зазеде речиси целиот простор. Алфа неодамно се врати, но тоа е далеку од некогашниот успех. Само една реклама за ова пиво беше доволна за светската публика веднаш да препознае во која земја се случува филмската политичка драма Z, која во 1969 ја режираше Коста Гаврас: се однесуваше на грчката воена диктатура. Укинувањето на црвената ѕвезда на Хајнекен во Грција би имало и тоа како силен одек, бидејќи би го означило крајот на превласта на странскиот концерн. Укинувањето на другите црвени ѕвезди несомнено не би значело тоа, а во Грција на полето на политичките симболи ги има многу.
Без оглед на силната конкуренција, да речеме, многуте црвени ѕвезди во хералдиката, на грбовите и знамињата на земјите, кралствата, републиките, муслиманските, републиканските држави и др. што ја покажува бедата на овој тип астрофобија, признавам, главната црвена ѕвезда е советската. Постоеја и предлози да биде зелена, но традиционалната боја на социјалистите од деветнаесеттиот век преовлада. Секоја црвена ѕвезда денес во одреден контекст бездруго го носи и тоа историско значење, и нашиот контекст е еден од тие. Меѓутоа, домашната црвена ѕвезда означува и отпор против советскиот притисок, освен останатите важни значења. Грубо извезената или пришиена црвена ѕвезда на каква било капа историски означуваше војска без пребивалиште, плата и гарантирана храна, која беше доволно успешна за да ја признаат сојузниците на двете страни на антифашистичката војна. Нејзините повоени злосторства се споредливи (и тоа не ги намалува) со злосторствата кои победниците ги извршиле над победените по цела Европа, и на запад и на исток. Крвавиот триумфализам го лечат само цврсто принципиелните установи и договорените и почитувани човекови права, но дури и ако постојат, обично не веднаш, и не превентивно. Историјата не може да се избрише, затоа што после секое укинување и фалсификат ќе дојдат на светлината на денот нови податоци и нови проценки: во науката и во културите и општествата кои функционираат нормално, тие не ги забрануваат старите, туку ги заменуваат, дополнуваат и шират. А умножувањето на значењето, во кое ѕвездата денес добива сосема нова смисла, може само да инспирира истражувачка, и секаква објективна мисла. Според тоа, да се забрани црвената ѕвезда е чин идентичен на заборавање на сите жртви. Оние кои не ја поднесуваат црвената ѕвезда и мислат дека таа глетка треба да биде укината за сите, во сите контексти и во сите толкувања, подобро да се обратат на психотерапевт поради астрофобија.
Извор: pescanik.net, 27.06.2013.