На Милошоски уште му свират ушите од шамарот

28.06.2013 08:27
На Милошоски уште му свират ушите од шамарот

Човекот кој се повлече од позицијата министер за надворешни работи, со наивното објаснување дека имал дилема дали да биде министер или татко, најде за сходно да го опоменува актуелниот министер за евроинтеграции Бесими, дека требало да си даде оставка. Мислам дека вистинскиот повод поради кој си замина од министерската позиција беше попиениот шамар од Мијалков. Од тоа и ден денес му свират ушите.

Антонио Милошоски е смешна фигура, но трагично е ако го запаметиме по глупавите изјави, наместо по штетните политики. Овој бугарофил и опасен тип во македонската политика треба да остане запаметен како еден од главните архитекти и оперативци во проектот на ДПМНЕ за трајно дистанцирање на Македонија од ЕУ. И сега тој ќе објаснува и ќе релативизира дека некој друг треба да си преземе одговорност.

Бесими ја кажа живата вистина која најмногу ја боли ДПМНЕ, дека проблемот за влезот во ЕУ не е само спорот за името, кое оваа власт го користи како димна завеса и национал-популистичко оправдување.

Бесими го призна тоа што станува сè поочигледно, односно, дека нашите институции не си ја завршуваат работата и не работат во насока на влез во ЕУ, туку напротив, свесно нè држат надвор од Европа. Во конкретниов случај, само власта и никој друг е одговорна што Македонија не доби датум за преговори.

Интересно, „ситното човече“ Бесими, стана ударната тупаница на ДУИ против Груевски и ДПМНЕ. Ги посрамоти ДПМНЕ, а нè посрамоти и сите нас со поклонувањето во Слупчане, а сега, пак, им зададе удар под појас со признание дека политиките на власта се комплетно спротивставени на ЕУ.

Што значи ова? Прво, дека критиките од ЕУ за непостоењето на правна држава, независно судство, слободни медиуми, реални реформи, вистинска борба против криминалот и корупцијата нема да останат во иднина само зборови, туку запечатен став како Македонија повеќе не е демократска земја и следствено на тоа, не може повеќе да биде кандидат за ЕУ.

Не дека ДУИ има помала одговорност за целокупната катастрофа, бидејки тендерската коалиција и понатаму беспрекорно функционира, но, ете, покажуваат некои знаци на растечки притисок врз ДПМНЕ.

Како и да е, овие игранки и бури во чаша вода помеѓу коалиционите партнери воопшто нема нешто да сменат. ДУИ не може да се испере од својот дел на одговорност и нејзиното пецкање на ДПМНЕ не само што е неефикасно, туку е и задоцнето.

Затоа, однесувањето на ДУИ и понатаму останува загатка. Поточно, крајно неблагодарно е да се прогнозира – дали, кога и како ДУИ ќе се дистанцира од ДПМНЕ. Но, дека треба и дека е можно да го направи тоа, е повеќе од јасно.

ОкоБоли главаВицФото