За две години власта ја уништи австриската поддршка за ЕУ

28.06.2013 10:29
За само две години власта ја уништи поддршката на Австријците за наш влез во ЕУ

Ако во 2010 година 39 отсто од Австријците биле за влез на Македонија во ЕУ, а 37 против, лани поддршката падна на само 20 отсто, додека 55 отсто биле против.

Прашање од горниот графикон: Дали влезот на Македонија во ЕУ би го поздравиле (begrüßen), сеедно ви е (egal) или би го одбиле (ablehnen)?

Истражувања вршени во: март 2010 (зелен правоаголник), септември 2010 (темно лилјаков правоаголник), септември 2011 (жолт правоаголник), септември/октомври 2012 (темно син правоаголник)

Графиконот покажува дека до септември 2010 година 39 отсто од Австријците биле за наше членство во Унијата, а 37 против, но следните две истражувања во 2011 и 2012 покажуваат дека симпатиите кон земјава драматично опаѓаат, а спротивставувањето расте. Па, така, за само две години, во 2012, само 20 отсто од испитаниците биле за македонскиот влез во ЕУ, а дури 55 отсто против.

Ова го покажуваат податоците од истражувањето на Австриското здружение за европска политика (ÖGfE), објавено минатата есен, а спроведено врз 501 Австриец на возраст од 16 или повеќе години.

Ниедна друга земја од регионов во 2010 година немала такви симпатии кај Австриците за влез во ЕУ како Македонија. Во таа година симпатиите за другите земји од регионов биле од 17 отсто за Турција до 28 отсто за Црна Гора. Исто така, ниедна друга земја немала такво драматично зголемување на одбивноста од 37 отсто на 55 отсто како Македонија за само две години. Точно е дека има земји кои на Австријците им се поодбивни кога станува збор за влез во ЕУ, но таквиот нивен став бил ист или сличен и во 2010 и во 2012 година.

Ова некако се поклопува со издигањето на Скопје 2014 во земјава, антиквизацијата, ставањето на евроинтеграциите на задна клупа од страна на актуелната власт и незаинтересираноста за решавањето на проблемот со името.

Последното истражување покажа дека Австријците генерално се многу скептични кога станува збор за влез на некој евентуален нов кандидат како земја членка на ЕУ по влезот на Хрватска.

Прашање од долниот графикон: Дали влезот во ЕУ на следниве земји би го поздравиле (begrüßen), сеедно ви е (egal) или би го одбиле (ablehnen):

- Ниедна од земјите кои сакаат да се зачленат во ЕУ нема да биде поздравена од мнозинството Австријци. Одобрувањето за понатамошното проширување на ЕУ опаѓа – изјави во таа прилика претседателот на здружението, Паул Шмит.

Најголема одбивност има кон пристапувањето на Албанија, Косово и Турција, но Австријците не сакаат ни БиХ, ни Србија, ни Црна Гора да се приклучат кон ЕУ во блиска иднина, а ист е случајот и со Македонија во ова последно истражување.

Целото истражување можете да го погледнете овде (Adobe Acrobat датотека за преземање - на германски јазик).

Извор: anfas.blogspot.de