1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Скопје, 28 јуни 2013
Високи официјални лица од ЕУ во разговор за Пара вести потврдија дека Македонија нема да влезе во Европската унија сè додека не се реши проблемот околу душата со Грција.
Тие побараа поголема конструктивност и кооперативност од македонската страна, која тврдоглаво дозволува да ѝ биде одземено сè, освен нејзината душа, која Грција ја смета за своја.
„На македонскиот народ можат да му земат сè, и човековите права, и зелените површини, и слободата на медиумите, и приватноста, и правната држава, и развојот, и достоинствениот живот... само душата не можат да му ја земат. Не ми е лесно да ја водам државата во вакви услови, ама што да правам... Таква ми била судбината, да имам таков мандат“, изјави премиерот Никола Груевски во интервју за Daily Soul.
Тој додаде дека е можно притисокот од ЕУ да се манифестира и преку вадење на Душевната унија за интеграција (ДУИ) од владата, но тоа не го загрижува премногу.
Неофицијално, притисоците околу душата се интензивирале околу Задушница, кога Грција пред странските фактори го изложила аргументот дека во Македонија иредентистички се користи грчкиот збор парастос на помените на гробишта.
Македонскиот премиер го повтори ставот дека ниту една душа не може да му биде наметната на македонскиот народ, ако тој самиот не ја избере на референдум.
„Притисокот е врз нас затоа што не сме единствени. А господ ми е сведок дека со сите сили се трудев да воведам едноумие. Нашата душа е вековна. Се прашувам каде ќе им оди душата на оние што сакаат да ја променат“, поентираше премиерот.
Во меѓувреме, во јавноста зачестуваат повиците за прекин на преговорите за душата, затоа што повеќето граѓани во Македонија немаат ништо материјално, па таа им значи сè.
Слика: Памела Алегрето