Џезот и анимираниот филм (1)

28.06.2013 14:35
Џезот и анимираниот филм (1)

Појавата на звучниот филм без сомнение претставува пресвртна точка во историјата на кинематографијата. Филмот на Ален Кросленд од 1927 година – „Џез пејачот“ (The Jazz Singer) е родоначалник на т.н. говорни филмови (talkies) кои предизвикале пресврт во начинот на размислување и на перцепција кај кино-гледачите и на тој начин го револуционизирале медиумот. Но додека американската филмска индустрија по фасцинантниот успех на „Џез пејачот“ со задоволство ја прифатила оваа иновација, студијата за анимација ја дочекале со поделени чувства. Волт Дизни и Макс Флајшер биле многу заинтересирани за анимација на звукот, но Пет Саливан категорично се спротивставил, па дури и ја прекинал продукцијата на серијалот „Мачката Феликс“ (Felix the Cat) во 1929 година. Меѓутоа, веќе наредната година, иако неволно, тој започнал да додава звук на претходно направените неми цртани филмови од овој серијал.

„Парабродот Вили“ (Steamboat Willy) со главниот лик Мики Маус бил првиот звучен филм на Дизни, а се појавил во 1928 година. Првиот музички цртан филм од студиото на Дизни, „Танц со костурите“ (Skeleton Dance), во кој костурите играат на музиката на Dance macabre од Едвард Григ, се појавил во 1929 година. Со овој анимиран мјузикл се отвара серијалот познат под насловот „Смешни симфонии“ (Silly Simphonies), со кој започнува новата ера на звучните анимирани филмови. Тие на публиката ѝ ги нуделе препознатливите звучни кулиси од холивудските филмови, па така и нивниот комерцијален аспект сè повеќе доаѓал до израз.

Впуштајќи се во беспоштедната трка за наклонетоста на публиката (како и за што поголем профит) „Warner Brothers Pictures“ ги создаваат анимираните серии Loonie Tunes (1930) и Merrie Melodies (1931) во копродукција со Хју Харман и Рудолф Ајзинг. Уште од насловите на овие серијали може да се заклучи дека музиката има неверојатно важна улога. „Warner Brothers Pictures“ ја употребува музиката за која има авторски права, поврзувајќи ја на тој начин креативноста на своите аниматори со индустријата на грамофонските плочи и на радиото како сеприсутни медиуми.

И иако било само прашање на време кога џезот ќе се најде помеѓу музичките теми на раните звучни цртани филмови, интересно е да се напомене дека во филмовите како Jungle Jazz, King of Jazz, The Jazz Fool, Congo Jazz, Jazz Mad, и покрај ваквите наслови, речиси воопшто не е застапен џезот. Зборот џез бил „шифра“ која на гледачите им ветувала непредвидлива и интересна забава, бидејќи во 20-те и 30-те години во Америка џезот бил синоним за дива забава, често и зад границите на пристојноста.

Дами, заводнички и хероини

Агентот Еди Валијант (кој го толкува Боб Хоскинс) не ни помислува кој се крие зад името Џесика Ребит, чиј настап го очекува во ноќниот клуб. Кога на сцената ќе се појави една црвенкоса femme fatale со бујно деколте во блескав фустан и со сензуален глас и кога ќе почне да ја пее “Why Don’t You Do Right“, тој ќе остане без здив. Но пред тој шок тој ќе доживее и уште едно изненадување при средбата со некогашната дива која одамна ја нема видено, и чиј сексапил во споредба со Џесика делува наивно, речиси скромно - се работи за Бети Буп. Таа е сега продавачка на цигари и пури во ноќен клуб. „Бети? Што правиш овде?“ прашува зачудениот Валијант. „Работата не оди толку добро како некогаш“, одговара таа, „откако цртаните се во боја...“ Но таа е сè уште онаа старата, додава и со мазен глас ја отпејува својата trade mark реплика: „Бупупидуп!“ Оваа сцена од играно-анимираниот хибрид на Роберт Земекис „Кој го намести Зајакот Роџер“ (Who Framed Roger Rabbit) од 1988 година нè враќа во минатото пред повеќе од половина век, кога госпоѓицата Буп била на врвот на славата.

Who Framed Roger Rabbit: Jessica's Famous Scene

Во филмот „Малата заводничка“ (Minnie The Mocher) од серијалот Talkcartoon од 1932 година, браќата Макс и Дејвид Флајшер прикажуваат една млада девојка која бега од дома бидејќи престрогите родители не ги разбираат нејзините желби. На неизвесниот пат таа завршува во мистериозна пештера. Тука таа и нејзиниот пријател Бимбо се сретнуваат со привидот на еден морж кој започнува да го пее големиот хит „Minnie The Mocher“ од Кеб Келовеј. На овој начин браќата Флајшер отвораат ново поглавје: пред нив ниеден продуцент не ги засновал своите ликови врз вистински Афроамериканци. Додека претходните ликови се базирале на потретите на лицата кои можеле да се сретнат во селските кафеани и салите за танцување, како и на фармите, своите нови ликови Дејв Флајшер ги барал во „Cotton Club“, односно во епицентарот на ноќниот живот во Харлем кој во тие години ја живеел својата златна епоха. Тој ја искористил огромната популарност на луцидниот Кеб Келовеј и на неговиот оркестар, како и на неговите атрактивни настапи. Црните изведувачи веќе не носеле кловновски костуми, ниту зборувале со своите „црнечки дијалекти“, туку биле прикажувани како претставници на сопствениот етницитет кој се изразувал со урбан колоквијален говор.

Betty Boop's - Minnie The Moocher (1932)

Уште една новина во пристапот на Флајшер е и приказот на потенцијалните меѓурасни сексуални врски. Црните изведувачи од цртаните филмови за Бети Буп го претставуваат она „другото“, можноста за остварување на табуизираните желби, можност која има ослободувачки ефект врз белците. Присуството на Бети го симболизира мешањето на расите, што во тоа време било навистина смела замисла, добро камуфлирана со сексипилот на главната хероина. Тоа е добро претставено во филмот „Старецот од планината“ (The Old Man of the Mountain, 1933) каде што храбрата Бети се соочува со страшниот џин, но на патот кон неговата пештера сите мажи на кои наидува се привлечени од нејзините облини. Се разбира, Кеб Келовеј го „глуми“ старецот кој со заводливата Бети изведува страстен вокален дует. Аниматорите на Флајшер дале сè од себе за да ја доловат играта на Келовеј, ротоскопски верно пренесувајќи ги сценските движења на неговите карактеристично искривени нозе, но и дополнителната карактеризација: преку минуциозното анимирање на очите, но и на движењата на усните, со цел што поавтентично да се прикаже неговиот специфичен начин на пеење. Во овој филм еден црн музичар за прв пат има и реплика. Кога Бети во еден момент го прашува: „What’cha gonna do now?“ , старецот одговара со гласот на Келовеј и вели: „Gonna do the best I can.“

Betty Boop 1933 Cab Calloway "The Old Man Of the Mountain"

За тоа колкава била популарноста на овој црн музичар сведочи уште еден филм од серијалот цртани за Бети Буп – тоа е филмот „Снежана“ од 1933 година. Во најавната шпица стои дека Келовеј ја изведува нумерата „Болницата на Свети Џејмс“ (St. James Infirmary). За потребите при изведбата на позната балада која и денес се наоѓа на репертоарите на многубројни блуз и џез музичари, придружникот на Бети, кловнот Коко, се претвора во дух и ја раскажува приказната за својата мртва сакана, која аниматорот Роланд Крендел ја преточил во живи, експресивни слики.

И популарноста на Луис Армстронг била значајна, иако на неговите настапи им недостасувал лудистичкиот аспект, карактеристичен за изведбите на Келовеј. Во филмот I’ll Be Glad When You’re Dead, You Rascal You (1933) постои сцена во која отсечената глава на канибал ги прогонува другарите на Бети. Набрзо главата на опасниот дивјак се трансформира во онаа на Армстронг, но таа е сега анимирана. Луис Армстронг – човекојадец? Дејв Флајшер се инспирирал за овој филм од кратката филмска бурлеска „A rapshody in Black and Blue“ на режисерот Орби Скот, а во продукција на „Paramount Pictures“, каде што Армстронг, полугол, облечен во леопардова кожа, ja пее „I’ll Be Glad…“ во измисленото царство Џезманија. На почетокот на филмот, веднаш по шпицата (како и во останатите филмови на Флајшер во кои се појавуваат џез музичарите, како Келовеј, браќата Милс, Етел Мерман, Дон Редман) следува филмски запис од настапот на Армстронг со неговиот бенд, со што филмот бил сметан и за своевидна реклама за музичарот.

Betty Boop Cartoon No 07 I'll Be Glad When You're Dead You Rascal You

Кон средината на 30-те во студиото на „Paramount Pictures“ започнале да пристигнуваат поплаки за филмовите со Бети Буп. Сè почесто биле нагласувани непристојните и ласцивните сцени, а сексот и џезот биле сметани за потенцијална опасност поради нивното негативно влијание на младите луѓе. Претворањето на Бети во домаќинка, придружувана од кученцето Паџи, значело по секоја цена да се елиминира „црната“ опасност од опкружувањето. Флајшер престанал да ги ангажира црните џез музичари. Но и да не се огласеле чуварите на јавниот морал, повторно би била донесена истата одлука, бидејќи кон половината на 30-те завршува „Ренесансата на Харлем“, а огромен бран од големата економска криза го претворил во гето овој кварт кој некогаш го претставувал срцето на Њујорк.

Во новонастанатиот контекст повеќе не било пожелно да се популаризира „црната“ музика, бидејќи социјалната беда очигледно била многу понеморална од дамите кои се врткале во своите мини здолништа и кои со заносен, шеќерен глас говореле: „Бупупидуп!“

(продолжува)

Извор: Градац 183-184

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото