Малтешкиот сокол

28.06.2013 15:24

Толку сме опседнати со политика што деновиве целата земја наликува на берберница. А како што вели големиот виенски циник, Карл Краус, разговорите кај бербер, особено оние политичките, најсликовито покажуваат дека главите на луѓето им служат само заради косата.

Сега за сега, сепак - иако навистина заслужуваат респект и архивирање количеството будалштини што излегоа последниве месеци по повод проблемот со името - шегата ќе ја оставиме настрана.

Ако, значи, ги занемариме апсурдноста, па и комичноста на спорот, се чини дека во моментов е најважно да го сочуваме националното единство во однос на најавената промена на името на нашата држава. Во која и насока да тргне бродот, тој ќе се движи само со нашата поддршка на курсот. Не можеме, или барем во моментов не би требале да влечеме во две спротивни насоки кои ќе го парализираат реалното политичко, па ако сакате и историско движење.

Конкретно, тоа значи да престанеме меѓусебно и „берберски“ да се обвинуваме за „предавници“, од една страна, и „антизападни фанатици“, од друга. Што и да реши „раководството“ (кое не влева претерана доверба, но кое сепак успеа да се издигне над мизерните партиски фрустрации со кои без престан сме заплиснати), постојат доволно причини солидарно да застанеме зад таа одлука пред сè зашто веродостојноста на таа одлука токму произлегува од нашиот консензус.

Се разбира, потребата од консензус не значи дека во оваа фаза, на донесување одлука, не се потребни сета критичност и имагинација што ги имаме на располагање. Интересното и тешкото е што и за двете одлуки пред кои сме исправени постојат многубројни сериозни аргументи (едната е конечното историско „запишуење“ на Македонија на Запад, па и по цена на повредено достоинство; другата е останувањето во еден несигурен простор кој се вика „исток нè отпишуе, запад не нè запишуе“).

Мојот избор е јасен: промената на името не треба да биде голема национална траума. Нашата фиксираност токму за уставната формулација на името нè оневозможува да дофатиме некои пошироки импликации од целото прашање (патем, станува збор за устав кој секој момент го менуваат те грчки ембарга, те вооружени етнички банди, те партиски ловци во матно, те дилетанти-правници...); освен тоа, нашата фиксираност врз драмата со името многу често не е многу различна од грчката, сите се согласуваме, сосема поместена опседнатост со зборот „Македонија“.

(Не велам дека ние сме „поместени“ зашто си го браниме неприкосновеното право на самоопределување; велам дека ирационалноста што ја создава спорот е заразна и самообновувачка; во психологијата, на пример, е познато дека најсилната тенденција кон трајно взаемен поглед постои во услови на интензивна омраза и интензивна љубов; има еден друг генијален афоризам на Карл Краус кој неочекувано, со многу отровен дух, фрла поинаква светлина на шовинизмот: „Кај шовинизмот не е толку несимпатична одбивноста кон другите нации, туку љубовта спрема сопствената“; заради тоа се толку убедливи и „самогенерирачки“ грчкиот и македонскиот национализам: тие имаат безброј силни аргументи за одвратноста на оној другиот, но сопствената грдост во огледалото им е недостапна.)

Консензусот во моментов ни е потребен не како некаква насилна хомогенизација околу осетливи прашања, туку како демократско начело: вакви работи не се решаваат со надгласување и со демонизација на спротивномислечките. Освен тоа, промената на името на државата може да послужи за она што одамна ни треба, а што не го направивме во доволна мера 1991 година: јак симболички чин, своевидна „метафоричка кондензација“ на едно пообемно реструктуирање на целокупниот општествен простор.

Во славниот роман на Дашиел Хамет, „Малтешкиот сокол“, главниот лик, приватниот детектив Сем Спејд (кого во уште пославниот филм го глуми Хемфри Богарт) раскажува како еднаш бил изнајмен за да пронајде некој маж кој ненадејно ги напуштил и работата и семејството – и исчезнал. Спејд не успеал да му влезе во трага, сè додека, неколку години подоцна, сосема случајно не го затекнал во бар во некој друг град. Под друго име, човекот водел живот кој бил речиси идентичен со животот од којшто избегал: работел обична здодевна работа, бил оженет и имал деца. Меѓутоа, наспроти сета сличност, човекот бил убеден дека новиот почеток не бил залуден и дека требало да се прекинат сите некогашни врски и да се почне одново...

Мојот во последно време омилен филозоф, Славој Жижек, приказнава од филмот ја споредува со преминот од социјализам во капитализам на источноевропските земји: наспроти изневерените очекувања нешто важно сепак се случило... Иако можеби неподносливо голем број работи останале исти, невклопени во „новиот систем“, сепак се случило одредено поместување, процеп, „метафоричка кондензација“... Со промената на името, сега ќе имаме можност уште еднаш благо да го поместиме нашиот колективен перископ и да направиме нови мапирања на компликуваниот регионален и поширок простор...

Иако, сè на сè, навистина нема потреба од големи драматизации. Да повторам уште еднаш, за крај: дури и ако го постигнеме тешко достижниот национален консензус (што е уште еден тест на зрелост), работите нема да се превртат на глава. За само десетина дена сите ќе се увериме дека светот ќе остане сосема ист и после самитот во Букурешт. Приемот во НАТО и набрзо, да се надеваме, во ЕУ, за Република Македонија нема да ги промени работите од корен, но ќе претставува снажен сигнал за нас самите, дека можеме да бидеме подобри и побрзи, но и порамноправни со другите европски држави.

Фотографиите се од филмот The Maltese Falcon (1941)

Извор: „Утрински весник“, 24.03.2008.

ОкоБоли главаВицФото