Како безболно да раскинете

29.06.2013 14:02
Како безболно да раскинете

Дека врските имаат и тешки мигови, гледаме кога доаѓа време за раскинување. Предизвик е да оставите некого, а да не го повредите. Ние ве советуваме како да раскинете на што побезболен начин.

1. Променете го статусот на врската на Фејсбук

Ова е многу ефикасен начин, затоа што дури и ако вашиот партнер во тој момент не е пред компјутер, сигурно некој од бројните пријатели ќе му јави за раскинувањето или ќе почне да се распрашува што се случило. Клучно е да не избришете само дека сте во врска со него, туку и гордо да ставите дека сте „соло“.

2. Појавете се со новото момче

Кај овие методи е важно вашето ново момче да е покрупно од старото или барем да има повеќе другари. Доколку вашето ново момче е значително поситно од поранешното, не е на одмет да спомнете дека неодамна излегло од затвор.

3. Испратете му порака

Ако сте „личност од смс“, ова е вистинскиот медот за вас. Немојте премногу да кружите, испратете му што пократка порака. Таа може да биде и одговор на некоја негова порака, на пример: „Душо, кога ќе одиме во кино“, а вие: „Не знам, јас би сакала да раскинеме“.

4. Закачете му песна за раскинување на Фејсбук

За среќа, овде имате широк избор на песни, а вие потрудете се да најдете некоја која е по негов вкус. Ви ја препорачуваме „Babe I’m Gonna Leave You“ од Лед Цепелин, а ако не разбира англиски добро, може и „Растајемо се ми“ од Мухарем Сербезовски.

5. Правете се дека не го познавате

Повеќе немојте да го поздравувате кога ќе се сретнете. Вие и вашите пријатели правете се дека не го познавате. Ова вклучува и нејавување на телефон и неодговарање на пораки. Правете се како тој во својата глава да измислил дека бил во врска со вас и сè ќе ви биде полесно.

6. Кажете дека во општина сте резервирале датум за венчавка

Кај овој случај, вие всушност чекате тој да ве остави вас. Ова може да биде различно, затоа што има жени кои тврдат дека некои мажи едвај чекаат да ги оженат. Се надеваме дека вие не сте толкав баксуз да сте налетале баш на таков, а ако сте налетале, секогаш можете на денот на венчавката да искористите некој од претходните предлози.

Извор: njuz.net