Која е следната етапа за ЛГБТ движењето?

29.06.2013 14:51
Која е следната етапа за ЛГБТ движењето?

По историската победа за ЛГБТ правата во САД, извојувана во средата со одлуките на Врховниот Суд, која е следната фаза за ЛГБТ движењето?

Поддржувачите на правата на ЛГБТ луѓето велат дека имаат свежа енергија и надеж по одлуката на Врховниот Суд во САД да го укине федералниот закон DOMA (Defense of Marriage Act) со кој досега бракот се одредуваше како заедница составена од еден маж и една жена, што го отвори патот кон легализација на истополовите бракови во што повеќе држави во САД.

Тие сметаат дека треба во што поголема мера да се искористи атмосферата која е актуелна овој период, со цел да се разрешат прашањата во однос на дискриминацијата на ЛГБТ лицата на работните места, прашањата за имиграцијата, како и состојбата поврзана со малтретирањето на ЛГБТ децата во училиштата.

„Ова е апсолутно историски момент. Ова е огромна победа“, вели Џоди Хакаби, извршен директор на здружението „Родители, семејства и пријатели на лезбејките и геј мажите“, познато како PFLAG. „Ова најверојатно е нашата пресвртна точка“.

За луѓето како Хакаби, кој е предводник на здружението кое има повеќе од 360 ограноци низ целата територија на САД, она што се случи во средата, на 26.06.2013, беше возбудливо, но не и целосно неочекувано.

Врховниот суд го укина DOMA

Вистина е дека во повеќето држави истополовите бракови сè уште се забранети, благодарение на спроведувањето на популарните референдуми. Вистина е и дека федералната влада и поголемиот број од државите немаат закони со кои се заштитуваат правата на геј, лезбејските и трансродовите работници/чки.

Но луѓето сè повеќе ги прифаќаат промените кои сега се случуваат.

Во 1970-те, јавните анкети покажуваа дека повеќето Американци веруваат дека хомосексуалните врски помеѓу двајца свесни и возрасни луѓе се морално погрешни – став кој опстојувaше сè до почетокот на XXI век, како што истакнува Китинг Холанд, задолжен за испитувањето на јавното мислење во рамките на анкетите кои ги спроведува CNN.

Како своевиден контраст, најновите интернационални анкети на CNN/ORC покажуваат дека 55% од Американците ги поддржуваат истополовите бракови, за разлика од 11% од 2008 година.

Гласачите од три држави ги одобрија примените на мерките за легализирање на овие заедници во ноември 2012 година.

Многубројни компании и организации ги применуваат мерките со кои се забранува дискриминацијата заснована на сексуалната ориентација, за разлика од законите во повеќето држави, според кои лицето сепак може да биде отпуштено од работа, доколку се докаже дека има хомосексуална ориентација. Во две од најгледаните телевизиски серии во Америка, „Modern Family“ и „Glee“ дел од ликовите се отворено геј.

Вилсон Круз беше еден од првите актери кои глумеа геј ликови во 1990-те, кога ја играше улогата на геј тинејџер во серијата „My So-Called Life“ на ABC.

Укинувањето на калифорнискиот Предлог 8

„Но нештата се сменија оттогаш. Американците запознаа голем број геј маж и лезбејки, без разлика дали тие беа нивните роднини, соседи или ликови од ТВ сериите“, вели Круз.

Тој смета дека одлуките на Врховниот Суд за укинување на делови од федералниот закон за одбрана на бракот како и за расчистувањето на патот за легализацијата на истополовите бракови во Калифорнија ќе придонесе за проширување на движењето.

„Навистина верувам дека отсега нештата ќе одат на подобро“, вели тој. „Не се обидувајте да застанете на патот на напредокот, бидејќи тој ќе ве порази“.

Истополовите бракови сè уште се нелегални во повеќето од државите

Теди Витерингтон конечно може да започне да ја планира својата венчавка. Тој и неговиот партнер живеат во Сан Франциско, каде што истополовите бракови отсега (и повторно) ќе бидат легални. Витерингтон е Британец, но живее во САД последниве 16 години. Тој прво бил еден од организаторите на ЛГБТ Парадата на Гордоста во Сан Франциско, а сега е задолжен за маркетингот во здружението на „Поддржувачи за спречување на дискриминацијата на работните места“.

Тоа што се случи во средата, го прави многу среќен и горд на овој свој втор дом. „Како интернационален граѓанин, навистина сум многу благодарен што сум сведок на една од најдобрите одлуки во оваа држава“, вели Витерингтон. „Ова е навистина прекрасно“.

Сепак, иако тој и другите ЛГБТ активисти ги оценуваат одлуките на судот како една голема победа во борбата за еднакви права, тоа не значи дека борбата е завршена.

Околу 70% од сите Американци живеат во 37 држави каде што истополовите бракови не се легални, а се чини дека тоа нема ни да се случи наскоро.

Објаснувајќи ја одлуката која штотуку ја донесе, судијата Ентони Кенеди рече дека една од причините поради кои федералната влада е принудена да ги признае истополовите бракови кои веќе се легални на некои места е фактот дека секоја посебна држава мора самата да одлучува за брачните закони.

Навистина е поверојатно тоа да се случи сега, отколку пред неколку години, рече Мајкл Кол-Шварц, претставник од Здружението за заштита на човековите права.

Поддржувачите на ЛГБТ правата се научија да ги организираат своите кампањи, носејќи го во центарот на вниманието фактот дека луѓето сакаат да бидат заедно, а не потенцирајќи го тоа дека се работи за нивните права и привилегии, вели тој.

„Навистина треба да се фокусираме на причините поради кои тие сакаат да се венчаат: тоа е така затоа што тие се сакаат“, вели Кол-Шварц. „Тоа помогна да се промени насоката на дискусијата“.

Работното место како бојно поле во ЛГБТ борбата

Одредбите за правата на граѓаните ги спречуваат работодавачите да ги дискриминираат луѓето врз основа на нивната раса, боја на кожата, религијата, полот или националната припадност.

Но не и врз основа на нивната сексуална ориентација.

Според одредбите на федералниот закон, тоа значи дека не може ништо да се направи доколку некој биде отпуштен од работното место само поради тоа што е хомосексуалец.

Има 21 држава во која постојат заштити од овој закон, но во 29 од нив не постојат никакви прописи кои можат да му се спротивстават на овој закон. Во 34 држави, работодавците можат слободно да ги отпуштаат трансродовите лица.

Активистите се обидуваат да го променат ова. Витерингтон укажува на постоењето на предлог-законот за спречување на дискриминација на работното место, кој треба наскоро да биде претставен пред Сенатот, нарекувајќи го „значаен момент“ за промената на федералните политики.

Овој предлог засега има 53 поддржувачи, а за да биде прифатен ќе бидат потребни 60 гласа, доколку Републиканското малцинство го одбие.

Селис Бери, основачка и извршна директорка на здружението на „Поддржувачи за спречување на дискриминација на работните места“, вели дека верува дека овој предлог-закон кој им нуди дополнителни заштити на ЛГБТ луѓето ќе биде прифатен. Големата прифатеност на движењето во општеството ја зголемува нејзината надеж, вели таа.

„Секогаш кога луѓето ќе станат свесни дека и ние сме само човечки суштества, тоа е огромен чекор за нас“, вели Бери. „А сега, сè повеќе и повеќе луѓе отворено ја искажуваат својата сексуална ориентација. Луѓето сфаќаат дека ние сме исти како сите други, што го придвижува движењето.“

Вашингтон треба да ги следи одлуките на корпоративна Америка. Најголемиот дел од 500-те најпрофитабилни американски компании веќе имаат воведено прописи според кои геј мажите, лезбејките и трансродовите лица се заштитени во истата мера, и ги уживаат истите права како секој друг вработен.

Зошто? Затоа што го разбираат значењето на задржувањето на луѓето кои најдобро си ја извршуваат работата, без разлика на нивната сексуална ориентација. „На крајот, тоа е она најважното“, вели Бери.

Пречките пред ЛГБТ движењето не се несоборливи

Постојат и други нешта кои се на листите со проблеми на ЛГБТ активистите.

Тие сакаат реформи на мерките за имиграција, како и подеднаков законски третман на истополовите партнери со оној на хетеросексуалните парови.

Сакаат побезбедни улилишта, при што младите луѓе би биле заштитени од закани, повреди и секаков вид насилство.

Во истиот момент, тие се свесни и дека „трансродовите луѓе не ги уживаат сите придобивки кои им се достапни на геј мажите и лезбејките во нашата заедница“, како што вели Кол-Шварц.

„Начинот на кој медиумите говорат за трансродовите лица е секогаш обележан од насилството и стапката на самоубиства, но тоа не се единствените приказни“, вели Круз, додавајќи дека во делови од Америка луѓето сè уште не ги знаат и не ги разбираат овие луѓе.

Поинаку кажано, дури и по одлуките на Врховниот Суд, сè уште постојат многу нешта кои активистите треба да ги направат.

А да се направи тоа, значи да се „сподели колективната енергија“ на луѓето со секакви сексуални преференци, кои ги делат овие вредности, вели Хакаби. Ова движење не треба да се одвива само во ходниците на Конгресот, туку и во продавниците и кафулињата на улиците.

„Ја познавам моќта која произлегува од споделувањата на индивудуалните пораки од луѓето кои се подготвени да зборуваат“, вели Хакаби, кој пораснал во Луизијана и има седум браќа и сестри, од кои три се хомосексуалци, како и самиот тој, додека четворица се хетеросексуалци. „Овие предизвици не се несовладливи“.

Т.Џ. Вилијамс навистина сака да придонесе за борбата, да се здружи со другите, работејќи напорно и да помогне.

Тој е апсолвент на Факултетот за теолошки студии во Илиноис, а се бори против сиромаштијата, против насилството со огнено оружје кое е многу распространето во делови од Чикаго и е застапник на концептот за достапно образование.

„Она за кое сум најзаинтересиран е создавањето единство помеѓу сите кои се залагаат за правда и за еднаквост“, вели тој.

За него, овие нешта и борбата за ЛГБТ правата се блиско поврзани.

Извор: CNN