1022 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 16:59
До Роберто Беличанец, последен поздрав
од Владе, Геро, Жарко, Мерсел и Коља
Планина
Има еден слој врз душата:
со нокти би го гребел,
со еге би го стругал,
би го стружел со ноже како лишај на карпа.
И да се случи
дури со волк да се здавам,
да го преколам,
и да сум здивен сосем —
пак таа скрама!
Планино, рамна рудино,
планино со два огромни колка,
ништо не лекува,
само нè слекува
до основната болка.
Дон Кихот
Во светов, на бескрајниот фронт,
му дале и нему сектор,
да крепи, да брани:
едно местиште проклето,
поле поделено на непомирливи страни,
од едната — тој жалосен Хектор.
Не зовре во тие тревишта и тињи
пукот на битка.
Свињи
со ситни го смачкаа копитца,
го столчија како лук, со толчник;
бишки
мав го сторија —
за други, на други боишта, божем со слава
да прават историја.
Дојрански ветришта
Еве ја пак во ноќта таа здивена сурија
топот на безброј коњи,
на безброј камшици фучење.
Некаква мртва војска во поднебесната јурија
воскреснува,
некакви мрачни водопади се рушат в понор со бучење.
Залудно свеста сега ќе поставува бедеми
и ќе внесува смисла во нерасчленетата порака.
Налетот малку ќе папса, па уште посилно бувнува,
и душата е пред него немошна и голорака.
И не помага веќе пред разбеснетата фортуна
оној оклоп од измами и оној штит од лаги
со кои човек се крие пред себе и пред другите,
и за нужниот живот затира сушност и траги.
И нема спас ни во сонот
што закани го ништат,
самиот ќе се презреш
поради своите сништа.
Соголен сосед, до живо, те граба мрачната стихија,
и како лист те носи, и како мивка те гази,
и страв, страв, страв полазува последна жилка,
по коски лази.
Некаков улав кикот ноќта ја извиличува -
и веќе не бучи ветрот,
ами совеста бичува.
Разделба
Нам ни е дадено за ден да сакаме
и пак на разделба тажни да бидиме,
и пак си велиме: не заборавај ме! -
а може никогаш да не се видиме.
Пат ќе ни препречат мостој соборени,
пат ќе ни препречат градој изгорени,
пат ќе ни препречи куршумот в чело.
И пак сме можеле тажни да бидиме,
и пак си велиме: не заборавај ме! -
а може никогаш да не се видиме.
Обврска
Сфати ја со сета сериозност
оваа обврска,
уште посилна дека заемна:
и без да го знаеш досега тоа
ние сме се задолжиле да го чуваме
споменот еден за друг.
Ќе минат сите површни оддалечувања,
ќе дојде час на враќање
кон загубеното,
за да се згрее душата макар малце
на него,
како што исѕемнатиот ги грее рацете
На жив жар, под распретаната пепел.
Фотографии: Ејми Вајс