Назад во феудална Европа

01.07.2013 09:36
Назад во феудална Европа

Дали економските мерки неопходни за зачувување на еврото се сè уште компатибилни со демократијата? Грчката државна радио-телевизија е основана по падот на воената диктатура. Минатиот месец, грчката влада (спроведувајќи ги наредбите на ЕУ) одлучи да го затвори овој сервис без одобрување на парламетот (види Where Syriza stands). Пред грчките судови да ја поништат оваа одлука, Европската комисија можеше да се потсети на одредбите за јавниот сервис во Амстердамскиот договор од 1997, во кој се наведува дека „системот на јавно емитување во државите членки е директно поврзан со демократските, општествените и културните потреби на секое општество и потребата од зачувување на медиумскиот плурализам“. Меѓутоа, таа ја поддржа постапката на грчката влада, наведувајќи на 12 јуни дека затворањето „треба да се гледа во контекст на крупните и неопходни напори кои властите ги преземаат за да ја модернизираат грчката економија“.

Европејците знаат сè за уставните проекти кои се протуркани и покрај фактот дека граѓаните ги одбија на референдум. Ги паметат кандидатите кои, откако ветија дека ќе испреговарат нови услови на договорот, го ратификуваа истиот тој договор без менување на ниту една запирка. На граѓаните на Кипар државата за малку ќе им ја украдеше заштедата.[1] Но ова е уште поголем стрмоглав пад: Европската комисија ги мие рацете од укинувањето на единствениот грчки медиум кој не е во посед на бродосопственичките магнати, бидејќи така веднаш ќе бидат отпуштени 2.800 работници во јавниот сектор, кој Европската комисија отсекогаш го презираше. На тој начин Грција ќе може да ги исполни условите за отпуштање кои тројката[2] ги наметна на државата со 60% невработени млади луѓе.

Оваа промашена преданост коинцидира со објавувањето на доверливиот извештај во американските медиуми во кој ММФ признава дека мерките наметнати во Грција во минатите три години резултирале со „забележливи неуспеси“. Дали грешките се просто последица на премногу оптимистичките предвидувања за раст? Веројатно не. Како што Wall Street Journal го толкува овој преопширен документ, ММФ признава дека „итното реструктуирање на грчкиот долг би било поевтино за европските даночни обврзници, бидејќи приватните доверители целосно се исплатени две години пред 2012 со парите кои Атина ги позајми. Грчкиот долг така остана недопрен, но тој сега треба да се плати на ММФ и на даночните обврзници од еврозоната наместо на банките и хеџ фондовите“.[3]

Шпекулантите се извлекоа, а не изгубија ниту цент од кредитите кои ѝ ги дадоа на Грција по астрономски каматни стапки. Очигледно, таквата уметност на ограбување на европските обврзници во корист на хеџ фондовите ја квалификува тројката да го подложува грчкиот народ на мачење. Има и болници, училишта и универзитети кои би можеле да се затворат без никаков отпор. И тоа не само во Грција: единствено со такво жртвување Европа ќе може да ја одржи својата позиција во триумфалниот марш во новиот среден век.

Извор: Le Monde diplomatique
Слики: Пауло Зербато

 


[1] Види Серж Халими, „Сега сè е можно“, април 2013
[2] Европска унија, Меѓународен монетарен фонд и Европска централна банка
[3] IMF Concedes It Made Mistakes on Greece, The Wall Street Journal, 6. jun 2013

ОкоБоли главаВицФото