Пиво

01.07.2013 09:34
Пиво

ГЕМ клубот во Старата чаршија во Скопје, како простор за дебати, ја има таа предност пред другите слични простори во градот што се наоѓа – над кафеана („Менада“). Пред извесно време таму се одржа една работилница поврзана со човековите права, во која учествуваше и авторот на овие редови. Кога љубезниот кафеански персонал ме запраша што ќе се напијам, јас во тоа жешко попладне прашав дали е можно да добијам голема кригла ладно пиво. Келнерката рече дека е можно, ама организаторите помислија дека е непристојно на работилницата да фигурира и - едно пиво. Не дека нешто особено се бунев, ама забележав дека, покрај забраната за пушење, која, ајде, е законска обврска, а со пушењето, ете, ги загрозувам туѓите (непушачки) човекови права, ова е директен напад врз моето право да ја изгаснам жедта со пиво. Од друга страна, се разбира, на работилницата беа дозволени сите можни варијанти на кафе. И тогаш се отвори таа дилема – зошто е кафето побенигно од пивото? И зошто не е безобразно да се пие кафе, а е безобразно човек да испие едно пиво? Како и да е, јас го добив своето пиво, закамуфлирано во голем керамички филџан за кафе (ете можност за јавна благодарност до љубезната келнерка Бети, која ја сфати мојата потреба).

За разлика од кафето, на пример, пивото во голем дел од светот се третира како храна, а не како алкохол (барем во количества до еден литар). Пивото, малкумина тоа го знаат, е трет најпопуларен пијалок на светот, а кафето е дури после него. Првите два се, јасно, водата и чајот. И на крајот, пивото, кое дефинитивно е овдешниот национален пијалак (а не виното и ракијата, како што обично се мисли) е, повторно за разлика од општото врежано мислење, типичен градски, односно урбан пијалок.

Пивото е, имено, директно одговорно за појавата на населеното место што денес го нарекуваме град. За разлика од виното, на пример, кое човекот открива по природен пат (природна ферментација на овошјето), пивото, ако може така да се каже, е производ на умот. Тоа е, значи, практично првиот индустриски производ, а индустријата е придвижувач на урбаниот живот.

Токму затоа, многу сериозни научници влијанието на овој човеков пронајдок го споредуваат со влијанието на појавата на тркалото (сепак, што би рекол еден циник, пивото е поголем пронајдок, зашто тркалото не оди толку добро со пица)! Според британскиот публицист Том Стендиџ, пивото е еден од најодговорните елементи за создавањето на човековата цивилизација. Имено, токму овој производ ги тера дотогашните ловџии организирано да ги садат првите земјоделски култури (пченицата и овесот) и така да се откажат од својот номадско-ловџиски живот. Имено, номадскиот живот е последица на потрагата по храна, а пред сè на потрагата по чиста вода. Водата бргу се загадува, а пивото кое се прави со превриена вода, е поздраво и подолготрајно (и, се разбира, повкусно). Кога ќе се земе предвид дека од истите житарици се прави и леб (лебот и пивото се две страни од иста медалја, вели Стендиџ), тогаш е јасно пренасочувањето на човекот кон земјоделство. Земјоделството подразбира стационирање на едно место, производство на вишоци храна, кои потоа овозможуваат развој на бирократијата, свештенството, науката и сето она што денес се храни од државниот буџет, односно што е важно за напредокот на цивилизацијата. Така впрочем се создаваат првите градови, вистинската архитектура, сталешката поделеност на општеството, но и – писмото. Фактот дека за пивото не е потребна грнчарија (измислена во 6000 година пред нашата ера), тоа се прави во сламени кошници обложени со глина, само го зголемува значењето на овој, секако, прв индустриски пронајдок. Колкав е неговиот придонес во развојот на цивилизацијата може да се види и од научните претпоставки дека првото вистинско човеково живеалиште (куќа) се појавува пред некои 13 до 15 илјади години, а дека пивото се појавува пред 12 до 13 илјади години!

Инаку, пивото е секогаш и добар барометар на развојот на земјата. Особено на урбаниот развој. Кина, на пример, пред само пет-шест години, имаше потрошувачка од едвај седум литри пиво по глава на жител, а годинава се предвидува потрошувачката да стаса до 50 литри по човек. За стручњаците зголемувањето на потрошувачката на пиво од 50 проценти во Зимбабве е сигурен знак дека оваа земја излегува од повеќедецениската рецесија. Македонија, и покрај фактот што пивото тука е најпродаван алкохолен пијалок, сè уште е во долниот дел на табелата со потрошувачка од околу 30 литри по глава на човек (што сè уште е речиси три пати повеќе од потрошувачката на вино, на пример), што е уверлив доказ за урбаниот развој или поточно за урбаното заостанување во земјата.. Само за споредба, Хрватска, новата членка на ЕУ, има потрошувачка на пиво од повеќе од 80 литри по глава на жител.

Денес владее мислењето дека пивото е пијалок на работничката класа (едно „ѕидарско“), веројатно поради неговата сеприсутност (продажбата на пиво во светски рамки е за четири до пет пати поголема од виното, вториот најпродаван алкохол), непостоењето на строги правила кога и како се консумира, практичната можност да се пие од шише, а секако и поради тоа што после пиење пиво можете слободно да ждригнете, а да не го нарушите бон-тонот. Но, пивото е пијалок и на сината крв. На пример, принцот Чарлс јавно изјавува дека пивото е негов омилен пијалок. Од друга страна, своевремено агенциите забележаа дека Барак Обама својата инаугурација во Белата Куќа ја прославил со чаша пиво. Пред неколу години беше објавено дека е пронајдено најстарото пиво на светот, старо околу 200 години. Станува збор за истражување на еден француски брод, за кој се верува дека потонал во Балтичкото Море некаде меѓу 1800 и 1830 година. На него беше пронајдено и најстарото шампањско, а при извлекувањето на другите шишиња, едно шише напукнало, при што се сфатило дека станува збор за пиво. Пронајденото пиво во водите кај Аландските Острова, во близината на Финска, било подарок на францускиот крал Луј XVI за рускиот царски двор.

Пивото е чест мотив на уметниците од антиката до денес. Особено е тоа важно за француските сликари. „Келнерката“ на Мане е типичен пример на прославата на пивото. Тулуз-Лотрек исто така му обрнува внимание. Конечно, пивото е заслужно за правењето на најдобрите и најубавите светски реклами. Пивото е одраз на единството на современиот свет. Тоа е глобален производ во кој владеат пет-шест големи мултинационални концерни, но кои сепак дозволуваат развој на малите локални пиварници што пивото го бојат со своите регионални карактеристики.

Покрај несомнениот факт дека авторот на овој текст е голем љубител на пиво, постои и една длабока приватна причина зошто токму овој текст е посветен на пивото. Имено, пред некои 10-15 години, кога пишував за демократските капацитети на пивото и за неговата отвореност кон сите слоеви, напишав дека пивото е симбол на компромисот. Кога во кафеана не ви се пие или ви е прерано за некој жесток пијалак, а не ви се даваат пари за сок, тогаш нарачувате пиво. Тоа е компромис. Оваа теза му се допадна на еден млад колега и тоа беше поводот да се запознаеме, на пиво, се разбира, и да отпочне едно колегијално дружење. Многумина деновиве рекоа многу зборови за прерано починатиот Роберто Беличанец. Ете, јас му го посветувам овој текст.

Слики: Edouard Manet

ОкоБоли главаВицФото