Па не сме скакулци!

01.07.2013 14:24
Па не сме скакулци!

Уништи го местото, ќе ги уништиш луѓето

Луѓето најдобро живеат кога секој го знае местото на кое што треба да се наоѓа, кога секој знае каде припаѓа во шемата на работите и што може да постигне. Уништи го тоа место и си го уништил човекот.

Учење „Бене Гесерит“ – „Еретиците на Дина“, Френк Херберт

Постапувањето на владеачката структура спрема непослушните во медиумите е иста како во цитираната изрека: Уништи го местото, ќе ги уништиш луѓето.

Македонските медиуми никогаш не биле имуни на политички притисоци или пак на политички бракови со одредени партии. Но, сепак, долго време се движеа по нагорна линија во смисла на нивна професионализација. Сè додека не удрија во систематската имплементација на една смислена концепција за реструктуирање на медиумскиот систем и негово префрлање од известувачки во убедувачки. Од информирање во пропаганда.

Власта откри дека ако го притиснеш сопственикот доволно јако за други работи – неговата телевизија ќе мора да се подреди на твојот интерес. А инструменти за притисок колку сакаш, и моркови и стапови. И маркички за градба на згради и кривични пријави.

Натаму, самите сопственици со тек на време сфатија дека тој хидрауличен деспотизам може да функционира и внатре во медиумот за обезбедување целосна послушност на новинарите кон сопствениците со закани за отпуштање од работа. Почнаа да ги користат новинарите во пресметки за сопствените бизнис потреби во другите бизниси. Многу малку новинари се спротивставија на овој притисок. Повеќето од нив прифатија да бидат од време на време злоупотребувани за да добијат слобода за работа на други теми. Мислеа: добро, од еднаш не боли... Влегоа во конформизам и не сфатија дека тоа „еднаш“ е преседан кој воспоставува нови правила. Со тек на време се навикнаа. Не ја одбранија професијата зашто пазарот на работна сила со константна 30% невработеност прави огромен притисок за губење на работата. Тие што се спротивставија беа или брзо заменети со почетници или мораа да бараат работа во друг медиум. Овој конформизам одеше до таму што некои од нив толку жестоко си ги бранеа сопствениците на јавна сцена, небаре сопственикот ги навел како единствени корисници во тестаментот. Затоа е целосно можно денес на МРТ да гледате бивши новинари на А1 ТВ кои мртви ладни прават вести со уредувачка политика комплетно различна од таа на А1, но со истиот полет и ентузијазам. Човек просто да се запраша – дали се ова луѓе или андроиди.

Македонската радиотелевизија на која ѝ е наменета улогата да биде јавен сервис, никогаш не стана тоа. Дури ни под закон кој ѝ овозможува целосна автономија таа не успеа да излезе од прегратките на државата. Таа медиумска куќа што во еден нормален медиумски систем требаше да биде репер и поставувач на стандарди денес е Сител 4 и Курир.мк во едно. Таа не стана Јавен сервис зашто ретко кој кај нас го разбира тој концепт. Од политичарите ниту еден. Тие зборуваат за „Национална телевизија“ и „Јавен сервис“ во иста реченица; значи, воопшто не знаат што зборуваат. Тоа е исто како да зборуваш дека ќе правиш снешко на плажа во август.

02.02.2013.

Власта и пропагандата

Македонија, едноставно, е еден коктел на негативни чувства и разочарување од демократијата како уредување. Беше само прашање на време кога некој ќе заигра на месијанската карта. Всушност, обиди за тоа имало и претходно, но постојната политичка структура на власт воведе неколку иновации кои се покажаа како вистинска формула за манипулирање на масите, притоа демонстрирајќи неверојатна доза на политички цинизам и опортунизам.

Крахот во Букурешт, всушност, наместо да го повреди кредибилитетот на владата, уште повеќе го зацврсти. Во моментот кога цела Македонија изгуби, главниот виновник за тоа, премиерот Груевски, всушност, се врати во Македонија како победник. Груевски по Букурешт е пророкот, Давид кој не го победи Голијат туку се подготвува за следниот судир, оној кој што цело време беше во право. Шпанската серија со спорот со името меѓу Македонија и Грција од самиот почеток беше користена во пропагандни цели за константно зајакнување на стереотипот „нас никој не нè сака“ и „ние сме секогаш жртва на неправда“, и на крајот како единствен изговор за неуспешноста на Македонија во евроинтеграцискиот процес.

Од друга страна, пауперизираното население постојано е во потрага по виновници за сопствената состојба и, имајќи го предвид високиот степен на корупција во државата, постојано гладно за внимание заради чувството на заборавеност и невидливост („да не дошол некој да нè види“, „никому не му е гајле како се чувствувам“, „А бе, јас да сум власт, за 24 саати ќе ги наполнам затворите“). Оваа состојба душа дала за манипулација и раководење со помош на пропагандни техники.

13.02.2012.

ВМРО како ПР организација

ВМРО денес од политичко движење е комплетно престроено во ПР организација. Со цврста командна структура, со организациони единици кои задираат до ниво на месни заедници, штабови кои се во постојан контакт со населението. Пренесувачи на пораки на персонално ниво, медиумски јуришници со академски титули кои на целиот спин му даваат медиумски шмек и, што е уште поважно, медиумски производи кои на прв поглед немаат никаква врска со политиката, туку со забава или суеверие. Миленко лејт најт шоу, Јади Бурек и Гласот на народот се денес медиумските топоси преку кои владата комуницира со јавноста! Тоа се нашите „дебатни емисии“.

Таа организација, во суштина, ја среќаваме кај Орвел. Партијата од „1984“ е идеалниот модел кон кој денешното ВМРО се стреми. Самата структура на партијата во пониските слоеви се состои од обични луѓе кои сè што имаат ѝ должат на партијата, па затоа воопшто не им претставува проблем да ги напуштаат довчерашните вистини во име на денешните. Вистината за нив нема никаква вредност. Вистината, всушност, нема никаква вредност за секој оној кој е соочен со морничавото македонско секојдневие и секојдневната битка да се преживее. Затоа, еден новопечен колумнист, кој сосема случајно, еден ден се разбуди како десничар, ќе воскликне „Лебот – тоа е слободата!“ Секој нормален знае дека лебот, всушност, е невидливиот синџир на капитализмот, но во Македонија, нормалноста и онака одамна е луксузна стока!

13.02.2012.

Репортери без медиуми

Прво почна со потплаќање на медиумите преку рекламни кампањи. Па со сатанизација на цели медиуми. Па партијата-режим го дигаше рејтингот на некои шамани и медиумски егзибиционисти преку гостувања на клучните министри и премиерот. После почнаа со затворање на непослушните медиуми. Го ставија МПМ во своја орбита преку операцијата „шише“, Потоа го откупија МПМ преку своите бизнисмени. Па на ред дојде „Алфа“. Во меѓувреме чистат сè што има создадено какво такво име во новинарството. Денес медиумите се полни со Сарми. А репортерите се без медиуми. Оваа деперсонализација на вестите, особено видлива на „Курир.мк“, е симптом кој јасно укажува како новите медиумски господари го гледаат новинарството. Не како авторство, не како потпишан текст или прилог – туку како функција, обезличено до максимум.

02.02.2013.

Ноќи на малите куриња

Очигледно некои наши сограѓани имаат невообичаено хоби. Дење живеат нормални животи, ама навечер негуваат специфичен стил на слобода на изразување. Облекуваат црни качулки, се собираат во група и фрлаат камења и шишиња по туѓ имот. Е сега, не по сечиј имот. Овие наши сограѓани се исклучително селективни. Имено, тие лупаат пенџериња само на оние коишто јавно кажуваат дека љубовта не познава пол.

Сега сите ние треба да прифатиме дека нашите сограѓани со чуден вкус за изразување на своите ставови се во право, а оние на кои им ги кршат пенџерињата не се. Иако едните се силеџии, а другите жртви, ние треба да ја голтнеме приказната на моралната супериорност на качулките и на нивното право преку „рачни изразни средства“ да демонстрираат одбрана на јавниот морал. Во своите настапи, ја первертираат стрипската слика за суперхеројот (иако суперхероите се исклучително геј стилизирани, во пренагласени костуми што ги исцртуваат нивните мускули). Дење се нормални граѓани, но кога ќе падне ноќта тие ги облекуваат своите костими и се трансформираат во сила којашто ја брани Македонија од „нападот“ на „злото“. И додека суперхеројот е сам, нашиве махери се исклучиво во толпа. Затоа наместо во суперхерои тие се трансформираат во суперморони. Кај суперхеројот анонимноста е потребна за да се зачува неговиот интегритет, кај суперморонот е потребна да се зачува неговиот кукавичлук.

Има уште една друга група на наши сограѓани кои шетаат костимирани. Ним државата им ги дава костимите за да ги означи како чувари на редот и цивилизираноста. Крајно време е тие костимирани ликови да ги соберат другиве костимирани ликови и да им објаснат дека фрлањето со камења по туѓи куќи не спаѓа во слобода на изразување на ставови. Овие ноќи на малите куриња мора да се запрат дур не се претвориле во кристални ноќи.

27.06.2013.

За верските стереотипи

Националистичките водачи многу брзо ја ставија во функција верската разновидност на Балканот во функција на национална мобилизација, со цел да постигнат симболичка идентификација на поединецот со претпоставениот позитивен стереотип за сопствената нација. На таков начин, верата функционира на ниво на припадност кон група, а не на ниво на религија што има свои внатрешни вредности. Она што е битно е појавното и декларативното, а не духовното. Во таквиот динамички однос меѓу етничката и верската припадност, етничките и верските стеротипи се прелеваат од еден во друг и се во целост изменливи меѓу себе. Притоа, верските водачи играат клучна улога во националната мобилизиција и речиси без исклучок ги поддржуваат процесите на ваквиот начин на формирање на нациите. Најчесто, тоа токму спротивното на сето она што го проповеда нивната религија.

Кога се верските стереотипи во прашање, клучниот фактор на нивното разбивање се верските водачи. Позната е Исусовата максима „Љуби го ближниот свој како што се љубиш себе си“. Таа повикува на прифаќање на другоста и, што е многу битно, на прифаќање на човечноста на другиот. Така, базичните верски пораки секогаш биле против стереотипизацијата, и она што треба верските водачи да го сторат е да ѝ се посветат на верата, наместо на водењето политика и на ставањето на заедниците во функција на национална мобилизација. Запирањето на таквата манипулација е императив за надминување на стереотипизирањето.

08.02.2012.

Непристрасноста е соучесништво!

Власта успешно ги комбинира постојните предрасуди и стереотипи, и со нив си игра како со лего коцки. Таа многу добро знае дека телевизиското време истекува многу побрзо отколку реалното. Вие денес во Македонија може да бидете казнети, обвинети и воопшто вашиот живот да заврши во 2 минути на вести. Концептот на телевизиска правда тоа ви го овозможува. Инструментот е двонасочен – од една страна го повредувате противникот, од друга страна на масите им даваат да го почувствуваат мирисот на крв и да ги задоволат своите страсти за одмазда.

Долга е камерата на ВМРО и таа кога-тогаш ќе ве сними! Судските резултати се апсолутно небитни, апсолутно нетелевизични и освен во ретки случаи сосем ирелевантни од пропаганден аспект. Поважно е да се натовари јавна стигма отколку да се процесира одреден предмет. Во некои стари времиња тоа се викаше линч – денес тоа се вести!

На стереотипот за напуштеност на масите – владата одговара на тој начин што испраќа министри по зафрлени села. Додека сите политички аналитичари тврдат дека на Антонио Милошоски местото му е на состаноците во Брисел, Груевски знае дека местото му е во Обрешани! Таму тој е апостол, пратеник на таткото кој, ете, конечно дојде да нè види. Ефектот е нула ако тој се мери според мерилата на реалните интереси на државата. Но, ефектот е + бесконечност за спинот на власта која се грижи за секој поединец.

На крајот само сакам да напоменам дека нашата портокалова револуција (која злоупотребува туѓи симболи) сè уште има многу енергија и допрва ќе гледаме примена на пропагандни техники на дневно ниво. Сè додека навистина не заборавиме дека сè што знаеме е реалност!

Исто би напоменал и дека сум пристрасен. Последен пат кога проверував – лажењето и манипулацијата сè уште во моралниот систем на човештвото беа зло. Секаков обид за непристрасност е соучесништво!

13.02.2012.

Па не сме скакулци!

Се сетив на еден документарец за скакулците – оние обични скакулци што водат нормален живот на скакулец кога се сами, но кога се во големи групи, збеснуваат, формираат роеви и јадат сè пред себе. Обичниот зелен скакулец, кога ќе се најде во поголема група, комплетно се менува. Ја менува бојата и го менува однесувањето. Она што е интересно е дека притисокот на групата обично резултира со промена на бојата и однесувањето на една единка, а потоа од неа, концентрично со геометриска прогресија, се шири на другите. Феномен на масовна трансформација на инстинктите, чувството на загрозеност ја трансформира единката и сосема други хормони се лачат, и започнува нападот на ројот врз сè што може да изеде… Арно ама, луѓето не се скакулци и оваа аналогија применета на масовните феномени останува некомплетна. Иритацијата кај скакулците ја предизвикува хемиски индуцирана комуникација меѓу единките и тие под дејство на хемикалијата која што ја испуштаат – брзо се трансформираат. Кај луѓето нема таков хемиски агенс…

Може ли конечно да почнеме да зборуваме зошто ни се случува сево ова, за промена? Имаме ли сила како општество да ја смениме приказната? Може ли да почнеме од себе? Да престанеме да ги слушаме оние што нè плашат и што нè буцкаат, и да почнеме да мислиме со своја глава, за свое добро, за доброто на блискиот, на комшијата, на заедницата… Да ги оставиме доброволните даватели на туѓа крв без крв, а за досегашната да им речеме – оваа крв е на ваши раце и на ваша глава!

Па, не сме скакулци!

14.03.2012.

Фотографии: Ванчо Џамбаски

Текстови на Роберто Беличанец објавени на Окно:

Стереотипи, нивната употреба и нивното зацврстување преку медиумите
What Orvel did not know
Доброволни даватели на туѓа крв!
Репортери без медиуми

Ноќи на малите куриња

Слични содржини

Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото