1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 07:59
Пред пет дена на Окно објавив текст првично објавен пред повеќе од пет години. Текстот го објавив на денот (28.06.13.) кога ЕУ решаваше за динамиката на приклучување на идните членки. Македонија уште еднаш извиси, пред сè поради катастрофалната власт која седум години ја оддалечува земјата од сите цивилизирани перспективи. Намерата на текстот беше да потсети дека идеалното време за решавање на спорот со Грција беше пред пет и пол години и дека изградбата на националниот консензус околу името имаше смисла токму тогаш, на почетокот на 2008 година.
И што се случи со мојот текст? На највалкан начин, не баш типичен дури и за најперфидните пропагандни лаборатории, искасапениот текст беше пренесен низ груевистичките проточни бојлери, „Курир“ и „Сител“. Но, не само што текстот беше искасапен, туку никаде не беше наведено дека тој првично бил објавен на 24.03.08.! Патем, авторот на текстот стандардно беше провлечен низ „топлиот груевистички зајак“ со вообичаениот поттекст: предавник, соросоид, сдсмаш итн.
Веднаш напишав мејл до уредништвото на порталот „Курир“ (во тоа време „Сител“ уште го подготвувал прилогот напакуван од „Курир“):
На вашиот портал денес се појави уште една гебелсовска конструкција во која лично сум злоупотребен. Без прашање преземате делови од текст од туѓ портал, притоа го фалсификувате насловот и - најважно - не спомнувате дека текстот е пишуван пред пет и пол години.
Оваа ваша манипулација директно ги фалсификува моите јавни политички ставови и манипулира со нив на криминален начин.
За начинот како да се обидам да се заштитам од ваквите монструозни конструкции ќе се консултирам со адвокат. Вам ви советувам, макар како олеснителна околност при евентуалниот судски спор, да ја објавите вистината за текстот: дека е пишуван пред речиси пет и пол години и дека вашата опрема на текстот е клеветничка и навредлива.
П.С.
Текстот „Малтешкиот сокол“, како што веќе реков, е пишуван десетина дена пред букурешкиот самит 2008 година. На тој самит македонскиот премиер (Груевски) и тогашниот претседател (Црвенковски) излегоа со предлог името на нашата држава да се промени во Република Македонија (Скопје). Текстот „Малтешкиот сокол“ во тоа време се залагаше токму за таква конструктивност од тогашниот државен врв. Ако Груевски уште тогаш прифатил промена на името на државата, во што е гревот на текстот пишуван пред пет и пол години?!
Кон „Курир“ испратив уште еден мејл, откако тие прифатија да го вметнат датумот на првичното објавување на текстот:
Гледајте, не се проблем разликите во политичките ставови. Барем така не би требало да биде во една демократска земја.
Еден, многу крупен проблем, е што вие, како медиум, не ги почитувате ни најминималните демократски стандарди за јавна расправа. Не само што не ги почитувате, туку ги извртувате на најмонструозни начини, со конструкции, манипулации, лаги и клевети. Но, скраја и тоа - сè додека не постои минимална демократија кај нас, залудно е, знам, дури и да ви обрнувам внимание на тоа. Гајле ви е.
Затоа ќе преминам на второто: во политиката и во јавното занимавање со политиката (медиумско и друго) огромна е важноста на тајмингот, на временската рамка. Една изјава или текст сосема различно звучат во преместен контекст или во преместена временска рамка. Тоа е толку елементарно!
Да ви илустрирам: тогаш, пред пет и пол години, навистина верував дека Македонија може да се извлече од калта со консензус пред сè меѓу главните политички актери внатре во земјата. Денес во тоа веќе не верувам. Но, затоа, пак, денес во тоа верува (или можеби е дел од нова пропагандна играрија) вашиот пастир и командант. Гледате ли како позициите се променети со промената на временската рамка?! Гледате ли во што е фалсификатотот? Испаѓа дека јас денес ги афирмирам ставовите на вашиот пастир искажани во неговото скорешно интервју! Испаѓа дека ги афирмирам ставовите на политичкиот монструм којшто сосема (дури можеби и за еден подолг период пред нас) ги растури сите можности однатре да се сплотиме, макар околу едно единствено прашање! Вашиот пастир нè раскара, сите комплет, човек со човек, портал со портал, партија со партија, сите нè подели како стока. И неговиот консензус веќе, летово 2013-то, не го сакам. И заради тоа сум ужасно лут и бесен на вашите подли и ниски конструкции и манипулации.
Никола Гелевски
Го пишувам текстов-резиме неволно и гадливо (кој воопшто би сакал да се занимава со такви груевистички испрдоци и гнојни исцедоци од типот нa „Сител“ и „Курир“?) само со намера да се остави уште еден документ за овдешната историја на бесчестието во времето на груевизмот.
Дури и денот кога го оплакувавме пријателот, Роберто Беличанец, режимските монструми (комплет со отфлотираната интелектуална наказа, Биљана Ванковска) го искористија за ѕверски напади, отаде секоја човечност и пристојност. А баш со Роберто некни на шега ги споредувавме овдешните режимски медиуми со конквистадорските кучиња. Интересна е приказната за конквистадорите и нивните кучиња, одгледувани да парчосуваат Индијанци. Кучињата создавани со мешање, имено, ги добивале имињата на своите големци-газди и генеалогии паралелни со нивните, така што конквистадорите се поистоветувале со сопствените кучиња. Исто, впрочем, како во денешна Македонија: не знаеш каде завршува кучето а каде започнува човекот.