Експериментот на Милграм

02.07.2013 10:53
Експериментот на Милграм

Во 1960-те години, Стенли Милграм станал познат по своите експерименти со кои ја тестирал послушноста кон авторитетите. Сакал да дознае што сé би биле подготвени да направат луѓето кога некоја авторитативна фигура би им наредила да повредат некое друго човечко суштество. По хорорите кои се случувале во текот на Втората светска војна, но и претходно, многумина се прашувале до која мера луѓето би морале да бидат мотивирани за да ја искажат својата бруталност кон другите луѓе. Не само оние кои носат униформи, туку и обичните луѓе, кои биле принудени да извршуваат сурови и страшни дела.

Меѓутоа Милграм и не ги истражувал екстремните ситуации, од типот на војните. Тој сакал да види како луѓето ќе реагираат во релативно нормалните услови во лабораторијата. Како би се однесувале луѓето кога некој би им наредил да им даваат електрошокови на другите луѓе? Во која мера луѓето ќе постапуваат според зададените упатства, игнорирајќи го сопственото несогласување со она што го правеле?

На почетокот, луѓето биле изложени на едноставни експериментални ситуации. На учесниците им било кажано дека се деа од експеримент во кој се проучува процесот на учењето, дека ќе управуваат со електрошокови и дека би требало да го изведат експериментот докрај. Им било кажано дека тие ќе ја преземат улогата на оние кои подучуваат, а дека другата личност ќе биде онаа која ќе учи. Тие биле поставени пред направи со прекинувачи кои биле активирани од одредена количина електричен напон. Прекинувачите биле наместени на тој начин што силата на електричниот напон се зголемувала почнувајќи од првиот, па сé до последниот. Третиот прекинувач бил означен со „Опасност: тежок шок“, додека на последните два пишувало само „ХХХ“.

При изведувањето на експериментот, секој пат кога некој од „учениците“ ќе направел грешка, на учесниците во експериментот би им било наредено да ја зголемат силата на електрошокот. Се разбира, „учениците“ грешеле, па „учителите“ (кутрите учесници) морале да им даваат сé поголеми електрошокови, додека истовремено можеле да чујат како тоа предизвикува болни крикови кај „учениците“.

Учесниците во експериментите верувале дека им даваат електрошокови, но „учениците“ всушност биле искусни актери. Во текот на експериментите, не можеле да се гледаат едни со други, па морале сами да заклучат колкава е болката која ја предизвикувале. Биле уверувани дека како што експериментот продолжувал, електрошоковите се сé поболни и дека „учениците“ дури и би можеле да се онесвестат. Во моментите кога учесниците се колебале дали да продолжат со експериментот, авторитетната фигура облечена во бел лабораториски мантил им наредувала да продолжат.

Исто како и експериментот, и неговите резултати се шокантни. Истражувањето на Милграм покажало дека луѓето се навистина послушни. Дури 63% од учесниците продолжиле со експериментите до самиот крај – ги доставиле сите електрошокови, дури и кога „учениците“ испуштале крикови од болка, ги преколнувале да престанат и на крајот замолчувале. Не се работело за посебно одбрани садисти, туку за обични луѓе кои доброволно учествувале во ова психолошко истражување.

Како би ги објасниле резултатите од овој експеримент?

Во 1960-те години, експериментот на Милграм бил голема новина. Милграм ги објаснил резултатите во однос на ситуацијата. Станувало збор за социјално-психолошки експеримент кој покажал на кој начин општествената ситуација може да влијае на човековото однесување.

Овој експеримент го поттикнал создавањето на многубројни слични студии кои биле спроведувани во лабораториите ширум светот. Научниците се обидувале да утврдат дали резултатите се исти во разлини култури, во различни ситуации и кај различните полови (во изворната студија учествувале само мажи). Заклучоците покажале дека дури и при манипулација со различните експериментални варијабили, луѓето сепак се исклучително послушни. Како исклучок се наведува само едно истражување кое покажало дека австралиските жени покажуваат значително помал степен на послушност.

Дали овие експерименти се доволни за изведување заклучок?

Експериментот сигурно покажува дека одредени ситуации влијаат на човековото однесување, но за какви ситуации всушност се работи? Дали денес некој од нас, на некое ниво би сфатил дека не се работи за реална ситуација, дека не е вистина дека всушност бил принуден да им дава електрошокови на другите и дека во една реална универзитетска студија не би било дозволено да се влијае на некој на таков начин, што би довел до тоа тој да се онесвести од болка?

Луѓето се разбираат едни со други дури и при невербални конверзации. Колку вешти би требало да бидат актерите, за луѓето воопшто и да не забележат дека тие глумат? Луѓето се склони кон соживување, дури и во ситуациите за кои некаде длабоко во себе се свесни дека не се реални. Колку што повеќе знаеме за психологијата, толку повеќе дознаваме за моќта на потсвесните процеси, без разлика дали тие се емоционални или когнитивни. И она за кое не сме свесни може да има огромно влијание на нашето однесување.

Ако претпоставиме дека овие луѓе на едно потсвесно ниво и не биле целосно уверени дека експериментот е реален, алтернативните објаснувања ни се чинат соодветни. Можеби експериментот на Милграм навистина ја покажува силата на нашата подводливост. Сите чувстуваат дека сакаат да му угодат на оној кој го врши експериментот, сакаат да се вклопат во ситуацијата и да го направат она што се бара од нив. Иако ова е една од можните и соодветни инетрпретации на експериментот на Милграм, тоа не е она што тој всушност сакал да го докаже.

Без разлика на тоа дали веруваме дека овој експеримент докажува нешто или не, сигурно е дека истражувањето на Милграм е едно од најимпресивните и највлијателните на подрачјето на психологијата, кој во голема мера може да го промени нашето мислење во однос на природата и однесувањето на човекот.

Извор: spring.org.uk

 

ОкоБоли главаВицФото