Беличанец: Статуси и твитови (1)

02.07.2013 13:14
Статуси и твитови

Кратките записи/цртички/афоризми на прерано починатиот Роберто Беличанец искажани како Фејсбук статуси и твитови, проткаени со хумор и иронија, понекогаш претставуваа силна шлаканица, понекогаш скокоткање, но секогаш критика на глупоста на македонското поднебје. Малиот избор претставен на Окно нека биде уште еден придонес на Роберто во борбата за слобода.

 

И Турците што сè уште се под турско ропство се дигнаа...


Прилеп ја направи најголемата перница на светот - заспаната нација сега може да спие на меко...


Значи, во недела во цела Македонија избори, освен во Струга и Кичево! Таму ќе има попис!


Многумина се чаталат дека биле подготвени да умрат за Македонија! Е тоа е лесно, „патриоти“ - да сте подготвени да живеете за Македонија е тешко!


Прво ќе ги изедеме сармите, па ќе го испиеме виното, ќе ги бакнеме тие што ги сакаме, па ќе си честитаме... После - ќе си ги прашаме срцата и умовите од што се направени... Па ќе видиме да ја направиме 2013 навистина нова... А за да биде нова, немаме друг избор освен да расчистиме со старата... 2012 беше тешка, нека биде најтешка во нашите сеќавања... Секоја следна нека ви биде полесна драги мои пријатели... Ако си ветиме - заедно може и тоа да го направиме. Векови овде биле тешки, а не па години - ајде да почнеме нова ера!


Утре по повод денот на дрвото висока државна делегација ќе постави спомен венец на паднатите дрва во преродбата. Венецот е во форма на кружен тек...


Ми дојде да му се извинам на ДПМНЕ, ама не знам кај им е сега седиштето! Да не знае некој?


Овие од Пустец се мадафака - ем тераат туризам, ем лапаат дневници, ем за Жерновски гласаат!


Елоквентен ко споменик!


Кога некој ќе ти каже дека е голем Македонец тоа значи дека од дома го пуштаат сам до самопослуга!


Исклучи ја струјата! Газиени ламби во секој дом! Проект - Среди го твојот дом во барок стил!


Сите пиздарии настануваат од премногу курчење! Бојл Мариотов закон.


Неправилност е тоа што се забележани гласачи што гласаат за опозицијата!


Пак ми ги прекинаа рекламиве од ВМРО со филм! Не стасав да видам дали ќе направат космодром во Алинци и суперколајдер кај Ропотово!


Кај МТВ кратенката HD значи - Half Definition.


УЈП ви честита Бадник и сите на кои им падна паричката ги потсетува дека должат 10% персоналец...


Сите да се зачлениме во ДПМ НЕ!


Влада со телевизија е поопасна од влада со визија.


Има и од бедник - победник!


Излив на идентитет во мозокот... Многу честа болест деновиве...


Градот порано познат како Скопје...


Тој сокол од денешен Вардар што ќе пие вода навистина е јуначко пиле!


Сити Мол ни отворија - сега фали уште Сити Дур!


Не сакам ексклузивни информации - сакам инклузивни.


Трамвајот ќе биде на дрва или пајтонот ќе си го викаме трамвај...


Фашизмот е лош по здравјето - на почеток за обичните луѓе, а на крајот во многу голема мерка за фашистите!


Изгледа во ЕУ и НАТО сам по сам ќе влегуваме!


Кре Дебилитет


Свој на своето е автоеротска фантазија со погубни последици по наталитетот!


Патриотизмот е обратнопропорционален со писменоста - докажана работа!


Овде? Слобода на заговор!


Ме загрижува големата моронска ложа. Масонската е заебанција!


Нашето златно теле е бронзено!


Бронзата не се јаде ама спроведува струја. Затоа е поскапувањето - зголемена е ангажираната моќност!


Жена парк треба да се вика пендрек шумиче!


Колку сме - толку сме - нетокму сме!


Оти на никој не му текнало партиски книшки да фалсификува - очигледно има пазар за тоа.


Критика не е навреда, абдали! (абдал е навреда!)


Врба на коњ е сè што преостана!


Ебате времето во кое старците зборуваат за слобода, а клинците за конзервативизам!


Јас ова со рецесијава стварно не го разбирам - ова до сега беше благосостојба?


Ако има партиски војници, мора да има и партиски цивили. Кај се? Кои се?


Нашето судство и јавниот обвинител се независни - од нив ништо не зависи!


Кирил и Методиј се симбол на неуспешноста на Византиската империјална политика... Неписменоста денес е дел од нашиот идентитет!


Како сме тргнати, НАТО ќе влезе во Македонија!


Патриотизмот е нашата најуспешна стопанска гранка.

Извор: www.facebook.com/roberto.belicanec и twitter.com/RobertoBelicane

Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото