1022 hPa
70 %

7 °C
Скопје - Чет, 13.02.2025 18:59
Има една позната фотографија која ја прикажува Билјана Плавшиќ како ја посетува Бјелина на почетокот од пролетта во 1992 година. Пристигна накусо откако воениот криминалец Жељко Ражњатовиќ Аркан и неговите Тигри го „ослободија“ овој босански град од муслиманите на тој начин што ги убија. Плавшиќ дојде за да му честита. Елегантно облечена, во својот препознатлив стил, со тукушто фризирана коса и со високи потпетици, таа срдечно го прегрна Аркан и го бакна. Буквално мораше да згазне врз телата што лежеа врз тротоарот околу неа.
Судејќи според фотографијата, тоа воопшто не и’ пречеше.
Плавшиќ е професор по биологија од Сараево, студент на Универзитетот во Загреб, корисник на фулбрајтова стипендија, научник со голем опус, дама со убави манири, која зборува неколку странски јазици. Политичар од висок ранг за време на војната, оваа вистинска дама имаше обичај убиствата на муслиманите да ги нарекува „природна работа“. Бакнувањето на Аркан во Бјелина беше само израз на благодарност за добро завршената работа.
Сега, откако отслужи две третини од нејзината затворска казна од 11 години во затворот Хинсеберг во Шведска, Билјана Плавшиќ е слободна. Покајувајќи се на прилично спектакуларен начин, таа доби само 11 години затвор за извршени злосторства против човештвото. Поради ова ги одбегна обвинувањата за геноцид, за кои можеше да добие затворска казна поголема од 25 години. Судиите на Меѓународниот суд за поранешна Југославија нејзиното покајување го сфатија сериозно, надевајќи се дека ќе влијае и врз другите кои ги чекаа своите судења. Тоа изгледаше како храбар и морален чин за кој се одлучила личност која го сфатила својот криминал и – како што кажа – сака да го поштеди српскиот народ од колективната вина преку признавање на сопствената.
Но, излезе дека нејзиното однесување не е водено од морални или религиски мотиви. Вистинската намера на Плавшиќ беше откриена оваа пролет во интервјуто што таа го даде за шведското списание Vi. Таа цинично објасни дека нејзината „исповед“ не била ништо друго освен лажирана фарса. Образованата професорка со убави манири намерно лажела со цел да добие поблага казна. Таа воопшто не се покајала.
Оваа лицемерна изведба предизвикува однесувањето на Плавшиќ да биде полошо и од она на Радован Караџиќ, кого во интервјуто го нарекува „кукавица“ и „гангстер“. Зачудувачки е што ваквата дама може да се жали за животот во затворот, велејќи дека „ниеден од другите затвореници нема прочитано ни една книга, а сепак сите нè третираат еднакво“. Како фактот дека е образована да треба да и’ обезбеди повисок статус. Принудени сме да прашаме: како тоа ниедна од книгите што ги прочитала не извршила никакво влијание кога се расфрлаше со расистички ставови во врска со муслиманите? Без разлика што верува колку е фина и образована, таа сепак е виновна за некои од најстрашните злосторства извршени во Босна за време на војната – и затоа, секако, е многу поголем криминалец од кој и да е нејзин сосед во затворот Хинсеберг. Повторно и повторно, докажано е дека образованието не е гаранција дека некој ќе има високи морални стандарди. И Радован Караџиќ, исто така, не само што е образован човек, туку е и поет; како и Едуард Лимонов, која пукаше во Сараево од еден од ридовите над градот.
Пред неколку години, во мојата книга „Тие никогаш не би повредиле ни мува“, пишував за Билјана Плавшиќ како за позитивен пример на жена која собрала храброст да ги признае своите лоши дела за време на војната. И’ се восхитував, бидејќи ваквиот чин бараше голема храброст и морална издржливост. Во мојата перцепција таа исто така им одржа лекција на балканските мажи кои се криеја: мажи како Караџиќ, Младиќ и Готовина.
Ужасно погрешив.
извор: eurozine.com