Џезот и анимираниот филм (2)

03.07.2013 09:03
Џезот и анимираниот филм (2)

Поминало доста време додека жените во џез филмовите повторно станале заводнички – но чекањето вредело. Во анимираниот музички спот од 1987 година My Baby Just Cares For Me (според популарната композиција на Волтер Доналдсон и Гас Кан од 1928 година), главната хероина е една извонредна пејачка (инаку бела мачка) која во публиката има верни обожаватели подготвени на што било само за да го пронајдат најбрзиот пат до нејзиното срце. Овој музички спот доживеал најголема популарност, а заслугата за успехот ја поделиле црната џез дива Нина Симон и режисерот Питер Лорд. Тоа бил и неформалниот почеток на супериорното присуство на британското студио „Aardman Animations“ во доменот на анимацијата со пластелин.

Во филмовите на современите автори, женските ликови се еднодимензионални и помалку или повеќе се сведуваат на објекти. Во филмот Jazz Song (2007) на Шпанецот Хорхе Гонзалес Варел за црниот трубач од Њујорк, Чарлс Луис (чиј оркестар „Jazz Libitum“ го „покрива“ составот на Мигел Пења), во форма на монолог се раскажува приказната за едно неразрешено прашање – дали во животот на Чарлс покрај музиката имало место и за неговата љубовница Пола. Белгијанецот Антон Сетол, кој бил инспириран од графичкиот дизајн на обвивките на џез плочите, кои некогаш излегувале од атељеата на Миро, Мондријан и Кандински, во филмот Jazzed (2008) воспоставува посебен наративен јазик со помош на манипулација на линиите и обоените површини. Џезот ја има задачата да го спои главниот јунак Џек со една femme fatale во ноќниот бар. Зелената боја на пијалокот во нивните чаши нè поттикнува да размислуваме за лавиринтите на свеста предизвикани од апсинтот, насетувајќи ја авантурата која ги чека и при која исчезнува границата помеѓу стварноста и фикцијата. Товарот на митот за џезот како забранета забава (повторно) е врз рамениците на жените.

Долгометражниот анимиран филм „Сита пее блуз“ (Sita Sings The Blues, 2008) на американската авторка Нина Пејли не е филм за џезот, но товарот кој го носи главната хероина не е помалку тежок. Овде се присутни две наративни нивоа: едното го сочинуваат случките од староиндискиот мит Рамајана, каде што се појавуваат принцот Рама и неговата убава и верна жена Сита, а второто ја претставува личната приказна на авторката, за неа и за нејзиниот сопруг, која исто така е поврзана со Индија. Во првата, нејзиниот маж ќе ја протера Сита од заедничкиот дом, бидејќи ќе се посомнева дека детето коешто таа го носи не е негово, а во втората сопругот ја остава Пејли, преку една банална електронска порака со која ѝ порачува да не се враќа во Тривандрум, градот во Индија каде што тој работи и каде што тие живеат заедно некое време. За различните наративни текови Пејли користи различни видови нарација, понекогаш се работи за класичен цртеж, понекогаш за колаж или за дигитална, флеш анимација. Музиката во филмов на деликатен начин го претставува и нивото на метанарацијата. Секогаш кога е понесена од своите љубовни чувства кон својот маж Рама или кога тагува поради својата судбина на отфрлена жена, Сита пее. Гласот ѝ припаѓа на Анет Хеншоу, бела пејачка на популарни композиции од 20-те и почетокот на 30-те години од минатиот век, чии изведби имаат и џез и блуз елементи. Преку музиката се доловува присуството и на уште една тажна женска судбина, бидејќи насловите на нејзините песни – „Daddy, Won’t You Please Come Home“, „Mean To Me“, „Moanin’ Low“, „Am I Blue“, „Lover Come Back To Me“ – недвосмислено ја пренесуваат пораката за blue распoложението на запоставените жени.

Sita Sings the Blues доби и дополнителен (непосакуван) публицитет кога Пејли дозна дека, во согласност со Законот за авторски права, државата бара од неа да плати 220.000 долари за користење на 11 песни од Анет Хеншоу. Меѓутоа сè добро се заврши (долгот сепак не ѝ беше простен,туку сведен на 50.000 долари, а среќниот крај се состои во тоа што авторката не заврши во затвор), а Сита и понатаму го пее својот блуз на интернет, од каде што можете да го преземете филмот во одлична резолуција. Бесплатно, со „благословот“ на авторката. Овие свои проблеми со авторските права Нина Пејли на духовит начин ги опишува пред камерата на Марине Лормант Себаг во мини документарниот филм оптимистички наречен „Револуцијата ќе биде анимирана“ (The Revolution Will Be Animated).

(продолжува)

Кон првиот дел

Извор: Градац 183-184

ОкоБоли главаВицФото