Канцеларискиот свет на Кафка

03.07.2013 11:16
Канцеларискиот свет на Кафка

„Тоа е несфатливо извонреден поредок“, рече секретарот, „секогаш несфатливо извонреден, иако во друг поглед тажен“. Со леснотија можеме да замислиме, или дури да се присетиме, на некои поредоци кои за некои се извонредни, а за други тажни, па тоа е она на што нашиот израз „во друг поглед“ наведува. Но, поширокиот ритам и граматиката на реченицата нè повикуваат да одиме подалеку од таа можност, истовремено да ги мислиме тие две противречни мисли, сфаќајќи ги извонредноста и тажноста како два танчери во сложен танц, во кој секој бара и го навестува другиот; како поредокот да е извонреден бидејќи е тажен, тажен бидејќи е извонреден. Можеме ли да се носиме со оваа логичка мајсторија? И каде се наоѓаме?

Случајот К.

Се наоѓаме во собата во Господскиот конак во романот на Кафка „Замок“. Околу 5 часот наутро е; К., земјомер кој го вработила управата на замокот, но кому сè уште не му е доверено мерењето на земјата, има состанок со секретарот. Неговата голема цел, досега веќе дознавме, не е да ја почне својата работа, туку да добие директно признание од повисоките службеници на дворецот, да искуси нешто поинакво од бројните отстапки и препреки со кои досега се сретна. Влета во погрешна просторија. Секретарот лежи на креветот и не може да заспие; седнува во креветот и сака да разговараат. Се вика Бургел и иако изгледа како да зборува бесмислици, постепено почнуваме да сфаќаме дека зборува за случајот на К. И К. го сфаќа истото, но тоа е дел од поредокот за кој мислиме дека му е здодеан, па чувствува „голема аверзија“ во врска со сè што е поврзано со неговата ситуација. Бургел продолжува. Објаснува дека во светот на дворецот не се необични ситуациите кога личноста што тој ја нарекува „странката“ – сред ноќ ќе го изненади секретарот кој не е доделен на случајот на К., но кој без оглед на тоа покажува разбирање за целата работа. К. веќе делумно спие, но успева да го слушне поголемиот дел од следново. „Ти мислиш дека тоа не може да се случи“, рече Бургел. „Во право си. Тоа не може да се случи. Но, една ноќ тоа сигурно ќе се случи.“ И тоа ќе се случи, се случило, се случува во оваа минута, иако не е јасно дали К. сосема разбира. Бургел почнува лирично да зборува кога ќе помисли на незамисливата пукнатина во системот на оддалеченост и разочарување што владее во замокот. „Како две ѕверки во шума, странката нè тера да правиме жртви за кои вообичаено воопшто не би биле способни... А, сепак сме среќни. Колку среќата може да биде самоубиствена!“ Странката треба само да побара, на чиновникот му преостанува само да попушти. „За чиновникот овие мигови се тешки.“ Додека до него дојде очајната покана, К. веќ е прилично заспа и ништо не слушна. „Спиеше“, „er schlief“ – во контекстов, ова се двата најтажни зборови во книжевноста.
Чукањето по ѕидот го објави присуството на службеникот во соседната соба со која К. би требало да се сретне и разговорот заврши. На ова место Бургел нуди филозофска рефлексија која веќе делумно ја слушнавме.

„Не, не треба да се извинувате заради својата поспаност. Телесните сили служат само до одредена граница, кој е виновен што токму таа граница е толку важна. Не, никој не е виновен за тоа. Светот на тој начин се развива и ја одржува рамнотежата. Тоа е извонреден, несфатливо извонреден поредок, иако во друг поглед е тажен.”

Потоа додаде: „Тука има многу можности. Само, за волја на вистината, има можности кои во одредена смисла се преголеми за да бидат искористени; има работи кои не заради нешто друго, туку сами од себе се осудени на неуспех.“ Повторно станува збор за збунувачкиот коментар на истата тема.

Понекогаш се појавуваат можности кои целосно не се во склад со општата ситуација, можности во кои повеќе мож е да се постигне со зборовите, со погледот, со искажаната доверба, отколку со напорната работа што трае цел живот. Тоа несомнено е така. Но, сепак, тие можности всушност се во склад со општата ситуација ако се земе предвид дека никој никогаш не ги користи.

Надежта не е за нас

Ова не е теорија на репресивната толеранција, туку на општествената инерција, сон за конзервативниот поредок кој со магија одолева на нападите кои во основа не може да ги спречи. Постојат можности за промена, ситни пукнатини во системот; но, промената никогаш не се случува, пукнатините се само неискористени можности. Можностите се неискористени зашто... Бургел на почетокот се преправа дека не знае зошто, но двојната мисла за извонредноста и тажноста ги појаснува работите. Тој сака да каже дека нема правила ни нужности кои го спасуваат системот, но дека нешто тоа секогаш ќе го прави. Тоа нешто секогаш ќе биде непредвидливо и случајно, како поспаноста на К; несудено и непланирано. Но, подоцна или порано ќе се појави. Барем досега секогаш се појавувало. На тој начин светот се развива и заради тоа говорот на Бургел добива контемплативен тон, па тој ни го нуди својот логички предизвик изјавувајќи дека е прекрасно што можностите секогаш постојат, но никогаш не се искористуваат – толку прекрасно и толку застрашувачко. Можеби ќе се сетиме на одговорот на Кафка, кој кога неговиот пријател Макс Брод го прашал дали постои надеж и дали има излез од светот што го познаваме, рекол: „Надеж има доволно. Но, не за нас.“

Како Кафка научил да размислува на овој начин? Би можело да се тврди дека не се извежбал со својата сложена психа ниту со својата стравична преданост на пишувањето – „ѓаволската служба“, како што го нарекувал – туку со својата работа на прашкиот Институт за осигурување на повреди од работа. Роден 1883 година, студира право, кусо време работи за италијанската осигурителна компанија Assicurazioni Generali, па во 1908 година се вработува во Институтот каде што останува сè до 1922 година, кога дава оставка заради болест. Умира во 1924 година. Можеби не веруваме, како што ни се кажува во предговорот на Записи од канцеларијата, збирка на неговата правна и канцелариска работа, дека „Кафка многу од својата големина (...) ја должи на својата работа во канцеларијата“, но несомнено се согласуваме дека сè што ќе научиме за неговата работа ќе го продлабочи „нашето разбирање на условите во кои Кафка ги пишувал своите ноќни записи“ – односно записите кои ги составувал кога ќе се врател од канцеларијата.

Разбирливо е дека уредниците на изданието сакаат да направат книжевни, референцијални врски меѓу канцелариската работа на Кафка и неговото книжевно дело, па во нивните текстови спаѓаат „Во казненичката колонија“, „Кинескиот ѕид“, „Америка“ и „Замок“.

Да се раскринка чудното

Го следиме Кафка преку известувањата, жалбите, расправите и молбите во врска со градежништво, дрвени играчки, каменоломи, фарми, автомобили, проценка на ризикот, превенција на несреќи, ефектите на војната врз премиите и практиките на осигурување, како и со тоа што да се преземе во врска со наказите што војната ги фрлила на улиците: „луѓе кои можеа да се движат само со згрчени чекори; сиромашни, бледи и слаби, скокаа во воздухот како некоја немилосрдна рака да ги држи за вратот, фрлајќи ги напред-назад, правејќи измачени движења”. Тоа е многу впечатлива слика, но јас не можам да се преправам дека текстовите во целина се читаат со задоволство или дека се полни со тајни книжевни богатства. Тие се заситени, детални, специфични и го освојуваат вашето (а и моето) внимание бидејќи навистина ми го доловуваат чувството на напорна канцелариска работа, обременета со обврски со кои рака под рака оди и духот на досадата, како и на неминовната интензивна концентрација. Кафка во своите писма главно така зборува за својата работа; но, тој исто така бил, како што уредниците тврдат, и горд на неа. Постојано се жалел на работата, но ја сфаќал сериозно и добро ја извршувал. Ако ја извршувал неодговорно не би се жалел толку многу.

Читајќи ги овие канцелариски записи, се прашав дали можеби кафкијанското е облик на чудното кое се појавува почесто отколку што ние мислиме, а не „состојба на настаните или состојба на умот што ја опишува Кафка“, како што тавтолошки наведува Oxford English Dictionary. Едно нешто нарекуваме чудно зашто сакаме да биде чудно. Кафка тоа не го измислил. Тој го раскринка тоа, а што е уште поважно, ја разоткри вознемирувачка зачестеност на чудното. Не попусто еден од неговите најчудни, најдобри раскази е насловен како „Честа забуна“, буквално „секојдневна забуна“. Во поговорот на Канцелариските записи Џек Гринберг, адвокат, се присетува на одлуката која американскиот Врховен суд ја донел во 1954 година во случајот Браун против Образовниот одбор, кој ги упатувал школските службеници да извршат десегрегација „колку што можат побрзо“, односно колку што можат брзо или бавно, како сакате. Исто така, ја спомнува и скорешната судска расправа за изразот „веќе не се непријателски борци“, со кој се нарекуваат луѓето кои можеби никогаш не биле непријателски борци. Самиот суд во овој случај го користи зборот „кафкијанско“. На други места во текстот уредниците го користат изразот за да ги опишат „терминолошките неточности“ и практиката на „пресметана употреба на користење на прашални изрази“. Таквите употреби се благо контрадикторни или пак обележуваат распон од намерна двосмисленост до ненамерни неразбирливости, но тоа е она што го прави размерот на значењето на зборовите, па не можеме да се преправаме дека кој било дел од тој спектар ни е навистина непознат.

Многу случаи со кои Кафка се сретнал во текот на својата работа биле токму такви: долги пописи на безбедносни правила кои служат само за да се заменат скршените прозорци; лифтот за кој сопственикот на станови кои се изнајмуваат (кој не сака да плати премија за осигурување на луѓето кои го движат) на почетокот тврди дека го напојува генератор кој не се наоѓа во близина на куќата, па потоа дека генераторот е во куќата, но толку добро изолиран што е исто како и да се наоѓа некаде другаде; систем на проценка на осигурувањето кој едвај некогаш има пристап до „вистинските работни услови“; идејата дека во еден каменолом не се вади камен не само зашто тоа не се прави, туку зашто тоа не може да се прави. Последниве примери звучат како една од шегите на Кафка која сè почесто ја раскажувал: „Замислувањето на еден дел од патот те заморува“, пишува во расказот Далечините на Кина, „а повеќе од еден дел едноставно не можеш да замислиш“.

Канцелариските и книжевните светови

А со таквиот спој, спој на ниво на логика или досетка, се овозможува увид во тоа како писателското дело на Кафка на многу интересен начин е проникнато со неговата канцелариска работа. Не знам дали оваа логика ја нашол во својот свет на осигурувањето и дали голем дел од овој свет вовел во своите дела, но самиот Кафка го зборува јазикот на тој свет. Тој не ги користи изразите „јасно изразување на двосмисленоста“ и не повикува „практични причини за практичноста“; но, зборува за колебање и несигурност која станува видлива, како и за теориски и практични причини од функционален тип, темели кои буквално се ориентирани кон целта. А во она што уредниците го нарекуваат „клучен документ на канцелариските записи на Кафка“, тој навистина навлегува во областа на логиката која е многу слична на онаа од неговите книжевни дела. Текстот е напишан како протест против министерот за внатрешни работи, од јуни 1911 година, во врска со постапките на трговските инспектори кои пишувале препораки за премиите – препораки кои биле наклонети на работодавците, а не на институтот – додека од правна гледна точка само требало да се наведуваат условите. Секогаш кога институтот приговарал на таквите практики Кафка велел дека „смета оти тоа е исклучителен случај“ – „едноставно кафкијански“ – би можеле да кажеме. Молбата за осуда на активностите на инспекторите била „генерално целосно успешна“, вели Кафка. Таква осуда донел Царскиот и империјален трговски инспекторат. Генерално целосно успешна и „немоќна“ во реалноста зашто сите инспектори и сите останати ја заборавиле пресудата веднаш штом е донесена. На следната страна Кафка изнесува мајсторски аргумент дека „тие несреќни услови имаат и некои добредојдени последици“, бидејќи проблемите ги прават „многу јасни“– тажен поредок, би можеле да речеме, кој во друг поглед е исклучителен.

Со право Кафка го сметаме за страдалник и жртва, измачен објект на кошмарите, човек чии иницијали во еден роман го означуваат ликот кој е заточен во апсурден судски процес, а во друг е земјомер кој го преспал своето можно спасение. Но, исто така можеме да го сметаме за мајстор на кошмарите, нивен познавач, а можеме и да се сетиме дека се насмеал, како што тврди Брод, кога зборувал дека има доволно надеж. Стенли Корнголд во воведниот есеј на Канцелариските записи тврди дека целта и потребата на Кафка е – „мандатот... кој му е доделен“ – „добро да пишува на невидено ниво на стручност или да биде изгубен“. Ова е прекрасно срочено и можеме само да нагаѓаме што за Кафка значело „стручност“, кое ниво на писателски успех би го натерало да сочува повеќе од неколку дела, наспроти желбата упатена до Брод да ги запали неговите ракописи. А во тој поглед не би се поставил на местото на К., или барем не само на местото на К., туку и на местото на Бургел, кој шпекулира, но не се инволвира, кој го сфаќа очајот во сите неуспешни обиди да се пристапи до недопирливиот замок, но исто така и случајноста која речиси со музичка симпатичност настапува и ја спасува институцијата од нејзината ранливост.

Совршен јазик

Таквата структура може секаде да се најде кај Кафка, а особено во неговите најсовршени реченици. „Чавките сметаат дека една чавка би можела да го уништи небото. Тоа сигурно е така, но тоа ништо не кажува за небото токму зашто на него нема чавки.“ „Да се верува во напредокот значи да не се верува дека веќе сме напреднале. Тоа не би било верување.“ „Може да постои знаење за ѓаволското, но не и верба во него, зашто не постои ништо што е поѓаволско од она што веќе постои.“ „Доколку било можно да се изгради Вавилонската кула, а на неа никој да не се качи, тоа би било дозволено.“ „Во борбата меѓу себе и светот понуди му потпора на светот.“ „Добрината на одреден начин донесува нелагода.“ Тука писателот не е жртва, туку немилосрден аналитичар на добриот стил; не е земјомер, туку мерач на поредокот. Во таа смисла сигурно е погрешно, како што Корнголд тврди, дека бирократијата на Кафка го напаѓа својот несреќен понизен молител. Тој е и бирократ и молител, можеби повеќе бирократ отколку молител. А тоа го спасува од службата кај ѓаволот, го искупува во последен миг како Гетеовиот Фауст кого ангелите го однеле на небото.

Зборот кој буквално го преведов како „неутешно“ е trostlos, истиот израз кој Бругел го користеше во врска со поредокот кој од друга страна е исклучителен. Исто така би можеле да речеме „без утеха“, а веќе и видовме дека Марк Харман, од чиј прекрасен превод на Замок ги зедов поголемиот дел од цитатите во текстов, тој збор го преведува во „тажно“.

Trostlos исто така може да се користи за опишување на мрачен пејзаж , па така зборот упатува на уште една логичка загатка во Замок, еден од најтаинствените и најболни примери за двојната мисла на Кафка. Фрида, келнерката со која К. почнува да живее, предлага да го напуштат селото во кое живеат и да побегнат од светот кој зависи од замокот во кој К. толку упорно сака да влезе. Би можеле да заминат во Шпанија или на југот на Франција, вели таа. Ова веќе звучи малку чудно бидејќи е тешко да се замисли како такви реални места би можеле да се создадат во необично стилизираниот свет на романот, но одговорот на К. е уште почуден и претставува „спротивност која не се потруди да ја објасни“. Но, тоа истовремено воопшто не е чудно зашто објаснува што е тоа дом. Срцето, би можеле да речеме, е таму каде што е домот. Не може да замине, К. истрајува зашто дошол со цел да остане. Мисли ли тој само на тоа дека порадо би останал? Не, зашто тоа не дава увид ниту во необјаснетата спротивност, ниту во неговиот копнеж. Сака некаде да стигне и да остане на тоа место, па каде и да биде тоа место. Тој вели: „Што би можело да ме привлече кон пустава земја ако не желбата за останување”. Има нешто мрачно и комично во реченицава, како кога Гручо Маркс вели дека отсекогаш сакал да биде член на некој клуб кој би го примил. Секако, привлечноста не е во земјата, туку во останувањето, но опустошеноста на земјата – öde е зборот кој се користи, а ниту значењето на зборот trostlos не е далечно – несомнено исто така е дел од поредокот. Опустошеноста го прави останувањето чисто; би било полесно да се напушти земјата во која сме посреќни. Почнуваме ли да ја сфаќаме логиката на која Кафка сакаше да нè научи?

Извор: Маргина бр. 82
Цртежи: Метју Борет

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Живот
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото