Распеана историја на потресниот сарказам

03.07.2013 14:20
Распеана историја на потресниот сарказам

Подемот и падот на кабарето – авторски проект на режисерот Владимир Милчин, базиран врз текстовите на Артур Шницлер, Лудвик Том и на стиховите на Ото Јулиус Бирнабаум, Рихард Демел, Марија Красинска, Хајнрих Лаутенсах, Детлев фон Пилиенкрон, Валтер Меринг, Жан Ришпен, Данил Хармс и Ханс Хиан; превод и препев на режисерот и на Ема Маркоска Милчин; композитор: Марјан Нечак; премиера во Македонскиот Народен Театар, Скопје, Република Македонија, сабота, 29 јуни 2013.


Дури кога едно сложено театарско дело ќе профункционира на сцената во сиот сјај на интелектуалната, естетската, општествената, поетската и филозофската динамика и структура – станува јасно колкава е моќта и силата на тој двочасовен универзум на креативниот восхит – на само една театарска претстава. Дури тогаш на дело, без никакви специјални, дополнителни толкувања – се остварува во себе саморазвојната, самогенерираната, самоостварливата УМЕТНИЧКА ИГРА – се докажува и овистинува, се расцветува во полн сјај, ја потврдува смислата на многувековните усовршувања на различните видови театар ¬– со својата несогледлива енергија окупирајќи ги публиката, времето, историјата, политиката, воздигнувајќи го сето тоа, во виорот на креативната страст, до висина каде што човекот се чувствува како бог! Ретко се случува таа Шекспировата прашина и пајажина на фантазијата да стане толку реална и силна, богата и живототворна – да се постави како космички пандан на животот и светот – оној во настанување, во сите свои турбуленции, во возвишената благородност – подеднакво силно како во критичкото и грозно отрезнување при осознавањето на нискоста, на која сме секојдневно изложени и која, ослабени од сомнежите и од ситносопственичките обиди да оствариме сурогати – и самите ја градиме, свесно или несвесно, волно или неволно.

Имав големо задоволство да гледам една таква грандиозна претстава која во себе ја содржеше креативната енергија создавана во текот на многу години, во самите автори, во општеството, во поезијата, во политиката, во историјата на секојдневниот јад, во трагедијата и иронијата на опстанокот, во критиката и во потребата да се ПОБЕДАТ распадот и хаосот, во дневната опседнатост со трката за моќ и вулгарното грабање, за што поголемо парче од успехот и за горка, крвава среќа и уживање. Токму таков театарски настан се случи на сцената на Македонскиот Народен Театар во Скопје, со претставата „Подемот и падот на кабарето“ на режисерот и авторот Владимир Милчин. Самиот наслов кој на прв поглед е лесно разбирлив, веќе на втор поглед станува целосна енигма! Бидејќи кабарето е жанр кој носи олеснување, но и жанр на критичката острица, насочена кон секојдневните и локални мрежи на односите на моќ и измамите. А поимот за подемот и падот, кој како процес лесно се поврзува со епските дела на Брехт, кои исто така се потпираат на кабаретскиот дух, како популарен и моќен во директната комуникација, му обезбедува на насловот вистински парадокс и ја воведува публиката во светот на критичкото преиспитување, со игра, песна, скечеви и свесно изведени поетски испади – со забавните песни и горките острици на саркастичните резови, со афоризми и стрип-приказни.

А содржината: некој вид омаж посветен на самото кабаре, но и критички приказ – антологија на кабаретските записи, од времето на Француската буржоаска револуција до логорите на смртта на Хитлер, преку познатите германски меѓувоени херои на жанрот, до смртно сериозните и трагични руски автори, кои настрадале во логорите на Сталин поради своите остри и точни стихови и шеги. Се работи за вратоломна сложувалка на духот и на критичкото пресвртување на поимите, на отворањето разновидни средби меѓу ликовите на сцената, но и средби внатре во тоа специфично сценско-музичко-поетско-драмско ткаење, со светот и моментот во кој живееме – не само ние сега и овде, туку и сите за кои сме учеле, од кои сме учеле, или кои сме ги мразеле и против кои сме се бореле. Сите тие ликови, како некоја несопирлива, имагинарна а жива сила, се појавуваат на сцената во разни облици, во разни движења, понекогаш гадно потсмешливи, понекогаш скрупулозно елементарни, понекогаш ласцивно развратни, понекогаш опасно нападни, понекогаш неверојатно цинични, понекогаш борбено револуционерни, понекогаш театрално тирански крвожедни за угнетената нема светост која трпи и полека пропаѓа – несвесна за историјата, која со секој свој здив си ја создава сопствената убиствена или поттикнувачка енергија.

Во претставата „Подемот и падот на кабарето“ видовме и мизансцен и актери и сценографија и костими, го слушнавме текстот и ги чувме песните... но сето тоа го претставуваше само првото, само ЕЛЕМЕНТАРНОТО ткаење на стварноста, кое служеше како основа за она ВТОРОТО, вистинското, прикриено со едноставни сценски модели кои претставуваат цел сама за себе, и преку кои беше остварен подлабокиот приказ на ИДЕИТЕ, мислите, треперењето на сознанијата, засновани врз сеќавања и асоцијации. Се воспостави една огромна градба на СВЕТОТ во бавен и затркалан, брз и незапирлив ритам, со движење и самоостварување, се оствари една сложена историја на човечки неправди и жртвувања, љубов и насилство... и сцената ги изгуби своите физички граници, па се случи средбата со некаков жив, поиграувачки универзум кој се ширеше и се стеснуваше – пулсираше, токму како и овој вистинскиот космос – во онаа мера во која бевме подготвени да се впуштиме во таа никогаш завршена игра на креацијата и на критичкото преиспитување. Беше создадена вистинска ТЕАТАРСКА МАГИЈА, но не за да нé восхити и да нé натера да пропаднеме во нашите емоции, туку за да нé разбуди и освести, за НАВИСТИНА да го согледаме светот во сите негови турбулентни пресврти.

Претставата ја следи приказната на еден навистина револуционерен драмски текст на Шницлер за настаните во времето на Француската буржоаска револуција; дејството се случува во Кафулето-театар „Зелениот папагал“. Тука, како во некое современо реално шоу се собираат актерите и гледачите и меѓусебно си ги заменуваат местата, ги преминуваат границите на стварноста, а всушност си поигруваат со илузиите. Врз таа основа, низ честите прекини со песни и соло точки, преку мајсторското воведување нови детали и со комбинирање на времето, настаните и дејството, преку постојано уфрлување нови драматуршки слоеви, низ цитатите и сликите на новите ликови кои добиваат свое посебно место во новата превртена структура на приказната и дејството, во новиот емотивно-морален склоп се создава светот на КАБАРЕТО, како слика на целиот свет. Се разбира дека целиот тој свет се руши во последната слика на трагичната историја на човештвото – сé завршува во крематориум, како тоа да е неминовниот, црн пат на таквиот свет, кој тука се градеше – во лицемерието и измамите, во насилството и убиствата, во војните и експлоатацијата, во сплетките и порнографијата, сé ќе заврши во КАБАРЕТО ДАХАУ!.. И така, од гротескните забави на аристократијата во Париз, во виорот на револуцијата, пред самото гилотинирање и палење на најголемиот затвор на бедните – Бастилја, кој во фантазијата лесно се претвора во Сталиновиот Гулаг или американскиот Гвантанамо... И спротивно на основниот кабаретски обичај, нема НИЕДЕН збор кој директно алудира на кој било современ политички момент, нема ниедно име на политичар, писател, крадец, криминалец, полицаец, бунтовник, борец за човекови права... но, се разбира дека сите се присутни, сите знаеме за кого се работи, а не станува збор ниту за некакви скриени значења, не постојат алегории и метафоричен јазик, не – сé е завиткано во вистинската вистина, која е побогата и подлабока со значење од конкретната и секојдневната!


Сценографијата на Крсте Џидров е сложена и едноставна – порталите на кулисите, кои се отвораат и затвораат, ја продлабочуваат и ја скратуваат сцената, и на тој начин го овозможуваат движењето на историјата – врамувајќи го бескрајниот замав – поезија и стварност едновремено! Боите, материјалите, светлината, просторот исполнет со препреки и ѕидови... ѕидови... како во истиот миг да се наоѓате и среде и пред Бастилја, која мора да падне! Но се наоѓате и во соба – во кабарето-кафеана среде и пред Кремљ... Одлично и поетично! Костимите на Марија Пупучевска – од бело до црно, од разголеност до замотаната фигура на роб што умира, пред да биде фрлен во крематориумска печка, од униформите до неглижеата... сé одлично функционираше и со белината и со црнилото и со шик линиите и со опуштените кроеви. Музиката – необична, разиграна а воздржана, снажна а лирична, борбена а поетична – повторно одличниот композитор Марјан Нечак.

И се разбира, АКТЕРИТЕ! Речиси целиот ансамбл е на сцена, за речиси сето време од преставата. Тие се во богатиот и ликовно исполнетиот мизансцен, во емоциите, во мелодиите, во дијалозите и во стилот на разигрување на меѓупросторите ¬– прикажувајќи и преживувајќи, едновремено ¬– во модерното, освестеното, соживеаното, со дистанца од личниот момент на ликот, но со страст и со енергија, вдлабочено во погледот на светот и пред сé – со ислучително погодениот СТИЛ НА ИГРАТА! Излегувањето и влегувањето во некои од тековите на приказната – тоа е постојаната осцилација и поигрувањето со довербата и сомнежот, со вербата и измамата... Тој стил по себе ги осветли основните поими на целото дело, бидејќи ова е приказна за СЕОПШТАТА ИСТОРИЈА НА ИЗМАМАТА. Историја која и понатаму ќе се генерира и во која ние ќе живееме, поврзани со неостварената среќа на искреноста и хуманоста. Сите илузии на поредокот, без разлика за кој поредок се работи, се прикажани пред сé преку основиот стил на играта на актерите, во исто време необично и вистинито, моќно и суптилно. Затоа ќе ги споменам – свесен дека поради ограничениот простор нема да бидам праведен кон сите – само имињата на неколкумина од актерите, кои ја обележаа сцената со продорот во овој стил на преиспитување на лагите и вистината, играјќи ги ликовите на филозофот Грасе, Сашко Коцев, актерска ѕвезда на задимените подруми на кабареата, полна со страст и лажно-вистински одлуки; Анри – Тони Михајловски и неговата партнерка во животот без иднина, Леокадија – Софија Насевска; Грен – вагабондот-кариерист, ситниот крадец и новопечениот актер во кабарето – Славиша Каевски; како и младата актерка Ана Стојановска, во одличната улога на Матурантката, која го носи клучниот монолог за војната, додека публиката го следи и го доживува како свој, од збор до збор, со длабоко разбирање и сарказам. Стопан на целата програма – сопственикот на кабарето, беше сеопфатниот Проспер – Емил Рубен. Сите останати актери, барем дваесетина, беа апсолутно јасни во секој момент, присутни точно кога требаше и точно каде што требаше, како дел од комплексната и живототворна театарска машинерија која, раководена и инспирирана од раката на театарскиот маг, режисерот Владимир Милчин, го движеше светот на идеите и на искуствата, на надежта и свеста за бунтот, искрено и длабоко. Тоа е една голема, навистина значајна претстава и повеќе од тоа – тоа е светот на театарот на дело. Мислам дека се работи за најзначајната претстава денес на просторот кој некогаш се нарекуваше Југославија, а веројатно и пошироко во Европа. Честитам! Браво!

Извор: Радио Белград 2

Фотографии: Кире Галевски

ОкоБоли главаВицФото