Турскиот суд го отфрли планот за реконструирање на Таксим

04.07.2013 08:29
Турскиот суд го отфрли планот за реконструирање на Таксим

Турскиот суд го блокираше проектот за реконструкција на истанбулскиот плоштад Таксим кој имаше поддршка од премиерот Ердоган, а поради кој почнаа масовни протести во Истанбул и ширум Турција минатиот месец.

Токму поради амбициозниот план за градба на плоштадот Таксим и паркот Гези започна бран крвави протести кои траеја со недели ширум Турција.

Властите сè уште имаат право на жалба на блокадата на реконструкцијата на плоштадот и паркот Гези. Со проектот е планирана изградба на реплика на касарна од времето на Османлиското царство, со трговски центар.

Одлуката на судот означи победа на коалиционите политички сили и му нанесе пораз на Ердоган кој зазеде цврст став против демонстрантите, а за протестите рече дека ги предизвикале терористи и крадци.

Кан Аталај, адвокатот кој ја застапува Комората на архитекти која ја поднесе тужбата, рече дека административниот суд пресудил на почетокот на јуни, кога немирите го достигнаа својот врв, дека планот ги крши законските прописи и неприфатливо би го променил идентитетот на плоштадот.

За сега не е познато зошто јавноста дури сега е запознаена со пресудата.

„Одлуката ќе биде применета за сите работи на плоштадот Таксим. Проектот е откажан“, вели Аталај за Ројтерс.

Во протестите кои од крајот на мај до средината на јуни се одржуваа во цела Турција загинаа четири лица, а повеќе од 7.000 се повредени. Немирите завршија на 15 јуни, кога полицијата ги отстрани камповите на демонстрантите.

Извор: radiosarajevo.ba

ОкоБоли главаВицФото