1014 hPa
73 %
18 °C
Скопје - Сре, 19.08.2026 04:59

Јас живеам тука во една куќа што е во сите детали слична на мојата: распоредот на собите, мирисот на претсобјето, покуќнината, светлината - коса наутро, ублажена напладне, подмолна навечер - сè е исто, дури и патеките и дрвјата во дворот и таа стара порта што е наполу скршена и калдрмата крај влезот.
Исто така, часовите и минутите на времето што минува прилегаат на часовите и минутите на мојот живот. Во миговите кога тие кружат околу мене јас си велам: „Колку тие имаат вистински изглед. Колку тие прилегаат на вистинските часови што јас ги живеам во овој момент!“
Што се однесува до мене, макар што сум исфрлил од куќата секаков вид површина што прави одрази, ако сепак неизбежното стакло на некој прозорец тврдоглаво ми го прати мојот одраз, сосема добро гледам дека таму стои некој што ми прилега. Да, некој што многу ми прилега, се согласувам!
Но нека никој не ми тврди дека тоа сум јас! Тамам работа! Сè е лажно тука. Кога ќе ми ја вратат мојата куќа и мојот живот - тогаш одново ќе го најдам моето вистинско лице.
Превод: Влада Урошевиќ
Слика: Ричард Т. Скот