Груевски до Самарас: Пишем ти писмо да другови нисмо!

05.07.2013 08:21
Груевски до Самарас: Пишем ти писмо да другови нисмо!

Не ми се верува колку се провидни и прости дипломатските потези на нашата режимска власт. Демек, направиле брилијантен потег со тоа што Груевски го поканува Самарас, тие самите, покрај Нимиц, да се сретнеле и да се вклучеле во процесот за решавање на спорот за името. Ај, следниот пат предложи му да се видите Ти, жена ти, мајка ти Надежда и неговите најблиски и така пробај да ги истераш на чистина Грците.

Мислам, колку треба човек да е идиот за да не види каква наивна пуфка е ова со пишувањето писма и покани. Груевски, како прво, сè уште не дал објаснување за историскиот неуспех со недобивањето датум за преговори. Неговото интервју до македонската јавност беше пропаднат обид за правдање.

Второ, ваква тактика на Груевски видовме и со Папандреу и таа не донесе никакви резултати, освен што на Груевски му купи одредено време. Сега, втор пат игра на иста фора, ај да пиеме кафе, ај да се гледаме на недела дена, aj одбери ти кај сакаш.

Затоа, пораката би била следната: Абе, не зезај народ, Груевски и не купувај време, оти повеќе го немаш пред очите на странците, а сè повеќе го губиш и пред Македонците.

Македонија и Грција си имаат преговарачки тимови, си има процес кој оди преку ОН и Нимиц, конечно, ниту еден спор или каков било меѓудржавен проблем политичарите не го решиле со нивно директно преговарање и средби.

Напротив, тоа се случило по макотрпна дипломатска работа и посредништво, во амбиент на реална подготвеност, со политичка зрелост и волја за надминување на горчливите прашања и за постигнување компромис.

Друга работа, дека ова е само фол или е само спин, односно единственото нешто што овој режим знае да го прави, односно, комуникациска манипулација за домашна употреба и странско мачкање очи, е фактот што Груевски, демек, храбро и отворено се става во преден план. Демек, јас мажот, те предизвикувам тебе Самарас, па пробај одбиј ме.

Абе, готово е. Тоа не поминува веќе. Груевски кој цел живот бега од секаква одговорност, сега ќе прифати одговорност да го реши спорот?! Мало сутра.

Вакви финти во светот, во светската дипломатија и политика не поминуваат. Тие сакаат да видат суштина, факти, конкретни чекори, не балкански фори - е, дојди у мое маало па ќе збориме.

Не можам да разберам до кога нашиот диктатор планира да поентира на полето на името.

Човеку, разбери, никој не те критикува што не си го решил спорот за името, те критикуваме затоа што ни ја уништи државата.

Велиш сме биле неединствени, а Грците биле бетон. Како е можно тоа, кога немаш никаков домашен притисок, кога и опозицијата е на став дека не смее да се загрози идентитетот.

Затоа, пораката е јасна: Па, ти Груевски сè направи за да го замаскираш тој факт, дека всушност никој не ти прави притисок.

Постојано правиш поделби, постојано создаваш внатрешни конфликти, се повикуваш на предавници, па дури и ти си единствениот кој го руинираше нашиот идентитет.

Тоа, впрочем, и ти беше идејата, зашто знаеш дека сме единствени на поле на името, па направи сè за да се поделиме на антички и словенски, на предавници и патриоти, и поради тоа наше несогласување да можеш да избегаш од твојата одговорност.

Не знам за нашиот народ, но во очите на светот оваа иницијатива ќе биде разбрана како подол и кукавички потег, како итра местенка, на која никој нема да наседне. Инаку, брилијантен дипломатски потег не е само некого да поканиш, туку да го примораш или да го убедиш да прифати.

Мене ми е јасно, тебе целта ти е сосема спротивното, да не ти прифатат, па дома да се фалиш, а надвор да се жалиш. Таа твоја игра е одамна прочитана.

Слика: Свирачиња