Велосипедистите и ризиците од загадувањето

05.07.2013 11:23
Велосипедистите и ризиците од загадувањето

Велосипедизмот е одличен начин за превоз и за одржување на физичката форма, но дали велосипедистите добиваат доволно здравствени информации за штетните последици кои загадувањето на воздухот може да ги има во однос на нивните бели дробови?

Докторката Аманда Драер, вработена во одделот за рехабилитација при Централната универзитетска болница во Манчестер вели дека велосипедистите треба да бидат поинформирани за ризиците од велосипедизмот во загадените области.

Велосипедизмот е одлична вежба, која носи многу здравствени придобивки, и не треба да биде занемарена поради загадувањето на воздухот.

Сепак, неопходно е да се зголеми јавната свест во однос на ефектите кои загадувањето може да ги има врз функциите на респираторниот систем, а кои можат да бидат долготрајни или краткотрајни.

Во овој момент, поголемиот дел од луѓето не се запознаени со овие ефекти. Достапноста до повеќе информации, ќе им овозможи на велосипедистите да носат рационални одлуки за тоа кога и каде да возат.

Проблеми со дишењето

На загадувањето на воздухот влијаат многубројни фактори за кои со сигурност се знае дека имаат специфично дејство врз белите дробови.

Загадувањето кое го предизвикуваат издувните гасови од автомобилите е особено значаен проблем, бидејќи малите и ситните честички кои ги испуштаат автомобилите можат да бидат вдишувани во многу поголема мера од поголемите честички.

Кај луѓето со хронични респираторни нарушувања, тие можат да предизвикаат значителна иритација на дишните патишта и да доведат до проблеми со дишењето.

Загадувањето создава и штетни гасови – сулфурен диоксид, јаглероден моноксид, азотен диоксид и озон. Овие гасови имаат одредено дејство врз белите дробови.

Пред сè, тие можат да доведат до воспаление на дишните патишта и оттука да предизвикаат и иритација на дишните органи, да ја намалат количината на кислород која крвта може да ја пренесува и да ја загрозат функцијата на белите дробови.

Сепак, не постојат конклузивни и цврсти докази за влијанието на загадувањето на воздухот врз општата популација.

Резулататите од некои истражувања укажуваат на намалување на белодробната функција по воспаление на дишните патишта, додека други ја истакнуваат слабата поврзаност помеѓу воздушното загадување и можните последици врз респираторниот систем.

Но неколку истражувања ги анализираа ефектите од воздушното загадување врз фукнцијата на белите дробови кај велосипедистите.

Се претпоставува дека поради длабокото вдишување за време на физичкиот напор при возењето на велосипедите, велосипедистите вдишуваат дури пет пати повеќе честички од сите други учесници во јавниот превоз.

Но од друга страна, било укажано дека луѓето кои патуваат со автомобили или автобуси се изложени на многу поголем ризик од велосипедистите во однос на високите стапки на воздушно загадување, бидејќи тие се дел од една средина со ограничена воздушна циркулација.

И покрај ваквите спротивставени мислења, велосипедистите сепак треба да бидат информирани за потенцијалните ризици.

Не е невообичаено здравствените препораки да бидат контрадикторни и двосмислени, особено во вакви случаи, кога од една страна се поттикнува практикувањето на една активност која носи одредени здравствени бенефиции – секојдневната употреба на велосипедите, а од друга страна со истата таа активност потенцијално се зголемува ризикот од несакани дејства – зголемената изложеност на воздушно загадување.

Минимизирање на ризикот

Постојат многу актуелни дискусии на различни интернет-страници кои се посветени на велосипедизмот и кои предлагаат различни начини за минимизирање на ризикот на кој се изложени велосипедистите.

Тука се вклучени и пронаоѓањето на алтернативни патеки кои се оддалечени од големите јавни патишта, избегнување на областите со премногу сообраќај, како и поголема утилизација на патеките наменети за велосипедистите, кои нудат одредена зашита од воздушното загадување.

Исто така, велосипедистите треба да избегнуваат да возат во близина на автобусите или на автомобилите кои испуштаат издувни гасови, а кога ќе се најдат на некоја голема раскрсница, чекајќи да се промени црвеното светло, не треба да стојат зад неподвижните моторни возила, за да не ги вдишуваат издувните гасови. Препорачано е и мерење на загадувањето на воздухот во средината во која живеат.

Јавното здравје се потпира врз дефинирањето на опасностите и пронаоѓање нови начини за минимизирање на ризиците, но треба да биде засновано врз мерки кои би можеле да бидат применети од страна на поголем број луѓе. Важно е да се размисли кои мерки би можеле да бидат усвоени, со цел да се заштитат дишните функции на велоспиедистите.

Една од главните пречки при пренесувањето на јасна порака во однос на јавното здравје е непостоењето на јасен водич во кој би биле одредени прифатливите нивоа кога станува збор за загадувањето на воздухот во ризичните средини. Сите постојни водичи се премнгу неодредени и не нудат никакви конкретни показатели.

Потребни се подетални анализи за степенот на загаденост на воздухот во одредени урбани области, како и посветеност на целта за постојано истражување и пронаоѓање нови начини за намалувањето на загаденоста во нашата околина. Сето ова може да биде постигнато преку пронаоѓање на помалку штетни издувни гасови, на уреди кои ќе го контролираат нивното испуштање, како и поддржување на производителите на автомобили кои развиваат нови технологии ориентирани кон електричните возила.

Од друга страна, неопходни се и дополнителни средства за понатамошни истражувања чија цел би била насочена кон подобрување на јавното здравје и кои би овозможиле прецизно одредување на ефектите од загадувањето врз респираторниот систем, и кои конечно би го разјасниле прашањето во однос на тоа кои се всушност потенцијалните токсични ефекти од воздушното загадување врз белите дробови.

Една од главните стратегии на владата би требало да се состои од постојано набљудување на квалитетот на воздухот и од примена од мерки кои би овозможиле сигурно намалување на нивоата на загаденост.

Но, во речиси сите земји во светот не му се посветува големо внимание, ниту пак се инвестираат доволно средства кои би овозможиле соодветно мерење на степенот на загаденост на воздухот. Како резулатат на ова, велосипедистите не се сосема свесни за ризиците на кои се изложуваат со возење во областите каде што квалитетот на воздухот е далеку од оптимален.

Треба да се осигураме дека на луѓето им се достапни сите потребни информации врз чија основа ќе можат да одлучат кои мерки да ги применат за да се заштитат себеси од воздушното загадување – а ова може да се оствари само ако јавноста е запознаена со сите ризици и поттикната да преземе одредени јасни мерки.

Извор: BBC Health News