Kонески: Кажувања (6)

31.10.2009 12:01
Martinoski_8.jpg

На студии во Софија

Веќе се случија тие настани за кои зборувавме и тогаш пред нас се постави прашањето на продолжување на нашето учење. И, тоа беше една група, прилично голема група на студенти од Македонија. Заедно појдовме во Софија и таму секој се запиша на соодветниот факултет. Кога одевме ние од Прилеп, дојдовме во Велес, со возот. Тука првпат и еден единствен пат на станица го видов Кочо Рацин. Рекоа - ете, тоа е Кочо Рацин. Тој сакаше контакт со некои луѓе од нашата група. Ми останал впечаток за тоа како изгледаше физички Кочо Рацин. Кога дојдовме во Софија, таму се запознав со Венко Марковски. Таа наша група предизвика доста голем шум во Софија, бидејќи ние како Македонци настапувавме организирано и имавме контакти и со Македонци, студенти, од Пиринска Македонија. Тие ни се приближија. И заедно одевме, да речеме, да посетиме некои места што се важни за машето минато. Меѓу другото, знам го посетивме гробот на Ѓорче Петров. Сето тоа се правеше организирано. Тогаш, кога се запознав со Венко Марковски, нè поканија на една македонска свадба, во квартот Лозенец. Некое Македонче се женело. Појдовме таму. Имаше голем двор, речиси цела ливада, беше со трева послан. Во дворот оро, играње, веселба. И тогаш, по орото рекоа - сега ќе читаат македонските поети.

Прв настапи Венко Марковски. По него настапи Никола Јонков Вапцаров.

(Потоа Блаже Конески раскажува за впечатокот што му го оставил Вапцаров со својот настап: „Паметам и која песна ја рецитираше. Таа почнува со стихот Имала мајка един син, хубав бил тој. Таа песна се однесува на Илинденскара епоха. Го паметам и неговиот изглед. Убав, млад човек. Имаше неверојатно пријатен глас. Нешто како бас - баритон. Таков темен глас...”) Тука Конески се сеќава и за појавувањето на првите стихозбирки на македонски јазик - „Белите мугри” од Кочо Рацин, „Народни бигори", „Огинот” и „Лулкина песна” од Венко Марковски и „Молскавици” и „Пеш по светот” од Коле Неделковски. Тој зборува и за една нереализирана идеја со Коле Чашуле да објават заедничка збирка поезија. Таа била подготвена, но не и објавена поради ред околности. За време на студиите во Софија тој се запознава со погледите на видни слависти во врска со македонското јазично прашање, при што првпат дознава и за постоењето на книгата „За македонцките работи” од Крсте Петков Мисирков. Тука тој се искажува за професорите и за бугарските поети, што тогаш ги читал, како и за дружењето со бугарски студенти и интелектуалци, кои имале напредни погледи во однос на идното уредување на балканските држави, па во тој склоп и на Македонија. Мошне впечатливи се сеќавањата на Блање Конески за македонскиот војвода Крсте Гермов Шаќир, во чија куќа живеел за време на студирањето во Софија.

Во Врановци 1944

Во Врановци бев вклучен во редакцијата на „Млад борец”. Нешто како во својство на коректор, лектор... Но, не останав долго во оваа редакција, бидејќи мене ми дадоа задача да организирам преводачко одделение при Агитпроп на ЦК и Главниот штаб.

Продукцијата се засилуваше. И издавањето на материјали се засилуваше. Беше веќе една мала печатница оформена во Врановци. Се подготвуваше првиот број на „Нова Македонија”. Очевидна беше потребата повеќе таков материјал да се продуцира. А главниот извор беше преведувањето, било на вести, комуникеа, на некои говори, статии или на одделни брошури. А исто така беше потребно да се врши и јазична редакција на материјалите што излегуваа. На целата таа издавачка дејност, требаше да и’ се даде, колку што можеше повеќе, единствен јазичен облик. Ете, поради тоа беше создадено тоа одделение.
Да. Јас во редакцијата на „Млад борец” имав веќе работа со доста материјали. После се запознав и со некои веќе излезени публикации и видов дека има одредени, така да кажам, изразени тенденции во развитокот на нашиот писмен јазик. Дека делум тие тенденции се согласуваат со она што беше мој индивидуален опит, а делум не. Мојата претходна работа премногу беше базирана на состојбата во прилепскиот говор. Значи, сепак се карактеризираше со еден вид локална ограниченост. А јас многу брзо сфатив дека треба, она што е изразено како тенденија и санкционирано во една поширока употреба во пишувањето, во обја вувањето во текот на Народно ослободителната војна, треба да биде усвоено, треба да се води сметка за тоа. Се разбира, немаше некоја јазична изедначеност тогаш во ништо. Но, сепак, основните работи беа веќе доволно јасно искристализирани... И, јас водев сметка за тоа. Јас бев доста добро школуван и за мене не беше тешко сите тие работи брзо да ги сфатам и да си создадам една претстава кои тенденции се изразени во развитокот на нашиот писмен јазик. Јас требаше да се сообразам со тоа. Тоа е момент кога, така да кажам, јас повеќе усвојував отколку што имав намера да налагам нешто што со своите претходни размислувања и во своите претходни опити, за самиот себеси сум го правел и сум заклучувал.

Имаше тогаш еден мал текст „Времени правила за македонскиот јазик", тие правила немаа никаков официјален карактер. Тоа беше краток текст, нешто како практично упатство како да се пишува на македонски јазик. Не бев задоволен од тој текст. Од стручна гледна точка, мислам, не беше издржан текст. И, тоа мене ми даде една идеја јас да настапам со некои предавања во Врановци за македонскиот литературен јазик. Одржав две такви предавања. И третото го подготвив, но тоа не беше одржано... Интересот за тие предавања беше многу голем. Имаше дискусија. Составот на слушателите? Да. Да. Тие што беа членови на АСНОМ и така натака...

Македонска азбука и македонски правопис

... Јас сум бил човек вклучен во тој процес на создавање на македонска литература. И, сум имал извесни резултати во тој поглед. Како таков јас сум се вклучил и во ова време, при крајот на 1944 и 1945 година, и во работата врз дефинитивното оформување на македонскиот литературен јазик. Тоа не е нешто случајно дојдено. Меѓу другото, јас не се поканив самиот да учествувам во тоа. Јас бев ангажиран. Бев вклучен во тие тела што требаше да решаваат за донесувањето на македонската азбука и на македонскиот правопис. Сигурно дека во тој поглед, она што јас го покажав со предавањата во Врановци, имаше свое значење. Очевидно, луѓето можеа да оценат дека, сепак јас донекаде се разбирам во таа материја. И дека можам да придонесам... Ништо јас не сум избирал. Таму каде што ме праќаа, таму одев. И, како млад човек на дваесет и три години, плус како селско дете во кое не е развиена некаква амбиција, нити ориентација кон кариеризам, ништо јас не сум одбивал. Она што ми се нудело сум го примал и сум го сметал тоа за нормално. Кога дојдовме во Скопје, по 13 ноември 1944 година, наскоро беше свикана онаа Комисија за јазик и правопис. Ми се чини дека таа беше создадена од Президиумот на АСНОМ. И јас бев вклучен во таа Комисија и таа заседаваше... Меѓутоа, сета работа беше набрзина свикана и неорганизирана... Јас ја напуштив таа комисија. Ја напуштив наполно по своја волја... Особено не ми се свиде тоа што прозвучаа некои такви гледишта дека можеби треба да бараме помош од руски научници за тоа како да се реши нашето јазично прашање... Јас сметав дека нашето јазично прашање ние самите треба да го решаваме и никој нема право да ни се меша во тоа... Инаку, можам само да кажам ова, дека ќе беше една голема хипотека ако со потпис на Киселинов излезеше македонскиот правопис. Зашто, истата личност само неколку месеци пред тоа, пишуваше сосема друго во „Целокупна Б'лгарија”. И дури сега ние ќе знаевме како од некои страни ќе го ползуваа тој факт. Ние уште не си даваме сметка за тоа.

Јас просто решив да не учествувам во работата на таа Комисија. ...Таа донесе некаков свој предлог, меѓутоа АСНОМ не го усвои тој предког... Беше создадена нова Комисија. Тоа веројатно е веќе почетокот на 1945 година. Во таа Комисија исто влегов и јас. Беше и Венко Марковски, Васил Иљоски, Владо Малески, Крум Тошев, Киро Хаџивасилев, Густав Влахов... Оваа Комисија работеше подолго време по проект што се разгледуваше по делови и целосно, беше усвоен по делови и целосно. На трети мај 1945 година излезе решението на македонската влада за тоа дека се усвојува составот на азбуката, а подоцна, на седми јуни, излезе решението на Министерството за просвета, со кое се усвојуваше првиот македонски правопис.

... Најбитно е тоа што и без непосредно користење на Мисирков, нашите решенија од четириесет и петтата година, главно, главно се движат во тој круг, каде што и тој ги бараше решенијата на својот проект. Тоа значи дека е тоа еден процес, што во одредени моменти на својата кулминаија, доведува до слични решенија. Најважното беше што Мисирков за основа на нашиот литературен јазик ги земаше централните говори. А тоа прашање воопшто не се дискутираше кај нас четириесет и петтата година. Тоа се подразбираше. Може да кажеме дека, прашањата што се дискутираа, беа од минорен карактер, бидејќи најсуштественото прашање, базата на литературниот јазик, тоа беше решено. Никој не се сомневаше во тоа. Никој не стануваше да рече: Не, чекајте, не е тоа база, ами, база се, на пример, говорите од Штипско, или Струмичко и така натака. Е, а самиот избор на базата веќе претполага цел ред еднакви решенија натаму, во изборот на цртите на литературниот јазик. Плус, ние имаме еден развиток, да речеме, ако се работи за правописот, што нè води назад докај Џинот, од кога почна еден процес на модернизација на правопис. Тој процес е постепен. Мисирков прави голем чекор напред во тој поглед на модернизаија на правописот. Сето тоа е еден напластен опит. И други фактори тука дејствуваат. И, се разбира, и тој развиток мораше да дојде до израз во периодот на дефинитивното оформување на македонскиот литературен јазик, а кога се работеше за основите на кои ќе биде поставен неговиот правопис и неговиот азбучен систем.

За заслугите

Прво, треба едно да се сфати, дека никакви големи идеи во мојата глава немало, никакви претстави за некоја улога. Јас сум се вклучил скромно во една практика тогаш. И како човек што сум имал извесна лингвистичка подготовка, сум видел дека можеби подобро од некои други можам да ги следам појавите во тој процес на создавање на нашиот литературен јазик. Јас барем, а мислам дека и повеќето луѓе од мојата возраст, не биле исполнети со некаков патос во однос на задачите што стојат пред нив. Ние сме пристапувале кон тоа практично, гледајќи да го свршиме она што стои пред нас по мерата на своите разбирања и можности. . Ете, тоа е еден мал опис на општата духовна состојба, на пример, во која сум се наоѓал јас, а верувам и сите оние луѓе со кои што јас сум соработувал и што ми биле блиски и што биле од мојата генерација, што се интересирале за литературата, па се обидувале било во поезијатаа, било во прозата, било во публицистиката. Општиот ентузијазам од слободата е еден историски познат факт. И ние сето тоа го доживувавме. Но, јас вршев нешто што на некој начин беше вклучено во мојот домен, во мојата специјалност. Особено во ситуацијата кога немаше многу луѓе што беа лингвистички образовани во нашата средина. Можеа на прсти да се избројат.

По ослободувањето на Скопје мене ме ангажираа за лектор на Македонскиот народен театар, со оглед на тоа што им требаше човек да води сметка за јазикот. Театарот е важно место кога се работи за јазичната култура.
( Во февруари 1945 во овој театар, пред да се случи неговото официјално отворање со драмата „Платон Кречет", се изведува едночинката од Блаже Конески „ Гладна кокошка просо сонуе” заснована врз актуелна тема од тоа време, а која ќе биде и обавена во едиција на хумористичниот весник „Остен", во чија редакција учествува и Конески. Тогаш тој учествува и во издавањето на списанието за литература и уметност „Нов ден", како и во формирањето, малку подоцна, на Друштвото на писателите на Македонија, за чиј прв претседател ќе биде избран тој. Конески веќе е вклучен во литературниот живот со објавувањето на поемата „Мостот", на антологијата на македонската народна лирика, како и со објавени статии за литературата и за јазикот.).

Формирањето на Филозофскиот факултет

Институтот за македонски јазик

Македонската академија на науките и уметностите

Активности во врска со изучувањето, проучувањето
и афирмацијата на македонскиот јазик

( Блаже Конески е вклучен во групата што треба да ги направи подготовките за отворање на Филозофскиот факултет во Скопје. Факултетов почна со првите предавања во декември 1946 г. Потоа следува неговото учество во низа важни дејности во врска со проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, во формирањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков", со издавањето на својата опширна Граматика на македонскиот јазик во два тома и на Историјата на македонскиот јазик. Треба да се одбележи излегувањето на списанието „Македонски јазик", па подоцна „Литературен збор”. Истовремено се проектира и се работи на Македонскиот речник во три тома. Во тие активности влегува и појавата на Семинарот за македонски јазик и литература, како една важна алка во ширењето на интересот за нашиот јазик во светот. Доаѓа времето и за формирање на Македонската академија на науките и уметностите, при што, Блаже Конески веќе како дописен член на академиите во Загреб и во Белград е ангажиран да ја реализира таа иницијатив. Па бидува избран и за нејзин претседател во два мандата. Кон ова треба да се додаде постојаното негово ангажирање во создавањето на врски со низа научни институции и личности од светот, кои се вклучуваат во изучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик).

Приврзаник на јасноста

Да. Дваесет и пет години имав кога почнав со педагошка и научна дејност. Бев ангажиран, како што реков, прво како предавач. По некоја година бев избран за вонреден професор, а во 1957 година и за редовен професор на Филозофскиот факултет. Јас немав претходна подготовка за педагошка работа, во формална смисла. Значи, нити сум бил на некој стажантски курс, нити сум предавал порано. Сум предавал по војната одвреме навреме, само на некои курсови, што е малку да се смета за педагошка работа. Меѓутоа, јас мислам дека човек се раѓа како педагог. И јас лично имав на кого да се угледам. Самиот правев избор прво меѓу своите професори од кои сум учел. Размислував кој предава подобро, кој предава полошо. Освен тоа имав своја ориентација и во научната литература. Јас сум приврзаник на јасноста. Сум ги следел оние научници, лингвисти, слависти, што умеат јасно да ја изложат материјата, не се губат во фрази. А тоа значи дека не се плашат ни да ги покажат границите на своето знаење, односно незнаење...Секогаш она што самиот го усвојував, се трудев да им го пренесам на своите студенти на еден колку што можам појасен начин. Јас тврдев дека не знам една работа дури не можам достапно на студентите да им ја објаснам. Ако не можам нешто на студентите да им го објаснам, значи дека самиот тоа сè уште недоволно сум го усвоил.

Работа со студентите

Што се однесува до работата со студентите, исто ги вклучувавме во научната работа, преку оние дипломски работи, што тогаш беа задолжителни, што јас ги сметам како нешто слично на сегашните магистерски работи... Тоа беше многу важна форма. Секој што дипломираше требаше да даде еден текст посериозно обработен. Често пати тој текст требаше да значи некој, макар мал., придонес кон македонистиката. Едно истражување. Ги воведувавме студентите во тие методи. Јас можам да Ви кажам дека од тие дипломски работи шест објави нашата Катедра. Тие се користат и денеска, се цитираат во научната литература, во славистиката...

Инаку јас сметам дека студентите имаа добар однос спрема мене и ретко, речиси не паметам, некој неудобен случај.
Иако важев за доста строг професор, јас заправо не бев строг во однос на оценувањето, особено на испитите. Меѓутоа, некој респект имаше спрема мене кај студентите и тоа придонесуваше и да се подготвуваат подобро. Инаку, јас како педагог дојдов до едно сфаќање и го изразив во една максима. Јас велев - подеднакво ми се драги и добрите и слабите студенти. А зошто? Добрите го усвојуваат нашето знаење, но и нашите заблуди. А слабите не го усвојуваат нашето знаење, но се ослободени од нашите заблуди. Така што, во развитокот, во конечниот резултат и едните и другите придонесуваат да се постигне нешто добро.

За зрелоста на нашата средина

Од нас зависи дали нашата јазична средина ќе биде загрозена или не. Ако гледаме реално, ние имаме огромен напредок во литературата и во науката за овие неколку децении. Земете ја само литературата, земете ја македонската проза. Четириесет и петтата година воопшто ја немаше. Некои мали раскази. Скромни. А денеска ние имаме многу добри романи, што можат да стојат во секоја литература. Имаме засилена продукција. Тоа не зборува за еден процес што водел кон упадок, ами зборува за проес што водел кон издигање. А што во нашата средина има луѓе недоволно образовани и самосвесни да ги ценат тие успеси и да ја читаат таа литература, и да се воспитуваат на неа, и својот јазик да го градат на неа - тоа е друго прашање. Тоа е прашање на самата зрелост на нашата средина. И тука има многу компоненти. Треба тоа да се расчлени. Тоа е задача на една голема социолингвистичка студија.
Не е важно тоа што некои генерации порано се школувале на други јазици... И овие, што напишале најубави работи на македонски јазик, исто учеле на различни јазици. Важното е дали тој човек навистина сака и има ли симпатија за она што како духовна вредност се создава во неговата средина. Или му е потчинет на чувството на инфериорноста, што дури потценува сè што добро ќе се направи во неговата средина, мислејќи на тоа дека другите подобри работи создаваат, што на крајот на краиштата е и точно. Ама наша задача не е да се потчинеме на таа ситуација, ами да се трудиме колку што можеме да го достигнеме она рамниште, што е постигнато сегде во културниот свет. А кај нас има една категорија луѓе, во различни специјалности, што се, би рекол, недоволно културно зрели, па и недоволно свесни како припадници на една средина што сака да се афирмира. Тие се готови многу лесно да паѓаат во апатија, во песимизам и дури црната страна, иако таа постои, уште поцрна да ја прават, а светлите моменти да не ги забележуваат, бидејќи не се способни за симпатија. Ним им пречи ако некој во нивната средина нешто постигнал.

Врски со светот

Во почетокот, кога ја формиравме Катедрата за македонски јазик, ние, со Крум Тошев, воспоставивме контакти, главно, во Југославија. Меѓутоа, од 1950 година почнавме една далеку поширока акција. Се решивме да стапиме во контакт со светот, притоа мислам на славистиката, на нашата специјалност. Меѓу првите, знам, беше Реџиналд Де Бреј, тогаш професор од Лондон, којшто сега живее во Австралија како пензиониран професор и е странски член на Македонската академија на науките и уметностите. Резултатот од таа негова посета беше за нас важен, затоа што тој го вклучи македонскиоит јазик во својот учебник за словенските јазици, кој што стана стандарден за англоамериканските универзитети. Исто така дојде од Хелсинки професорот Валентин Кипарски, со својата сопруга. Нив ги придружив лично и до Прилеп, Охрид.

Приближно во истото време, негде во почетокот на педесеттите години. А секако беше посебно значајна посетата на Хораст Лант, професор на Харвардскиот универзитет во Кембриџ, во Соединетите држави. Тогаш уште млад професор. Тој беше учесник на еден семинар за нашите јазици на Блед. Таму се запознав јас со него и потоа тој дојде во Македонија. Остана, мислам цели два месеца и за тоа време собираше материјал за својата Граматика на македонскиот литературен јазик. Наскоро таа книга излезе. Овде во Скопје ја печатевме и содржеше не само граматички опис на нашиот литературен јаик, ами и еден избор на текстови од македонската литература и еден речник, од околу осум илјади збора, македонско - англиски. Таа книга е, сè до денеска, најчесто цитираната работа кога станува збор за македонскиот јазик. Таа придонесе многу за афирмација на нашиот јазик меѓу славистите. Пишувана солидно, со еден метод современ, таа и по своите квалитети го привлекува вниманието. А освен тоа откриваше и една нова област интересна во областа на славистиката.

Слики: Никола Мартиноски

Другите делови од „Кажувањата“ можете да ги прочитате на следниве линкови:

Конески: Кажувања (1)

Конески: Кажувања (2)

Конески: Кажувања (3)

Конески: Кажувања (4)

Конески: Кажувања (5)


 Окно, браво за Конески! Оваа

 Окно, браво за Конески! Оваа книга не знам дали воопшто може негде да се купи некаде, изданието сигурно е веќе одамна исцрпено.
Конески заслужува да биде читан и препрочитуван.

ОкоБоли главаВицФото