Еден Бразил за сите

06.07.2013 11:54
Еден Бразил за сите

Повеќе од една недела, стотици илјади луѓе излегуваат на улиците на најголемите бразилски градови, вклучувајќи ги Рио де Жанеиро, Сао Паоло, Бразилија и Бело Хоризонте. Демонстрациите кои започнаа како изолиран протест против зголемувањето на цените на автобуските карти во Сао Паоло набрзо прераснаа во масовно движење против корупцијата и елитизмот на политичкиот систем и непотребните и огромни трошоци при подготовките за Светското првенство на ФИФА и Олимпијадата. Многу коментатори беа изненадени, особено ако се има предвид фактот дека Бразил го ужива угледот на растечка светска сила која во изминатите десетина години направи многу за да избави милиони жители од сиромаштијата. Притоа, Светското првенство и Олимпијадата досега беа толкувани како знаци за стапувањето на земјата на глобалната сцена, како блескави примери на новиот Бразил.

Како и во секој имиџ, и тука има нешто вистинито. За време на владеењето на левичарската Работничка партија (Partido dos Trabalhadores или PT) на Луис Игнасио Лула да Силва (Лула) од 2003 до 2011 и на неговата наследничка Дилма Русеф, од 2011 до денес, бразилската економија постојано расте. Можеби растот не е спектакуларен, но за разлика од претходните влади, РТ се потруди развојот да биде почувствуван и на маргините на општеството.

Помеѓу овие обиди, најпозната беше пограмата за трансфер на пари наречена Болса Фамилиа, која обезбеди минимален приход за четвртина од популацијата. Но беше забележан и рамномерен раст на минималниот личен доход, како и на достапноста на социјалното осигурување и на поволните кредити за сиромашните домаќинства. Уште повеќе, за време на владеењето на РТ, државните трошоци за образование беа зголемени за три пати, а бројот на студенти за два пати, бидејќи државата ги принуди универзитетите да обезбедат места за студентите кои доаѓаат од сиромашните семејства.

Не може да се порекне фактот дека за милиони луѓе животот стана многу полесесн. Стапката на сиромаштија падна од 35% во 2003 година на 21% во 2009 година, а стапката на крајна сиромаштија беше двојно намалена, од 15,2% на 7,3% од населението. Во изминативе десетина години, како што сите пишуваа, четириесет милиони луѓе влегоа во редовите на средната класа, која за прв пат во историјата на Бразил се состои од повеќе од половина од населението (иако метдологијата врз која се темели овој податок сè уште е оспорувана од страна на одредени групи).

Притоа, овие материјални придобивки беа проследени со значајна промена на политичкиот дискурс од страна на РТ која не ги третираше сиромашните маси како закана која треба најтактички да се избегне, туку како дел од општеството кој ги заслужува истите права како и другите. Лула и Дилма постојано говореа за изградбата на една нова нација, и ги вклучуваа оние кои претходно беа изоставени од тој процес. Значењето на ваквиот дискурс и на постоењето на владејачка партија чии корени се дел од работничкото движење, а која до неодамна беше предводена од човек со скромно потекло како Лула не може да се занемари во една земја која низ историјата беше запознаена само со владеењето на елитното малцинство. Многу социоеконмски проблеми несомнено останаа нерешени, но за време на владеењето на РТ, бразлиските маси беа интегрирани во општествениот поредок, па нивната улога порасна до невидени размери.

Во извесна смисла, самите демонстрации го илустрираат успехот на владата. Имајќи ги предвид подобрувањата на животните услови на милиони луѓе и политичкиот дискурс кој се залага за инклузија на сите сектори во бразлиското општество, не е чудно што сите овие сектори сега бараат да ги остварат своите права и да ги исправат неправдите.

Но тука доаѓа до израз и ограничениот модел на владеење на РТ. Иако РТ започна како партија на исклучените која се залагаше за партиципативна демократија, таа во голема мера се откажа од секој обид за реформирање на стариот елитистички политички систем откако ја презеде власта во 2003 година. Иако победата на Лула беше воодушевено поздравена од прогресивните сили и во земјите ширум светот, Бразил цврсто остана на позицијата на умерените влади кои беа во голема мера бирани во Латинска Америка во изминативе десет години, не само во економска, туку и во политичка смисла. Додека другите експериментираат со партиципативната демократија и со пишувањето на новите устави, чија цел беше да им овозможи на граѓаните на непосреден начин да учествуваат во политичкиот систем, РТ најчесто се држеше до инструментите на претставничката демократија, дозволувајќи им на граѓаните да гласаат еднаш на четри години, а потоа очекуваше од нив да го им го препуштат управувањето со државата на политичките елити.

За една партија која произлезе од општествените движења и која го поттикна процесот на партиципативно носење на буџетот во локалната управа во 1990-те, ова претставуваше прилично голем чекор наназад. Тоа создаде напнатост помеѓу општествените движења како Движењето на работниците без земја (Movimento dos Trabalhadores Sem Tera или MST), кое значително придонесе за победата на Лула, а особено помеѓу порадикалните и попрогресивните фракции на самата РТ, кои очекуваа дека владата ќе биде подготвена да експериментира со партиципативните механизми на владеење. Наместо тоа, Лула и Дилма основаа корпоративни тела, како Сојузот за економски и општествен развој, кој ги собира претставниците на капиталистите, синдикатите, невладините организации и опшествените движења и ја „советува“ владата за нејзината општа политичка насока.

Додека владата ги претставуваше Советот и другите слични организации како начини на создавање „дијалог“ помеѓу државата и општеството, овој разговор беше прилично едностран – повеќе функционираше како средство за наметнување на владините развојни визии во однос на државата, отколку како смислено преговарање за приоритетите и правците. Фијаското околу енормните трошоци за Светското првенство е совршена илустрација за едностраноста на овој дијалог, затоа што владата и ФИФА најчесто ги наметнуваа проектите без никаков осмислен разговор за трошоците и добивките, задржувајќи се само на повторувањето на рефренот дека Купот ќе го означи влезот на државата на меѓународната сцена.

Па така, денешните протести претставуваат експлозија на итните проблеми, но и на долготрајните тензии кои беа занемарувани од страна на голем број промотери на бразилските успеси. Како што покажуваат и демонстрациите, овие тензии може да се игнорираат некое време, но не и вечно. Сега блефирањето на политичкиот проект РТ е откриено. Додека моќните сектори на бразилското општество се обидуваат да ги протуркаат промените, спречени се од страна на ограничувањата на своите сопствени инклузии: од контролата на политичкиот систем и од управувањето на елитата.

Можеме само да претпоставуваме како ќе се одвиваат нештата во иднина. Претседателката Дилма одговори на протестите фалејќи ги како знак на силната бразилска демократија и призна дека луѓето сакаат поголемо граѓанско учество, а потоа ги убедуваше дека нејзината влада се бори за промена на земјата во склад со овие барања. Имајќи го предвид досегашното владеење на РТ, нема многу индикации дека ваквата промена ќе подразбира сериозна реформа на политичкиот систем која ќе отвори простор за осмислена политичка партиципација. Останува да видиме дали владиното уверување дека тие всушност го слушаат народот ќе биде доволно за да ги смири демонстрантите.

Извор: Inside Story

ОкоБоли главаВицФото