Трансвестизам

06.07.2013 18:31
Трансвестизам

Според поновото значење кое се јавува при крајот на XVII век, трансвестизмот значи преоблекување. Со трансвестизмот во исто време се означува и преоблекувањето (термин кој доаѓа од италијанскиот travestire во XVI век) и неговите резултати. Тој се сфаќал како начин за промена на изгледот со цел на поинаков начин да се обликува телото на некоја личност (во театарот, за време на карневалот...)

Зборот обично се користел за да се означи вид игра при која личноста се преправа во некој друг, прифаќајќи го однесувањето на личноста од другиот пол или со поинаква општествена положба; понекогаш овие две се комбинираат. Подоцна бил сфатен како начин на кој поединецот си поигрувал со одреден корпоралитет (облека, шминка, накит, гестикулации) својствен за полот кој не бил негов. Па така, мажите кои сакале да се преоблекуваат во жени ги користеле општествените обележја на феминитетот, а жените ги користеле општествените обележја на маскулинитетот.

Во построга смисла, преоблекувањето означува некоја промена, прифаќање на некаква поинаква физиономија. Но според негативните конотации, оваа лажна трансформација го искривува, го фалсификува изгледот. Личноста која се преоблекува внесува забуна на планот на родовите, особено ако трансвестизмот го постигне својот ефект, односно ако преоблекувањето успеало. Значи, се појавуваат две прашања поврзани со автентичноста на идентитетот: Дали е тоа (вистински) маж? Дали е тоа (вистинска) жена?

Од трансвестизмот произлегува двосмисленоста. Двосмисленоста на изгледот, но и двосмисленоста на намерите. Да се изгледа поинаку може да биде одраз на желбата да се стане поинаков/поинаква, но преоблекувањето може едноставно да служи и како инструмент при поигрувањето со перцепцијата на другиот. Постои навистина уметнички трансвестизам, исто како и лудистички. Се работи за тоа да се одржи илузијата, на тој начин што ќе се создаде една естетика на неразликувањето, па дури и на бришење на родовите – естетика на измамата. Во книжевноста, театарот, танцот, во уметноста на перформансите често се користат овие практики за да се објасни човековата судбина и нејзините категории кои на сите понекогаш им го припишуваат товарот на еден неподнослив идентитет. Постои и милитантен трансвестизам. На пример, такво било и преоблекувањето на Жорж Санд, која се облекувала и пушела луле „како маж“, сакајќи да делува на конкретен начин и секојдневно да го изразува нејзиниот бунт против општествените конвенции, како и на на Клод Каен која ја бричела главата и негувала неодреден изглед. Слично на нив, и многу други жени се преоблекувале за да ја изразат својата политичка борба против патријархатот и хетеросексизмот.

Меѓутоа, фигурата на „женскиот трансвестит“ – на „погрешниот род“- останала релативно дискретна. Жените трансвестити пронаоѓале начини на кои можеле да ги избегнат барањата кои им наложувале да се придружуваат кон желбите на мажите во однос на нивниот изглед. Денес, квир теоријата и милитантизмот и неговите различни појавни облици (butch, femme, drag king) го нагласуваат значењето на трансвестизмот за жените кои го преиспитуваат симболичниот сексуален поредок. Радикалните феминистки и лезбејките ја користат сценската поставка на телата за да се борат против „стрејт мислењата“ (Витиг, 2001).

Но нештата се малку поинакви со фигурата на „машкиот трансвестит“. Ако таа може да ја отелотворува потрагата по идентитетот, тогаш таа е предмет на најмалку две семантички поместувања. Првото од нив карикатурално го претвора трансвеститот во хомосексуалец, а трансвестизмот во ознака за една чудна, па дури и перверзна сексуалност. Во Petit Robert е дадена следнава дефиниција за терминот „трансвестит“: „Хомосексуалец облечен (нашминкан) како жена, кој понекогаш има женски секундарни полови обележја, природни или предизвикани“. Тука „трансвестит“ е суштински употребен во машки род, а трансвестизмот се поистоветува со давањето предност на одредена сексуална ориентација. Тука „трансвеститот“ е синоним за хомосексуалец.

Во согласност со ваквата општа перцепција, определбата на мажот да изгледа како жена веднаш се поврзува со сексот и упатува кон категоријата на еротизмот. На овој начин пазарот за порнографија и проституција ги користи мажите трансвестити или трансродовите мажи (she-males). Меѓутоа, ниту публиката, ниту самите клиенти не се определуваат како хомосексуалци. Заробени (помалку или повеќе трајно, или повеќе или помалку непроменливо) во еротизираните ознаки на женскиот род, со сочувување на своите машки тела, трансвеститите својата вредност на сексуални објекти ја извлекуваат од својата двосмисленост и од својата пластичност. Во проституцијата нивната машка анатомија не се укинува, туку напротив, се користи нивната двосмисленост. Постојаните клиенти на проститутките трансвестити не се „прелажани“, туку се целосно свесни дека го користат телото на еден маж преоблечен како жена. При сето тоа, дури и во тој контекст, ништо не го оправдува спојот трансвестит/хомосексуалец. Хетеросексуалните мажи кои се проституираат можат да прифатат одредена „работна облека“ и да пружат „професионални услуги“, а притоа нивната сексуална ориентација нема да биде доведена во прашање. Телото на машките проститутки е вклучено во комерцијалната шема со цел да се најдат клиенти, а не за задоволување на себеси. Но и надвор од регистрите на проституцијата, разбирањето на трансвестизмот бара да се изведе јасна разлика помеѓу сексуалната ориентација на една личност (нејзините наклоности во однос на партнерот, делумно или исклучиво од спротивниот пол, делумно или исклучиво од истиот пол) и начинот на кој таа личност се чувствува од аспект на нејзиниот идентитет (во поголема мера како „маж“ или во поголема мера како „жена“). Ако не, доаѓа до второто семантичко поместување кое трансвеститот го претвора во прва фаза од транссексуалноста. Помеѓу трансвеститот и транссексуалецот би постоела само разлика во степените, додека разликата вусшност се состои во логиката, како и во соодветната желба.

На крајот на краиштата, според самиот свој принцип, како и според облиците, трансвестизмот нуди средство за анализа на начините кои општеството ги користи за да преговара за маргиналните заедници, како и при одржувањето на општествените норми за родот. Научното знаење иницираше еден чекор кој може да води од трансвестизам до транссексуалност, благодарение на настанокот на една патологија. Во XIX век лекарите го користат терминот „трансвестизам“ (или травестизам) за да го карактеризираат однесувањето кое се оценува како абнормално и кое означува нарушување на идентитетот. Кршењето на општествените правила кои го одредуваат родот станува индивидуална патолошка тенденција. Трансвеститите, трансродовите личности, транссексуалците и транссексуалките зависат од одлуките на медицинските власти чија намера е во секоја смисла на зборот да ја преземат грижата за нив.

Меѓутоа, дури и ако е неоспорно дека личностите со трансидентитети длабоко страдаат, современата реалност на трансвестизмот во многу аспекти ги надминува клиничките случаи и болестите. Спонтаното уверување дека постои само машки трансвестизам (од мажи во жени), дека овие мажи само сакаат да ја истакнат својата хомосексуалност и дека нивната желба е да станат жени, прикрива една димензија на трансвестизмот која не може да се занемари. Таа се однесува на поимот трансродовост, чиј субверзивен потенцијал е толку многу изразен што постојат поединци кои не сакаат да го променат својот пол, а не се ниту хомосексуалци. Наместо да се вклопат во илузијата, трансродовите личности (без разлика на тоа дали се мажи или жени) ја одржуваат оваа илузија во својот секојдневен живот или за време на важните моменти. Трансвестизмот се сфаќа како позитивен елемент при конструкцијата на саканата слика за себеси. Она што го изразува искуството на меѓупросторите е одбивањето на бинарниот поредок во светот.

Таму каде што јазикот преку семантичките поместувања произведува континуум од трансвестити-ки/трансексуалци-ки, трансродовиот трансвестизам овозможува да се прекине овој претпоставен континуитет. Разбирањето на логиката која владее со овие простори ја овозможува и појавата на други значења, а не само на оние кои го определуваат поредокот од знаења, политичкиот поредок и симболичкиот поредок за секоја личност. Овие современи практики стануваат дел од рушењето и постојаното редефинирање на границите на родот, ограничувањата на изгледот и обележувачите на идентитетот. Оттука отпорот, оттука недоумиците, оттука нетолеранцијата, неразбирањето и појавата на новиот страв, означен со терминот трансфобија, додека во истиот момент се манифестира фасцинираноста од трансформистичките претстави.

Кога се работи за трансвестизмот, пиратеријата на родовите категории конечно сведочи за способноста за потврдување во една човечка смисла, која подразбира обликување на своето тело за тоа да може да се моделира според сопствените желби. Ова ја најавува иднината во која „изместените“ тела на XXI век се отелотворуваат во меѓупросторот и во флуктуацијата. Трансвестзимот учествува во овој процес, но не само за да се појави или за да стане нешто друго, туку за да создаде еден друг род, не сосема машки, а ни целосно женски, кој е речиси првиот, но исто толку (не) е (ни) и вториот...

Стрип: Princess Knight
Извор: Le dictionnaire du corps

ОкоБоли главаВицФото