Рок

08.07.2013 10:46
Рок

Можеби ќе делува чудно, ама последните неколку дена градот повторно заличи на – град! До душа, прилично андерграунд и за прилично мала група луѓе, ама, сепак – град. Оваа невообичаена појава може да се види во четвртоците пред Градскиот трговски центар, каде што граѓаните на Скопје кажуваат и покажуваат зошто го сакаат можеби најзначајниот урбан објект во градот, таков каков што е. Станува збор, главно, за возрасни луѓе, луѓе што ја паметат изградбата на овој капитален објект и што таа значела за нив и за нивните животи. Станува збор за вистински урбани луѓе, интелектуалци, лекари, архитекти, сликари..., луѓе, кои освен љубовта кон градот, ги поврзува и сличниот систем на вредности, истите идеали во животот и, секако, заедничкото генерациско милје, да не кажеме заедничкиот воспитен процес, што се одразил врз нивните формативни години. Со еден збор, луѓе растени врз рок-културата!

Веќе следната вечер, при една случајна прошетка, откривме еден моќен гитарски звук од дворот на „Веро“ наспроти Народна банка. Тоа Влатко Стефановски, со своето трио, ја демонстрираше енергијата што произлегува од рок-идиомот. Не беше воодушевувањето од виртуозноста на гитаристот (таа е позната), туку од неговиот ентузијазам, од неговата радост на свирењето. И иако немаше многу публика и иако настапот не беше важен, Стефановски свиреше како да треба допрва да се покаже и да се докаже – среќно, моќно и грандиозно.

Но, она што навистина потсети дека во градот има сè уште душа, беше свирката од саботната вечер на најголемите скопски легенди од уличната рок-музика: Шпиц и Уки. Тоа се оние момци што, многу пред градоначалникот Коце Трајановски со декрет да постави улични свирачи во центарот на градот, со децении свиреа рок токму на излезот од Градскиот трговски центар, на главниот плоштад, додека уште личеше на плоштад или на Камениот мост, додека со право го носеше своето име. Значи, станува збор за момците кои имаат поминато ужасно голема километража, и во преносна смисла, но и во буквална, низ европските престолнини, претворајќи ја рок-музиката во вистински начин на живот.

Ветераните овојпат беа придружени со двајца помлади музичари (бас и гитара, а барем едниот од нив, колку што разбрав, му е син на Шпиц, така што на некој начин традицијата на урбаното живеење има свое продолжување), а од некаде, со своите клавијатури, се појави уште еден од овдешните рок-ветерани, Деко (екс „Бадмингтонс“, „Александар Македонски“, „Клержо“...).Свирката, поточно џем-сејшнот беше во кафулето зад некогашното кино „Култура“, односно во непосредна близина на Собранието на Република Македонија, што на целиот настан му даде дополнителен шмек на илегала, на некаква субверзивна, да не кажеме револуционерна дејност, спротивна на владејачкиот морал и декадентната барокна естетика. Зашто, не стануваше тука збор за никакво потсетување на младост, никаква носталгија, ниту пак некаква реминисценција на „старите добри времиња“, туку за чистата срж на рокот – за автентичен крик во земјата со опустошени вредности.

Зашто, рок-музиката секогаш била тоа – многу повеќе од музика и многу повеќе од забава. Таа е став! Засебна филозофија, насочена повеќе „за“, отколку „против“. Начин на размислување со отворен ум. Разголување на лажниот морал. И сè друго што влегува во добрата традиција на урбаните вредности.

Рокот, значи, по својата суштина е толерантен. Тој не само што не признава, туку воопшто и не познава граници и ограничувања по каков било критериум: социјален, национален, државен и парадржавен, расен, верски, јазичен... За рокенролот сите се слободни, сите се еднакви и сите ги имаат сите права, а светот може да биде убаво место за живеење. Тој во својата суштина е длабоко хумано, солидарно и слободарско движење. Да не го заборавиме фактот дека најголемите пари за хумани цели не се собрани преку никакви акции и институции, туку преку рок-концерти. И не е тука само фамозниот „Лајв Ејд“ на Боб Гелдоф, манифестација што собра најмногу хуманитарни средства во историјата на човештвото. И затоа, на пример, едно од главните гесла на рок-револуцијата беше „Водете љубов, а не војна“. Во таа смисла, рокот е супкултура која официјалниот естабилишмент инстинктивно ја детектира како природен непријател. Имено, рокот во својата основа тоа и е – опасност по владејачкиот поредок. Тој ги проширува маргините на слободата, а општествениот поредок ги задржува во постоечките рамки.

Конечно, иако фундаментално пацифистички, рокот е агресивен израз за промени. Со корени што потекнуваат од блузот, значи од црната музика на обесправените, и самиот е автентичен израз на општествено маргинализираните класи и групи. Но, за разлика од блузот, односно од музиката на памучните полиња, рокот е карактеристична појава на субурбаните простори, работничките предградија и прилепените сламови до градот. Во таа смисла, станува збор за ординарна, но важна, дури и фундаментална градска појава.

Како највлијателна супкултура во последниот половина век, рок музиката има сериозни влијанија врз начинот на општествениот живот. Пред сè во животниот стил, начинот на облекување и начинот на однесување, но и во животниот простор, односно во архитектурата и урбанизмот. Некои автори, на пример, тврдат дека појавата на драгсторите и воопшто на дуќаните што работат по 24 часа (и ја укинуваат анималната поделба кај човекот меѓу денот и ноќта) се директен производ на рок-културата. Тука, секако, влегува и таканаречената урбана уметност, олицетворена во графити и мурали, која речиси редовно е придружно изразно средство на рок-музиката и важен дел на оваа супкултура. Што се однесува до „општествено признаените уметности“, освен во литературата (американските битници, „естрадните“ поети од типот на Боб Дилан или Леонард Коен, па и Евгениј Евтушенко и Булат Окуџава...), најголемо влијание има врз уметностите на новиот век – дизајнот, стрипот и филмот. Интересно е дека можеби највлијателните рок-филмови ја користат музиката само како илустрација за главната цел на рокот како начин на живот. Тука пред сè мислиме на „Голи во седло“ на Денис Хопер и Питер Фонда, но и на филмуваните рок-опери „Томи“ на Кен Расел и „Коса“ на Милош Форман. Темата на овие филмови, без исклучок, е – слободата.

Ако слободата е основна состојка на рок-музиката, а така е, тогаш секој обид за потиснување на рок-културата е обид за потиснување на слободата. Своевремено, од средината на 70-тите до средината на 80-тите години од минатиот век, Скопје и Македонија имаа сериозна рок-сцена. Во Домот на младите „25 Мај“ (денешен Младински културен центар) речиси и немаше просторија во која некоја група не вежбаше. Денес работите не се такви. Во тие простории сега седат административци, а рокот е одамна истеран дури и од ноќните клубови. Со други зборови, се чувствува дефицит на рок, што значи дека имаме сериозен дефицит на слободата. Или, што би рекол неодамна починатиот Роберто Беличанец: „Рокери и барокери – две непомирливи супкултури“.

Сепак, макар и андерграунд, макар и субверзивно, рок културата опстојува дури и во барокното Скопје.

ОкоБоли главаВицФото