Облека за мирна совест

08.07.2013 11:06
Облека за мирна совест

Најважно е да е евтино – тоа е главната цел на многу модни куќи. Последиците се лошите услови за работниците во текстилната индустрија и штетите кои ѝ се нанесуваат на природата. А сè би можело да биде многу поразлично.

Нови материјали, нови модели и кроеви – секоја модна сезона, меѓународната сцена се креира самата себеси. А во истиот момент кога манекенките ќе ги прошетаат најновите модели на модните ревии, истите тие парчиња облека веднаш стануваат минато и завршуваат во отпад. Истото се случува и ако за време на производството се направат некои грешки. „Доколку во големите модни куќи се случи некоја грешка, тогаш стотици парчиња облека ќе бидат погрешно сошиени. Тогаш целата продукција се фрла во ѓубре. Исправувањето на грешките едноставно би било прескапо“, објаснува модната дизајнерка Луиза Барш.

Ваквите практики се навистина фатални за нашата околина и природа. Затоа Луиза Барш започнала да го користи таквиот отпад. Заедно со пријателите таа го основала брендот „алуц“. Од остатоците од ткаенините кои веќе никој не сака да ги користи, тие креираат нови модели. Овој најнов тренд при производството на облека е наречен „upcycling“. „Ние сметаме дека од отпадот развиваме нешто што добива посебна вредност“, вели Барш.

Зелените модни писти

Ваквата еколошки освестена модна марка на облека наречена „алуц“ деновиве можеше да се види во рамки на Модната недела во Берлин (02-07.07.2013). Но „алуцот“ не е само еден издвоен случај. Стотици различни модни куќи и иницијативи ги прикажуваат своите модели кои често се произведени во многу подобри услови – кројач(к)ите добиваат поголеми плати, патот од производството до трговијата е многу пократок. На берлинската Модна недела, ваквите модели можеа да се видат на многу посебни места, како во „Green Showroom“ или на „Ethical Fashion Show“. Иако оваа „зелена“ мода е присутна во Берлин со години, споменатите места привлекуваат сè поголемо внимание во текот на годините, како и сè поголем број заинтересирани дизјанери, гледачи и претставници од медиумите.

Но во која мера овие „зелени“, „еколошки освестени“ модели се навистина „зелени“? Купувачите и потрошувачите тешко можат да добијат вистински одговор на ова прашање. Имено, поимот на „зелената мода“ не е заштитен и засега не постојат законски одредби кои би наметнувале задолжително придружување до посебни прописи или правила.

Зелено, но евтино

Токму затоа, Луиза Барш и нејзините колеги се обидуваат да им пружат што повеќе информации на своите купувачи. На нивната интернет-страница, заинтересираните можат да прочитаат сè за нивниот начин на производство. Имено, кај нив не се „зелени“ само материјалите, туку и целосниот начин на производство. Облеката се шие во блиската околина, во институциите и работилниците за инвалидите и за лицата со посебни потреби. Отпадот кој настанува при овој процес, се користи за производство на чанти, шалови и други модни додатоци. „Ние не криеме ништо. Од самиот почеток, ги вложивме нашите срца и сите наши идеи во оваа замисла, со цел сè да биде направено на најдобриот можен начин“, вели Барш. Луиза Барш ги продава своите креации во нејзината сопствена продавница, во самиот центар на Берлин. Во нејзината понуда, помеѓу останатото, можат да се најдат и чанти направени од стари чорапи.


„Алуц“ не сака да им конкурира на големите модни куќи. „Во овој момент ние не можеме да произведуваме повеќе под овие услови. Ваквото еколошки и социјално освестено производство си има своја цена. Една наша кошула чини повеќе од 100 евра, значи и до десет пати повеќе од кошулите кои ги нудат некои евтини модни куќи. Но оние кои купуваат кај нас, не купуваат само некое вредно, модерно парче облека, туку и прават нешто добро“, вели Луиза Барш.

Извор: dw.de

ОкоБоли главаВицФото