Анкета за СК014 (24)

08.07.2013 10:48
Анкета за СК014 (24)

I

Навистина, живеам во мрачно време!
Безопасниот збор е глупав. Безгрижното чело
знак е на неосетливост.
Оној што се смее
само сè уште не ја примил
ужасната вест.

Какво е тоа време во кое
разговорот за стеблата е речиси злостор
зашто подразбира молчење за толку злодела!
Зарем оној што таму мирно минува улица
стварно не е дома за своите пријатели
коишто имаат тешкотии?

Вистина: уште заработувам за живот.
Но, верувајте ми: сосема случајно. Ништо
од сè што правам не ми дава право сит да си се најадам.
Случајно сум поштеден. (Ако ме напушти среќата,
ќе бидам изгубен.)

Ми велат: Јади и пиј! Биди среќен што имаш што!
Но како да јадам и пијам
кога изеденото го грабам од гладниот,
а чашата вода што ја испивам му фали на жедниот?
А сепак јадам и пијам.

Би сакал и да сум мудар.
Во староставните книги пишува што е мудро:
да не се мешаш во кавгата на светот и својот кус век
да го проживееш без страв.
Да се одржиш и без насилство,
на злото да враќаш со добро,
своите желби да не ги исполнуваш, туку да ги забораваш
- се смета како мудро.
Јас сето тоа не го можам:
навистина, живеам во мрачно време!


II

Во градовите дојдов во време на нередите
кога во нив владееше гладта.
Меѓу луѓето дојдов во време на буните
и заедно со нив се бунев.
Така измина времето
што ми беше дадено на земјата.

Јадев помеѓу битките,
на починка легнував меѓу убијци.
Љубов водев немарно,
а природата ја гледав без трпение.
Така измина времето
што ми беше дадено на земјата.

Патиштата во мое време водеа во мочуришта.
Говорот ме издаваше пред џелатот.
Малку нешта можев. Но властодршците,
се надевав, побезбедно ќе си седеа да ме немаше.
Така измина времето
што ми беше дадено на земјата.

Силите беа слаби. Целта
лежеше мошне далеку.
Беше јасно видлива, иако за мене
речиси недостижна.
Така измина времето
што ми беше дадено на земјата.


III

Вие што ќе изнурнете од потопот
во којшто ние потонавме,
спомнете си,
кога ќе зборувате за нашите слабости,
и на мрачново време
од кое вие избегавте.

Оти ние одевме, менувајќи ги земјите почесто од чевли,
низ војните на класите, очајни
кога само неправди, но не и буни имаше.

А знаеме и самите:
омразата, дури и спрема подлоста,
ги унаказува цртите на лицето.
Гневот, дури и оној поради неправда,
го прави гласот засипнат. Ах, ние
што сакавме да го подготвиме тлото за љубезност,
самите не можевме да бидеме љубезни.

Но вие, кога најпосле ќе дојде времето
човек на човека да му биде другар,
спомнете нè
со трпеливост.

Бертолд Брехт, На родените по нас

***

Зошто цивилизациите создадени врз метежот меѓу јазикот и умот, цивилизациите кои успееја да ги завадат смислата и вистината, секогаш се правдаат со колективните сништа? Зошто се откупуваат со небеските полети на своите шамани?

Бекството на масите од стварноста е пресуда против светот во кој тие се присилени да живеат, но во кој не можат да опстанат, бидејќи случајноста станала врховно начело, а луѓето имаат потреба хаотичните и случајните околности во коишто живеат постојано да ги претвораат во некоја релативно конзистентна, разбирлива слика.

Побуната на масите против „реализмот“, здравиот разум и наводната „здраворазумска устроеност на овој свет“ (Берк) е резултат на нивната атомизација, на загубата на општествената положба и на истовремената загуба на целата сфера на односи во заедницата, во рамките на која здравиот разум сè уште има некаква смисла. Во таква ситуација на духовна и општествена искоренетост, осознавањето на меѓусебната зависност на произволното и осмисленото, случајното и нужното, веќе не е можно.

Тоталитарната пропаганда може срамно да го повреди здравиот разум само ако здравиот разум ја изгуби својата вредност. Ако треба да избираат помеѓу соочувањето со анархичниот, потполно произволен распад од едната страна, и покорувањето кон крајно ригидната, лудачка конзистентност на идеологијата од друга страна, масите веројатно ќе се одлучат за ова второво и ќе бидат подготвени тоа да го платат дури и со смрт - и тоа не зашто се глупи или зли, туку затоа што во времето на сеопштото пропаѓање ова бекство им дава минимум самопочитување.

(...) Пред да дојдат на власт и сè да преуредат во склад со своите доктрини, тоталитарните движења создаваат лажен свет на конзистентноста кој повеќе одговара на потребите на човечкиот ум отколку на стварноста, свет кој искоренетите маси веќе со простото имагинирање можат да го прифатат како свој, свет во кој тие се поштедени од бесконечните удари со кои стварниот живот и секојдневното искуство ги изложуваат луѓето и нивните очекувања. И пред тие движења да станат доволно силни за да ги спуштат железните завеси со цел да спречат секого макар и со најмал детаљ од стварноста да ја вознемири морничавата тишина на еден сосема имагинарен свет, тоталитарната пропаганда е веќе доволно силна да ги изолира масите од стварноста.

Хана Арент, За тоталитаризмот

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото