Фејсбук и соработката со тајните служби

08.07.2013 11:14
Фејсбук и соработката со тајните служби

Случајот со поранешниот шеф за безбедност на информациите на Фејсбук кој доби работа во американската тајна служба е добар пример за блиската соработка помеѓу социјалните мрежи и тајните служби.

Опсегот на масовното прибирање податоци од страна на Американска служба за државна безбедност (NSA) е голем – наводно биле шпионирани и непријателите, но и пријателите. Но од каде тајните служби црпеле толку информации? Изворот на сите овие податоци не е стар ниту една деценија: се работи за социјалните мрежи.

Границата помеѓу заштитата на податоците и прибирањето податоци е тенка, и како што се покажа неодамна – лесно може да се премине. Во мај оваа година, New York Times објави дека шефот за безбедност на Фејсбук, Макс Кели во 2010 година ја напуштил својата работа и преминал во една друга голема американска компанија во која исто така се занимава со анализа на податоците: во NSA. Во рамки на Министерството за одбрана на САД, NSA е задолжена за следење и дешифрирање на електронската комуникација.

Директен пристап

Преминувањето на шефот за безбедност на податоците на најголемата социјална мрежа на светот во редовите на Американската служба за државна безбедност се случило само неколку месеци откако NSA започнала да ги користи и податоците од Фејсбук во рамки на програмата за шпионажа „Призма“. Префлањето на Кели било држено во тајна цели три години – што повторно покажува колку е блиска соработката помеѓу американските тајни служби и социјалните мрежи.

Државните тајни служби отсекогаш бараа податоци и информации, а информатичките компании ги продаваа своите знаења и уреди на американската влада. Но податоците за корисниците стануваат сè позначајни и за комерцијалните претпријатија и за нивниот маркетинг. На едната страна ѝ требаат информациите, а на другата профитот, што создава поволни услови за успешна соработка.

„Американскиот онлајн-маркетинг поседува сеопфатна и персонализирана база на податоци и целни групи кои се поврзани со неа, па во секое време од денот тие имаат пристап во овие и нови слични податоци“, објаснува Џефри Честер. „Тоа не значи дека ние доброволно им ги отстапивме податоците. Дебатата околу програмата „Призма“ би требало да биде сосредочена на растот на империите од податоци на комерцијалните претпријатија, кои тие никако не мораат да ги оправдуваат, како и на технологијата која им го овозможува пристапот до нив“, вели генералниот директор на „Центарот за дигитална демократија“ во Вашингтон.

Поврзаноста помеѓу социјалните мрежи и владата не е ништо ново, вели Честер. „Помеѓу телефонските компании и владините органи отсекогаш постоела соработка. Фирмите како Гугл и Мајкрософт активно се вклучени во задачите на Министерството за одбрана“, објаснува Честер. Но за него е загрижувачки што NSA регрутира луѓе од највисоките редови. „Но, NSA само го имитира она што социјалните мрежи веќе го прават со своето следење на корисниците.“

Сеопфатно и сложено

Целиот опсег на соработката помеѓу американските тајни служби и Фејсбук ќе остане мистерија. Но техничките можности на интернет-мрежите се одамна познати, а онлајн-мрежите сакаат уште поголем пристап до информациите, тврди директорот од Вашингтон. „Тие создаваат централи чија задача е контрола и анализа на социјалните мрежи.“

Тој смета дека барањето за транспарентност е приоритет. „Без достапни јавни информации за размерот и видот на соработката можеме само да претпоставуваме. Последниот извештај за транспарентноста на комапнијата Гугл покажува дека во последниве години сè повеќе се зголемуваат соработките на државните институции со социјалните мрежи.“

Податоците кои Сноуден ги изнесе во јавноста покажуваат дека постои голема дискрепанца помеѓу она што ѝ се говори на јавноста и она што всушност се прави. Социјалните мрежи тврдат дека владините институции имаат пристап до нивните информации само ако постои правна причина за тоа. Меѓутоа, и самите социјални мрежи знаат да ја преземат иницијативата, па често и во рамките на компаниите се основаат тимови од експерти чија задача е да дознаат на кој начин владините институции би можеле да добијат полесен пристап до што повеќе информации.

Потребна е реорганизација

Карл Милер од Центарот за анализа на социјалните мрежи (CASM) смета дека програмите за шпионажа самите по себе и не се толку проблематични. Проблемите настануваат поради сета мистериозност околу нив. До неодамна „Призма“ и Темпора беа непознати. Социјалните мрежи и тајните служби можат да бидат многу корисни, но нивната работа мора да се одвива пред очите на јавноста. „Во многу случаи се создава впечатокот дека тие работат без знаењето и одобрувањето на јавноста, па токму тоа е причината за загриженост“.

Во однос на тоа зошто на безбедносните служби им се потребни податоците од социјалните мрежи, Милер има целосно јасен и сигурен одговор. Луѓето целосно го префрлија својот социјален живот на дигиталните платформи. „Постојат и добри нешта, како што се соработките и лесната достапност, но во исто време постојат и нелегални и проблематични интернет-страници. Социјалните мрежи им ја олеснуваат работата на криминалците, па затоа властите мораат да реагираат, за да обезбедат сигурност, предупредува овој експерт за социјалните мрежи.

Извор: Deutsche Welle/New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото