Смртта е грозно збогување

09.07.2013 07:52
Смртта е грозно збогување

Нема ништо достоинствено во смртта. Човекот кој си го дружел и сакал и респектирал, си се смеел на неговите шеги, си ги слушал неговите мисли, си го читал на социјалните мрежи, сега лежи неподвижен, тивок, ладен, помодрен, немоќен. Ја нема таа позитивна енергија која зрачи наоколу, нема звуци, нема гримаси, нема гестикулации, нема информации кои течат и кои анимираат и облагородуваат. Има само еден тотално несфатлив молк. И има една разорна стварност која не можеш да ја разбереш: никогаш повеќе нема да го видиш, слушнеш и допреш овој човек. Тоа никогаш е морничаво долго, несфатливо долго. Не е еден месец, или година, или десет години, туку како од сега па до бесконечноста. За прв пат зборот никогаш целосно си го покажа своето значење. Некои зборови, додека да им го доживееш целосното значење, се само збир од букви, флоскула. Многу зборови деновиве ми се покажаа со сета сила, а најмногу зборот смрт.

Досега, за среќа, не сум имал можност да го дознаам вистинското значење на овој збор. Имало драги луѓе кои заминале и ме трогнале, но тоа биле претежно јавни личности кои не сум ги познавал лично, како на пример Тоше Проески, Гоце Арнаудов, Кристофер Хиченс итн. Шокот од нивната смрт беше двоен, ем од што ми беа драги, ем од изненаденоста дека ниту моќните јавни личности не се поштедени од смртта. Тие некогаш навистина изгледаат неуништливи.

Но за брзо време, во рок од еден месец, изгубив двајца драги и блиски луѓе кои ги познавав релативно кратко, но сепак ги познавав и се дружев со нив. Едниот, Димитар, дедо на мојата сопруга, и вториот, Роберто Беличанец. И двајцата по некоја коинциденција починаа од срцев удар.

Мислам дека човек по својата 30-та влегува во нова фаза од животот кога, за жал, зачестено е сведок на животниот крај на свои роднини и пријатели. Се покажува дека тоа е прилично тешко за соочување и носење како нов момент од животот. Секако, во исто време обично се случува и нешто прекрасно, ти се раѓаат деца и тебе но и на твоите пријатели и роднини. Па во исто време цик-цак, присуствуваш и на погреби, но и на честења по повод раѓање на децата. Во исто време си соочен со тој момент на заминување на познати ликови и доаѓање на нови во играта која во моментов се одигрува и е наречена живот. Новите ликови добиваат шанса да творат и да нè дружат, додека тие што заминуваат оставаат зад себе трага, било да се книги, колумни, општествено јавно делување во дебати и интервјуа на тв, створени и израснати деца, материјални добра во вид на компании, брендови, пронајдоци, невладини организации, закони итн...

Многу моќно одекна во мојата психа глетката на моите пријатели легнати немоќно на смртната постела. Ме натера да мислам што е животот. Тоа е едно возбудливо патешествие, авантура за која најпрвин треба да сме среќни дека ни се пружила шансата да ја доживееме. Колку подолго трае, толку подобро. Деновиве имаше ужасни сообраќајни несреќи кои однесоа десетици животи меѓу кои и на деца. Имаше и страшни апели за помош за спас на дечиња кои уште на почетокот од животот се соочиле со големи пречки да ја доживеат таа возбудлива авантура наречена живот. Авантура сочинета од детство, рани детски игри и дружење, пред сè со родителите, потоа школски авантури и први љубови, па борба за докажување и првите чекори кон успех во животот и грабање напред преку напорно учење на она што го нуди училиштето но и улицата, потоа носењето на првите одлуки во животот како која професија ќе ја одбереме, кој пат ќе го фатиме, дали спорт, кој спорт, дали ќе бидеме бубалици или мангупи. Потоа доаѓаат и неизбежните животни разочарувања, раните соочувања со фактот дека животот е многу нефер и суров за разлика од убавите бајки кои сме ги гледале на ТВ како деца, удобно завиткани во ќебе и нахранети и стоплени во домот кој ни го обезбедиле родителите. (Некои го немале тоа, па рано, многу рано го запознале животот во својата најгрда форма, уште во домот за сираци или пак во домот со родителот алкохоличар или некои други семејни трагедии како болест на близок член на семејството, рана смрт на родител, екстремна сиромаштија итн.) Потоа на ред доаѓаат првите сериозни љубови, матура, разделување од другарите од средно, барање работа или студирање, првите успеси во кариерата, првите сериозни животни дилеми, првите сериозни одлуки за брак, за создавање семејство. Притоа, цело време носење морални одлуки за тоа како ќе се води животот, со маткање и правење зло или строго чесно, по цена и на неизвесна иднина. И потоа новата авантура наречена родителство, па повторно надгледување на целиот процес на своето дете како поминува и тоа низ истите животни скалила. И сè така додека не се истргнеме и ние на таа постела. Колку подоцна, толку подобро.

Животот е прекрасен и во исто време е ужасно грозен. Зависи од среќата која ја имаме или немаме. При процесот на погребување на моите пријатели дознав дека и смртта има процедура и свои компликации. Среќници биле тие што починувале лесно, имало луѓе кои се мачеле со месеци и години. Тука онаа народната, „од лошо има полошо“ добива буквален и целосен сјај.

Еден момент кој многу ме погоди беше кога се собравме пријателите на Роберто во клубот ГЕМ за да му оддадеме почит со дружење во негова чест. Се запалија рефлекторите, проекторите, се собраа луѓето, и почна да говори Биљана Бејкова. Во тој момент ја здогледав сликата на Роберто веднаш до неа и сфатив дека никогаш повеќе нема да го чуеме на ваквите настани ниту, пак ќе прочитаме негов статус на ФБ или Твитер. Сакав во тој момент да почнам да го скандирам името на Роберто во Менада, сигурен сум дека ќе ми се придружеа сите присутни и тоа ќе траеше долго и ќе ги трогнеше сите. Но немав храброст, се плашев дека можеби некој ќе помисли дека го присвојувам, дека ја истакнувам премногу мојата пријателска љубов и респект кон него. Сепак, во просторијата имаше луѓе кои беа многу повеќе скршени од мене, луѓе кои го познавале овој прекрасен човек уште од времето на првата постава на неделникот Фокус од раните 90-ти.

На погребот во Прилеп, пред да го спуштиме ковчегот со Роберто, имав чест да кажам нешто во негова чест. Го кажав следново:

„Името Роберто претставуваше целосна спротивност на сегашната сурова реалност: тој симболизираше живот и ведрина. Наоколу ширеше насмевки и дебата. Секогаш имаше убава мисла и одлични поенти. Уживав да се дружам со него, после сите тие средби се чувствував облагороден и весел. Македонија без тебе ќе биде подосадна, поуназадена, потивка. Пуцвалу насмеан, почивај во мир.“

Епа пуцвалу, старосвату мој, смеј се и понатаму со таа карактеристична и заразна насмевка, барем така ќе биде во моето сеќавање за тебе. Ќе ми недостига тоа што никогаш повеќе нема да си пишеме смс за на пиво, никогаш нема да дремеме на улица Македонија, обично во Драма, и да ги анализираме талибанците и нивните спектакуларни хуморески.

Извор: maktel.mk
Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото