Зависноста од Фејсбук – мит или реалност?

09.07.2013 11:02
Зависност од Фејсбук – мит или реалност?

Нејзиното име не ни е познато, но нејзиниот проблем е парадигма на новиот урбан мит – стравот од зависност од социјалните мрежи, поконкретно, од Фејсбук.

Студијата на случајот („Зависност од социјалните мрежи: Ново клиничко нарушување?“), објавена во списанието European Psychiatry, опишува дваесет и четири годишна Гркинка, која се обратила во една атинска психијатриска клиника со проблем кој до детали ја почитува законитоста на „жанрот“ - наратив карактеристичен за класичните облици на зависност.

Осум месеци откако направила профил на Фејсбук, неименуваната атинка имала 400 виртуелни пријатели. Постирањето, шерувањето, лајкувањето, четувањето, поучувањето, настојувањето да ја прошири мрежата со пријатели... почнало да „јаде“ пет часа од нејзиниот типичен ден. За да биде во тек, запоставила некои од своите активности, поминувајќи сè повеќе време дома, онлајн.

„Круната“ на Фејсбук „кариерата“ стигнала во вид на отпуштање од работа, кое следело откако сопствениците на кафулето во кое работела како келнерка, веќе не сакале да го толерираат нејзиното искрадување од работа, до најблиското интернет кафе. Ако им веруваме на авторите на студијата, за време на иницијалното клиничко интервју, таа се обидела преку мобилен телефон да се поврзе со својот Фејсбук профил.

Психолошката евалуација, се наведува во студијата, покажала дека кај „пациентката“ се појавиле првите знаци на несоница и анксиозно нарушување. Поради тоа што до тој момент таа била корисник на интернет веќе седум години, без симптом на зависност, авторите на студијата заклучуваат дека зависноста од Фејсбук, или пошироко гледано, зависноста од социјалните мрежи, ги исполнува критериумите за нов облик на зависност со елементи на компулзивност (се мисли на „неодоливата“ потреба на „пациентката“ зачестено да ги проверува „случувањата“ на Фејсбук).

Ако количината на времето кое ѝ го одземал Фејсбук влијаело на нејзината одлука да се обрати за помош, младата Гркинка отскокнува од профилите на чешките студенти, субјекти во истражувањето на Петра Холбова. Еден од главните заклучоци, пренесени во трудот „Академската прокрастинација на Фејсбук“, гласи дека студентите не се свесни колку време поминуваат на социјалната мрежа. Меѓутоа, би се вклопила во профилот на зависниците од социјалните мрежи, прикажани во студијата „Зависноста од Фејсбук поврзана со ниската самодоверба, депресија и недостатокот на социјални вештини“, која ја изведоа група мексикански психолози. Според нив, типичниот зависник од Фејбук на својот профил поминува барем четири часа дневно, склон е кон депресија и има ниска самодоверба во поглед на својот физички изглед и карактер.

Постои ли зависност од Фејсбук?

Додека за Холбова како показател за зависноста служи прокрастинацијата (запоставување на реалните и битните обврски во корист на помалку важните активности), а за нејзините мексикански колеги бројот часови потрошени на Фејсбук, група австралиски психолози, во трудот објавен во списанието Cyber Psychology & Behavior, зависноста од социјалните мрежи ја операционализираат како пристапување до својот профил најмалку четири пати во текот на денот. Додека мексиканските истражувачи ја поврзуваат зависноста од социјалните мрежи со депресијата и ниската самодоверба, авторите на австралиското истражување, од индивидуалните карактеристики поврзани со ексцесивната употреба на Фејсбук и сличните сајтови, ја истакнуваат желбата за припадност. Друга група австралиски психолози, пак, заклучува дека екстровертноста и ниската самодоверба се предуслови за адиктивна употреба на социјалните мрежи.

Дарја Кус и Марк Грифитс, истражувачи од Универзитетот Трент во Нотингем, се обидоа да ја пронајдат заедничката врска на психолошките истражувања со наводната зависност од социјалните мрежи. Во трудот „Зависност од онлајн социјалните мрежи“, објавен кон крајот на 2011 година, заклучуваат дека такво нешто е невозможно. Накратко: само неколку студии на оваа тема се објавени во списанијата, кои уште пред да бидат објавени се предмет на анонимна рецензија; истражувачите различно ја операционализираат зависноста, при што некои повеќе се потпираат на концептот за склоност кон адиктивно однесување; главно, истражувањата се правени на примероци од 100 до 300 субјекти; студентите и воопшто младата популација, особено од женскиот пол, се презастапени меѓу испитаниците...

Кога сето ова ќе се има предвид, не зачудува дека зависноста од Фејсбук, социјалните мрежи или интернетот, како таква, формално не постои. Ниту еден од досега хипотетизираните облици на електронска зависност не се наоѓа на ниту една од двете глобално прифатени листи на ментални нарушувања: Дијагностичко статистичкиот прирачник за ментални нарушувања (DSM) и Меѓународната класификација на болестите (ISD).

На тој план ништо нема да се промени ни од мај годинава, кога од печат излезе петтата ревизија на DSM (DSM-V) и започна нејзината примена. На издавачот, Американската асоцијација на психијатри (APA), формално му се упатени образложени предлози, во класификацијата на ментални нарушувања да се вклучат и зависноста од интернетот и зависноста од видео игрите, но APA ги одби со образложение дека со досегашните истражувања не се обезбедени доволно уверливи емпириски докази кои би го оправдале таквиот потег.

Во трудот објавен кон средината на минатата година, споменатиот Грифитс зависноста од Фејсбук ја доведува во прашање и од теоретски аспект. Според него, веќе е непотребно да се зборува за зависноста од интернетот. Имено, интернетот, па и поединечните платформи, луѓето ги користат на толку различни начини и во толку различни цели, што би било невозможно да се класифицираат во иста категорија.

Дури и лаички гледано, ако зависноста би се мерела со зачестеноста на пристапување кон интернет/Фејсбук или количината време поминато онлајн, во зависниците ќе „упаднат“: програмерите, на кои пристапот до интернет им е неопходен за работа; студентите, кои често го користат интернетот за учење; вљубениците во игрите; онлајн коцкарите... Последниве се можеби и најочигледен пример за можна забуна: Дали онлајн коцкарот е зависник од интернет или од коцката? (Ексцесивното коцкање се наоѓа на листата на ментални нарушувања, во категоријата нарушувања на контролата на импулсот; во новото издание на DSM ќе биде класифицирано како бихејвиорална зависност.)

Тест за зависноста од Фејсбук

Цитираниот труд на Грифитс практично е прозивање, упатено на адресата на неговата норвешка колешка Сесилија Андерсен, професорка по психологија на Универзитетот во Берген. Таа се најде на чело на тимот кој минатата година ја објави Бергенската скала на зависности од Фејсбук (BFAS), првиот психометриски инструмент за идентификација и мерење на бихејвиорални зависности од најпопуларните социјални мрежи.

Бергенската скала е прилично едноставна и погодна и за „домашна употреба“. Се состои од шест искази:

1. Поминувам многу време мислејќи или планирајќи што ќе правам на Фејсбук.
2. Чувствувам потреба сè повеќе да користам Фејсбук.
3. Го користам Фејсбук за да заборавам на личните проблеми.
4. Го користам Фејсбук до таа мера што тоа негативно се одразува на моите (работни, студентски) обврски.
5. Се вознемирувам и се чувствувам лошо доколку не сум во можност да користам Фејсбук.
6. Безуспешно се обидов да го намалам користењето на Фејсбук.

За да утврдите дали вашите Фејсбук навики излегуваат од контрола, секој од наведените искази придружете го со една од следните пет опции: (1) многу ретко; (2) ретко; (3) понекогаш; (4) често; (5) многу често.

Доколку најмалку четири од шесте понудени искази ги поврзете со „често“ и/или „многу често“, според BFAS, вие сте зависни од омилената социјална мрежа.

Андерсен и соработниците практично ја проширија и доработија Скалата на адиктивни тенденции, една година порано развиена од група австралиски психолози од Универзитетот во Квинсленд. Со нивниот мерен инструмент се опфатени три аспекти на зависноста: преокупираност (со социјалната мрежа), губење контрола над одреден аспект на однесување (силна потреба да се пристапи до личниот профил и неможност личноста да одолее) и знаци на апстиненцијална криза (негативни чувства и расположенија поради неможноста да се користи социјалната мрежа). Психолозите од Берген го модификуваа тестот за да ги покрие сите шест клучни компоненти на зависност, независно од тоа дали станува збор за однесување или состојба:

1. Преокупираност (активноста доминира со мислењето и однесувањето).
2. Влијание на емотивниот тон и расположение (извршувањето активности позитивно делува на емоциите и расположението).
3. Толеранција (неопходен е зголемен обем активности за да се постигнат првобитните ефекти).
4. Апстиненција (суспензијата на активноста е следена со непријатни чувства и расположение).
5. Конфликт (активноста негативно влијае на личните врски, работата, општествените обврски).
6. Упорност (по воспоставување контрола над обемот на активностите или тотален прекин на активностите, следи постепено враќање кон старата матрица на однесување).

Зависноста – само уште еден мит за Фејсбук

Бергенската скала за зависност од Фејсбук има еден квалитет кој не може да се оспори: Таа е практична. Со замена на терминот „Фејсбук“ во исказите што ја сочинуваат, со поимите „Твитер“, „видео игри“, „онлајн порнографија“ итн, секој, во рок од само неколку минути може да изврши самотестирање и да го искористи резултатот како регулатор на сопственото однесување на социјалните мрежи. Меѓутоа, тоа е и главниот недостаток на скалата: Таа е еластична до таа мера што дозволува „тестирање“ на склоноста кон претерување во излегувањето, купувањето, вежбањето, гледањето телевизија, посетите на кино... Со други зборови, може евентуално да укаже на тоа дека одредено однесување прераснало во лоша навика, причина заради која професијата веќе неколку децении одбива некои од споменатите бихејвиорални проблеми да ги класифицира како ментални нарушувања.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com