Џезот и анимираниот филм (5)

10.07.2013 08:11
Џезот и анимираниот филм (5)

Еден од најпопуларните (а со тоа и комерцијално најзначајните) стилови во џезот во Америка во 50-те години бил и т.н. cool, или West Coast Jazz – џезот од Западниот брег. Ако се има предвид дека човекот кој го започнал сето ова е црниот музичар Мајлс Дејвис, и ако се знае дека како најексплицитен пример за сценско однесување во тоа време бил наведуван црниот бенд „The Modern Jazz Quartet“, предводен од пијанистот Џон Луис, тогаш не зачудува фактот дека „кралеви“ на стилов станале белите музичари, како Дејв Брубек, Чет Бејкер или Џери Малиген. Според мислењето на црниот активист Лирој Џонс (односно Амир Барак) терминот cool не можел да ја означува „просечната нова популарна музика на белата медиокритетска средна класа“, бидејќи и таквата Америка го принудувала црниот човек да заземе „кул“ став, односно да се брани од суровата реалност со софистицирана незаинтересираност, пасивност, ладнокрвност, мрзливост. Педесеттите години во САД се и време на протести против војната во Кореја, на ловот на „црвените вештерки“ спроведуван од страна на Мекарти, времето на битниците – поетите и писателите кои со својата неконвенционална уметност ја предизвикувале конвенционалната Америка. Иконите на ова субверзивно уметничко движење биле Џек Керуак, Ален Гинзберг, Питер Орловски, Нил Кесиди, Гери Снајдер...

Во рамки на контекстот на вака воспоставените социјални и уметнички релации и вредносни критериуми, може да се анализира и цртаниот филм „Три мали бапери“ (Three Little Boops) на Фриц Фрилинг од 1957 година. Во новата верзија на старата приказна за трите прасиња, трите дебелки прасиња се дел од џез трио кое свири „модерна музика“, а Злобниот Волк е неталентиран трубач кој безуспешно се обидува да им се придружи. Тие постојано го одбиваат (на почетокот едно од прасињата исцртува правоаголник во воздухот, сакајќи на тој начин да му објасни дека тој е squarehead, односно дека не е hip, дека едноставно не е модерен), го бркаат надвор, а потоа тој им се одмаздува така што ќе им го оддува клубот, па тие мораат да се селат во нов, изграден од појак материјал. Во своите обиди волкот секогаш настрадува на крајот, но конечно му се приклучува на бендот на прасињата како дух. Ова и не е толку необично – во цртаните филмови и онака сè е можно. Понеобичен е фактот дека, и покрај насловот, прасињата воопшто не свират бап. Музиката која во филмот ја изведува Шорти Роџерс со својот бенд повеќе наликува на свинг или на буги-вуги. Но, зошто тогаш прасињата се „бапери“? Нема друго објаснување освен дека припаѓаат на една издвоена, хипстерска култура, што на некој начин ги прави дел од елитата. Може да се постави прашањето за тоа дали Фрилинг го одбрал терминот „бап“ како израз на она што тој самиот го подразбирал под модерна музика, но свесно се одлучил за покомуникативна музика, знаејќи дека бапот не би ја привлекол публиката?

Иако во филмот нема експлицитни расни стереотипи, еден детаљ упатува на размислувањето за тоа кој е „црн“, а кој „бел“ во филмот. На вратата од клубот од цигли стои натписот „Забрането за волци“, што е недвосмислено слично со таблите кои во тоа време можеле да се видат во голем дел од Америка и на кои било напишано: „Забрането за обоени“.

All This And Rabbit Stew, 1941 [Censored 11] (Bugs Bunny)

Првиот значаен чекор во долгиот пат кон „политичка коректност“, барем во формална смисла, бил направен по една деценија. Студиото „United Artists“ (UA) во 1968 година отстранило единаесет цртани филмови од серијалот Merrie Melodies од телевизиската програма. Според дотогашната практика, вообичаено било филмот кој поради која било причина ќе се нашол под ударот на цензурата (за карикатурално претставување на црнците, секс, насилство, консумирање тутун и алкохол, малтретирање на животните, забави со експлозивни направи...) да заврши во студиото за монтажа, каде што инкриминираните сцени биле отстранувани, а дури потоа филмот бил дистрибуиран. Во случајот со „Единаесетте цензурирани“ (Censored Eleven) било проценето дека не е возможна селективна интервенција и дека заради темелна присутност на расистичките теми, овие филмови биле неприфатливи за дистрибуција.

Tin Pan Alley Cats (1943)

Еве ја листата на „Единаесетте жигосани“ која и денес ја нема во каталозите:

1. Hittin’the Trail for Hallelujah Land (1931, режисер Рудолф Ајзинг, единствениот црно-бел филм на листата)
2. Sunday Go to Meetin’ Time (1936, режисер Фриц Фрилинг)
3. Clean Pastures (1937, режисер Фриц Фрилинг)
4. Uncle’s Tom Bungalow (1937, режисер Текс Ејвери)
5. Jungle Jitters (1938, режисер Фриц Фрилинг)
6. The Isle of Pingo Pongo (1938, режисер Текс Ејвери)
7. All This and Rabbit Stew (1941, режисер Текс Ејвери, единствениот филм на листата со Душко Долгоушко)
8. Coal Black and de Sebben Dwarfs (1943, режисер Роберт Клампит)
9. Tin Pan Alley Cats (1943, режисер Роберт Клампит)
10. Angel Puss (1944, режисер Чак Џоунс, единствениот филм на листата од серијалот Looney Tunes)
11. Goldilocks and the Jivin’ Bears (1944, режисер Фриц Фрилинг)

Angel Puss (1944)

Меѓутоа, негативните расни стереотипи не исчезнале. Филмот „Црнкињата“ (Coonskin, 1975) на Ралф Башкиј, уште со насловот ги навестува „профилите“ на своите јунаци: карактеристичните лица на црните ликови, сленгот, криминалното минато. Филмот започнува со блуз композицијата „Ah’m Nigger Man“ на Скетмен Кротерс. Но и покрај карикатурите на урбаните црнци, изненадува присуството на ликовите чија „анахроност“ упатува на времето на ропството на Југот. Со ваквиот третман на Афроамериканците, Coonskin предизвикал големи контроверзи, па во новото издание насловот бил променет во Bustin’ Out, а за видео дистрибуцијата бил променет во Street Fight. Во овој филм, анимацијата е комбинирана со играна основа, но иако движењата на Братот Мечок (кому гласот го позајмува соул пејачот Бери Вајт), Братот Зајко, Свештеникот Лисец, како и на останатите цртани ликови, се дело на мајсторите на класичната аниимација, oвој хибрид на Бакши останува на дводимензионалното ниво – ликовите изгледаат како да се „залепени“ на површината на филмската лента. Тринаесет години подоцна, Зајакот Роџер целосно ќе се „соживее“ со јунаците од крв и месо. А при крајот на првата деценија на XXI век, принцезата што ќе излезе од студиото на Дизни ќе биде – црна.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел


Извор: Градац 183-184

ОкоБоли главаВицФото