1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 07:59
Првата порака до Ахмети би била: дај олабави со приказнава дека мора да се најде решение за спорот за името! Нели гледаш дека твојот партнер со кого имаш толку добар бизнис и тендер – коалиција си работи посветено на планот Б. Воедно, нели гледаш дека само ја отежнуваш работата, му даваш ветер во едрата. Една недела нашиот премиер е во офанзива за да се оправда поради неуспехот со евроинтеграциите, впрочем, како и сите овие седум години. Де Грција му е виновна, де опозицијата, па странските сили, па внатрешните непријатели, а сега, ти му даваш да се вади и на коалициониот партнер или од утре, уште полошо, на етничкото малцинство.
Притоа, тој повеќе не само што се лигави, туку и убедливо и упорно ни ја продава неговата идеја за наводно свртување нов лист, далеку од ЕУ, кон неистражените економски успеси како автархична и апсолутистичка држава. Секој ден до нашата јавност испраќаат пораки како не ни треба ЕУ, како ќе сме се реформирале и ќе сме напредувале и без неа. Министерот Попоски пред самите Европејци имаше образ да каже дека во ЕУ не било сè мед и млеко, небаре ние сме чај и бисквити, цветаме овдека, како англиска кралица живееме?!
Второ, ни кажуваш дека имало име на масата. Име на масата секогаш имало, не само што го имало, туку Груевски во 2008 година и си одбра едно. Е, сега, кога Груевски знае дека јавноста го знае тоа, прашањето за Ахмети би било: како мислиш дека тој пак ќе прифати решение?! Па, таа карта, тврдокорно да ги лаже странците и домашната јавност, да игра на лажен патриотизам, да зголемува репресија и да продава план Б, само тоа му остана. Конечно, името повеќе не е проблемот, тоа се претвори во една психолошка драма која е еден од столбовите на кои се држи овој режим. Уништенава држава и гладниов народ се вистинскиот проблем.
Ти, другар Ахмети, од друга страна, беше и сè уште донекаде си дел од другите столбови кои годиниве го одржуваа Груевски. Мене ми е јасно, другарот Ахмети е во ситуација кога мора да одработи како што ќе посака поголемиот брат, но, ти се молам, веќе направи премногу штета и престани да одмагаш. Не ја појачувај психо-драмата на Груевски.
Инаку, знаеме, не се во прашање ниту избори, ниту нови тендери, конечно, сè поделивте, сегде рака ставивте, веќе нема што да се дели, сега само ситните. Патиштата на вас двајцата одамна ви се поделија, ама пуста алчност и желба за власт, на Али не му дозволи на време да го направи тоа што го проповеда. Сега, проблемот и за Ахмети е голем, не е повеќе фактор каков што беше. Еве, гледаме, па Ахмети веќе две години гласно зборува како мора да се реши спорот, шета по амбасади, прима гости, пишува колумни, праќа депеши, а сето тоа е џабе. Е, џабе е друже Али, оти ти си поситната риба во приказнава, а секогаш може да те заменат со уште поситна.
Трагедијата за нас обичните смртници е што вашиот спас, или вашето понатамошно купување време, ќе оди на сметка на нова радикализација, а за тоа цената ќе си ја платат подеднакво и Македонците и Албанците. Подеднакво нè отепавте, подеднакво ќе нè дотепате.
Тоа е тоа друже Али. Ајде, по се што имаш направено, колку си длабоко влезен во режимов, не ти личи да молјакаш. Биди маж како нашиот пастир, свиркај си и зборувај ни за планот Б, почни и ти кај твојот електорат, да не ти ги с'сне Грујо некој од верниците, или твоите да не ги фатиш неподготвени за она што следува. А, и кога си веќе тука, признај им на тие што те притискаат, биди искрен дека овој пат не можеш да испорачаш. Конечно, истурка до тука, се ова е и твоја голема заслуга, а сега е предоцна да се биде нешто што не сме.
Слика: Свирачиња