Каде на одмор?

10.07.2013 10:05
Каде на одмор?

На Медитеранот! Оваа година, сите вообичаени дестинации станаа идеални за активен одмор. Понудите се многу примамливи. Евтините аранжмани нудат релаксација во убавите приморски одморалишта. Тоа ни е потребно на сите, но во пакетите оди и придружна културна агенда со организирана обиколка на историските знаменитости на државите и нивната современа инфраструктура. Најинтересна туристичка држава во светот сега е Бразил, каде на улиците со полицијата се тепаат демонстранти кои протестираат против изградбата на фудбалски стадиони и трошењето на јавните пари за светското првенство.

Во Бразил протестираат против фудбалот? Привлечно, но далеку и скапо.

Туристите желни за интересни збиднувања би ги упатиле на обиколка на урнатините на Грција. Патувањето е од воспитно-образовен карактер, затоа што е познато дека порано или подоцна сите ќе завршиме како Грција. Оваа држава има прекрасни плажи на Пелопонез, илјадници примамливи острови и на секој чекор археолоши остатоци од социјалните институции кои зад себе ги оставиле сукцесивните походи на светските финансиски империи. Таму го користат еврото, така што намерникот може лесно да се забавува споредувајќи ги цените на основните услуги и проучувајќи ги стратегиите за преживување на домородците.

Прво Атина. Најубаво и најевтино сместување малку подобро подготвените туристи ќе најдат во квартот Егзархија во центарот на градот. На самиот почеток на квартот не можете да го промашите археолошкиот музеј и славниот политехнички факултет, на блиската височинка се населени анархистите, уметниците, социјалистите и припадниците на другите многу интересни грчки локални заедници. Таму прават одлична рибја чорба. Блиску е Омонија, каде секогаш има многу луѓе, а во непосредна близина е зградата на парламентот. Бидејќи Грците ја измислиле демократијата, таму среде врева може да се помине цел ден. Добро е на жешкото време во ранецот да имате марамчиња, лимон и вода, а на главата велосипедска кацига. Демократијата е сериозна работа. Таму се организираат факултативни излети до седиштето на грчката јавна телевизија и седиштето на Комунистичката партија на Грција, единствената европска комунистичка партија која непрекинато дејствува од 1918 година. Потоа на островите, каде некогашните грчки државни службеници и нивните деца заради опстанок ги обновуваат органските фарми на своите предци. Поучно и здраво.

Оттаму, патот сам нè повикува напред во Турција, каде нè мамат трговските центри на Истанбул. За разгледување на центарот на градот последните три недели важат истите правила како во Атина.

Туристот на одмор не го интересира политика, туку сака да види како живеат луѓето. Во Истанбул ќе ужива. На европската страна ќе се смести во населбата Султанхамет, каде се наоѓаат најубавите џамии во муслиманскиот свет и најубавата црква од христијанството. Овој соживот говори за конвергентни вредности, од конзервативното разбирање на улогата на жената во општеството до интерпретација на односите на опозицијата и власта како непријателски фронтови. Од духовното средиште Султанхамет, трамвајот води до плоштадот Таксим, каде културниот центар на Ататурк прикажува изложба за 90-годишнината од раздвојувањето на турската световна држава од институциите на исламскиот клер и православниот патријарх, чијшто храм е на другата страна на плоштадот. По разгледувањето на културниот центар, секој ќе посака да се одмори во блискиот парк, каде во ладовината брзо ќе најде соговорници спремни да му објаснат како новата власт се обидува да го укине ова раздвојување на црквата и државата. Затоа тие одат во паркот. На авенијата Истикал, која води од Таксим кон морето, секогаш е гужва. И види, баш во таа улица е и седиштето на Комунистичката партија на Турција. Уште подобро. Седиштето на една од седумнаесетте комунистички партии на Турција, ако не ги сметаме илегалните организации. На пат кон морето туристите ќе сретнат студенти, нивните професори, адвокати и шаренолико мноштво од припадници на многу богатиот турски политички и општествен живот. На море е траектот кој плови на азиската страна во квартот Ускудар, каде локалната власт ја држат социјалистите, па луѓето се поопуштени отколку на Таксим.

Вистинското активно летување е на истокот на Турција, на левиот брег на реката Еуфрат во Шанлијурфа, каде се родени Аврам и Јов. Морето не е далеку, малку кон Сирија е и Харан, кој се спомнува и во Светото писмо. Од таму се можни еднодневни изети во Сирија, каде урнатините се уште поубави отколку во Грција, и во ирачкиот Курдистан, каде во Ербил препорачуваме обиколка на новиот музеј Аинкава, каде се чуваат книгите и артефактите кои не се изнесени од земјата во американската инвазија на Ирак.

Во блискиот Либан добро ќе си поминат сите кои се радуваат на спојот на различни култури, народи и вери. Треба да се побрза, затоа што интересирањето за државата е огромно и цели орди странци се спремаат да ја обиколат. Либанците за секој случај веќе течно зборуваат француски и англиски. Во соседниот Израел ќе се веселат сите на кои им е мил петстотини километри долгиот безбедносен ѕид. Израелскиот ѕид е исто толку интересен како кинескиот, а подобро е сочуван, плажите во Тел Авив се модерни, иако нивното Црвено море не може да се спореди со египетското. Во споредба со Египет, Израел е прилично скап и подобар е за добростоечките патници. Седиштето на комунистичката партија на Израел е на бројот пет во улицата Хес во Тел Авив. Некако се неупадливи.

Египет е вечна дестинација. Меѓутоа, во последните три години, се појавија многу нови атракции. Синај оддава прилично поинаква слика отколку во претходните години. Не е познат по своите пирамиди, туку по тунелите кои се копаат во Газа. Освен сувенири, тоа е добро место за купување на трофејно оружје, пред сè лесни пушкомитралези. Го прескокнуваме Суец и после само неколку воени блокови сме во Каиро. Покрај Хан ел Халили и пирамидите, задолжителна туристичка точка стана плоштадот Тахрир, покрај Музејот на египетската култура. Извонредно место за разгледување на живата историја. Сеедно дали на власт е световната воена диктатура или верски вдахновената партија на побожни граѓани. Впечатокот е дека власта преминува од една династија мумии на друга. Египетската комунистичка партија има седиште некаде во Мохандесин, но тешко е да се пронајде затоа што е во друштво на работничката демократска партија и партијата на демократскиот сојуз.

Либија сè уште е во војна со самата себе, преостанатиот дел од Африка е зимска дестинација, европскиот западен Медитеран е скап. Затоа Хрватска годинава е скапоценост. Единствената држава на светот каде што можеме да одиме на одмор во мигот на нејзиното пристапување кон ЕУ. На внуците ќе им раскажуваме како беше убаво да се летува таму пред Хрватите да се решат на тој судбоносен чекор. Не прашувајте за седиштето на комунистичката партија. Тоа е чувствителен народ.

Извор: dnevnik.si

ОкоБоли главаВицФото