Лав Толстој: одговор на одлуката на Руската православна црква за негова екскомуникација

10.07.2013 12:51
Лав Толстој: одговор на одлуката на Руската православна црква за негова екскомуникација

Одлуката на Синодот воопшто има многу недостатоци. Таа е незаконита или намерно двосмислена; таа е произволна, неоснована, неправична, и освен тоа, содржи клевета и поттикнува грди чувства и постапки. Таа е незаконска или намерно двосмислена, затоа што ако таа треба да биде исклучување од црквата, не ги задоволува оние црковни прописи според кои може да се прогласи такво исклучување; ако пак е изјава за тоа дека оној кој не верува во црквата и нејзините догми не може ни да ѝ припаѓа, тогаш само по себе се подразбира дека таквата изјава не може да има никаква друга цел освен таа, затоа што тоа во суштина не е исклучување, туку личи на исклучување, што токму и се случи затоа што така е и сфатено. Таа е произволна затоа што во сите наведени точки само јас сум обвинет за неверување, додека не само голем број туку и речиси сите образовани луѓе во Русија застапуваат такво неверување, и постојано го изразуваа и го изразуваат и во дискусиите, и во предавањата, во брошурите и книгите.

Таа е неснована затоа што истакнува дека главниот повод што се појави е сè поголемото ширење на моето лажно учење кое ги соблазнува луѓето, а мене, меѓутоа, ми е многу добро познато дека едвај има стотина луѓе кои го делат истото мислење со мене, и дека ширењето на моите списи за религијата, благодарение на цензурата, е толку ништовно, што повеќето луѓе кои ја прочитаа одлуката на Синодот немаат ни поим што тоа сум пишувал за религијата, што добро се гледа од писмата кои ги добивам. Таа содржи очигледна невистина тврдејќи дека црквата се обидува да ме вразуми, но дека нејзините обиди останале безуспешни, а всушност ништо слично никогаш не се случило. Таа претставува она што со правен јазик се вика клевета, бидејќи во неа има намерно невистинито тврдење кое оди на моја штета. Таа, најпосле, поттикнува грди чувства и постапки, затоа што, како што и можеше да се очекува кај непросветлените и непромислените луѓе, предизвикува огорченост и омраза кон мене која доведува и до закани за убиство, и која се гледа во писмата што ги добивам. „Сега ти си предаден на анатемата и после смртта ќе имаш вечни маки и ќе издивнеш како пес... проклет да бидеш... стар ѓаволу... проклет да си“ - пишува еден, друг ја прекорува владата што не сум веќе затворен во манастир, и писмото му е полно со пцовки. Трет пишува: „Ако владата не те отстрани - ние самите ќе те натераме да замолчиш“, писмото завршува со проклетство. „Ништожнику, јас имам начини да те уништам“, пишува четврти...

Следат непристојни пцовки. Знаци на таква огорченост после одлуката на Синодот забележувам и во средбите со некои луѓе. На самиот ден, 25 февруари (1901), кога одлуката беше објавена, шетајќи на плоштадот слушнав зборови упатени кон мене: „Еве го ѓаволот со човечки лик“, и ако масата беше со друг состав, многу беше можно да ме истепаат како што пред неколку години го истепаа човекот крај Пантелејмонската капела. Според тоа, одлуката на Синодот воопшто е грда; тоа што на крајот е кажано дека лицата кои ја потпишаа ме молат да станам како нив, не ја прави поубава. Тоа е така во општи црти, а во деталите оваа одлука е неправедна во следните работи. Во одлуката се вели: „Нашиот писател познат во светот, по раѓање Русин, по крстување и воспитување православен, грофот Толстој, соблазнет од горделивоста на својот ум, дрско се крена против Господ и на Христос и сето негово достоинство, јавно пред сите се одрече од хранителката и воспитувачка, својата мајка, православната црква“. Тоа дека се откажав од црквата која себе се нарекува православна е сосема точно. Но јас не се откажав затоа што се кренав против Господ, туку напротив, само затоа што со својата душа сакав да му служам. Пред да се одречам од црквата и соединувањето со народот кое ми е неискажливо драго, јас, сомневајќи се според некои знаци во вистинитоста на црквата, посветив неколку години за учењето на црквата да го изучам теориски и практично: теориски - прочитав сè што можев за учењето на црквата, ја изучив и критички ја анализирав догматската теологија; практично - строго се придржував, во текот на повеќе години, до сите прописи на црквата, постејќи ги сите постови и посетувајќи ги сите богослужби.

И се уверив дека учењето на црквата теориски е лукава и штетна лага, а практично е збир на најгрубите празноверија и вражби кои сосема ја прикриваат целата смисла на христијанското учење.

И навистина се одреков од црквата, престанав да ги исполнувам нејзините обреди и во завештанието им напишав на моите роднини да не пуштат до мене црковни слуги кога ќе умрам и да го тргнат моето мртво тело што побрзо, без никакви заклетви и молитви над него, како што се тргнува секоја одвратна и непотребна работа за да не им пречи на живите. Меѓутоа, она што е речено дека „сум го посветил своето книжевно дело и талентот кој ми е даден од Бога за ширење на учење спротивно на Христос и црквата“ итн. и дека „во своите дела и писма кои сум ги испратил во голем број до своите ученици и по целиот свет, а особено во границите на нашата драга татковина, проповедам со фанатична ревност и негирање на сите догми на православната црква и самата суштина на христијанската вера“ - тоа е неточно. Никогаш не сум се грижел за ширењето на моето учење. Навистина, јас во моите дела го изнесував моето сфаќање на Христовото учење и не ги криев тие дела од луѓето кои сакаа да се запознаат со нив, но никогаш не сум ги печател; на луѓето им го кажував тоа што го мислев, и ако ги имав при рака, им ги давав моите книги.

Потоа е речено дека „го отфрлам Бога, во Светата Троица славениот создател и седржателот, дека се одрекувам од господ Исус Христос, богочовекот, искупителот и спасителот на светот, кој страдал заради нас и нашето спасение и воскреснал од мртвите, дека го порекнувам безгрешното човечко зачнување на Христос и девственоста пред и по раѓањето на пречиста Богородица“. Тоа дека ја одбивам несфатливата Троица и басната за падот на првиот човек, која во наше време нема никаква смисла, богохулната историја за бог кој го родила девица за да го искупи човековиот род, тоа е сосема точно. Меѓутоа, Богот -дух, Богот - љубов, единствениот Бог - почетокот на сè, не само што не го отфрлам, туку и ништо друго не признавам дека постои освен Бог, и целата смисла на животот ја гледам во извршување на божјата волја изразена во христијанското учење. Кажано е уште и: „не го признава задгробниот живот ниту наградата според заслугите“. Ако задгробниот живот се подразбира во смисла на второто доаѓање на Христос, пеколот со вечни маки и ѓаволи, и рајот како постојано блаженство, тогаш е сосема точно дека не признавам таков задгробен живот; но вечниот живот и надоместот за овде и секаде, сега и секогаш, го признавам до таа мера што, стоејќи според своите години на работ од гробот, често морам да се присилувам да не посакам телесна смрт, т.е. раѓање во нов живот, и верувам дека секоја добра постапка го зголемува вистинското добро во мојот вечен живот, а секоја лоша постапка го намалува.

Исто така, кажано е дека ги отфрлам сите тајни. Тоа е сосема точно. Сите тајни ги сметам за ниски, груби вражби кои не се во склад со поимот Бог и христијанските учења, и освен тоа, ги сметам за кршење на вистинските заповеди од Евангелието. Во крштевањето на новороденчето гледам очигледно изопачување на сета онаа смисла што може да ја има крштевањето на возрасните луѓе кои свесно го примаат христијанството; во извршувањето на тајната на бракот меѓу оние кои се соединиле претходно, и допуштањето на разводот и во осветувањето на бракот меѓу разведените, гледам директно нарушување на смислата и словото на евангелското учење. Во периодичното простување на сите гревови на исповедите гледам штетна измама која само поттикнува на грев и го уништува стравот од грешењето.

Исто така, во осветувањето масло, како и во миропомазанието, гледам методи на прости вражби, како и во почитувањето на иконите и моштите, како и во сите оние обреди, молитви, заклетви со какви што е полн требникот. Во причестувањето гледам обоготворување на плотта и изопачување на христијанското учење. Во свештенството, освен тоа што јавно се подготвуваат за измамници, гледам и директно кршење на Христовите зборови кои директно му забрануваат на секого, кој и да е, да се нарекува учител, татко и наставник (Евангелие по Матеј, 23, 8-10). Верувам во љубов, а не во вражби и молепства. Најпосле, кажано е, како последна и моја најголема вина, дека „исмевајќи ги најсветите предмети на верата не сум ни затреперил кога сум ја изложил на потсмев најсветата од сите тајни - причестувањето“. Тоа дека не сум ни затреперил опишувајќи го едноставно и објективно она што свештеникот го прави додека ја подготвува таканаречената света тајна, тоа е сосема точно; но тоа дека таа таканаречена тајна е нешто свето, а дека едноставното опишување како таа се врши е богохулие - тоа е сосема неточно. Не е хулење на верата да ја наречеш преградата преграда, а не иконостас, и чашата чаша, а не путир, туку најстрашно и најодвратно хулење, кое никако не престанува, е луѓето да ги искористуваат сите можни средства за измама и хипноза - за да ги уверат децата и простотдушниот народ дека ако на одреден начин и со изговарање на одредени зборови исечкаат парчиња леб, па потоа го стават во вино, во тие парчиња ќе влезе Бог; и дека, ако во име на некој од живите се внесе тоа парче во себе, тој ќе биде здрав; ако тоа парче се внесе во себе во име на некој мртов, тогаш на тој што е на оној свет ќе му биде поубаво; и дека во оној кој ќе го изеде тоа парче ќе влезе самиот Бог. Тоа е страшно!

Како и да ја сфаќа некој личноста на Христос и неговото учење кое го уништува злото во светот, и толку едноставно, лесно и несомнено им пружа добро на луѓето, само ако луѓето не го изопачуваат, целото тоа учење е прикриено и претворено во прости вражби со капење, мачкање со масло, движења со телото, зарекувања, голтања парченца и сл. што од тоа учење не останува ништо. И ако некогаш некој човек се обиде да ги опомени луѓето дека Христовото учење не е меѓу тие вражби, молитви, служби, свеќи, икони, туку во тоа луѓето да се сакаат еден со друг, да не враќаат на зло со зло, да не се убиваат еден со друг, тогаш се крева врева од оние на кои тие измами им се корисни, и тие луѓе на цел глас, со непоимлива дрскост, говорат во црквите, печатат во книгите, весниците, катахизисот, дека Христос никогаш не ја забранил заклетвата, дека никогаш не го забранил убиството (смртната казна, војните), дека неговото учење за неспротивставување на злото го измислиле непријателите на Христос со сатанска лукавост. (Проповед на Амвросиј, харковскиот епископ, забелешка на Л.Н. Толстој). И што е најглавно, страшно е тоа што тие луѓе за кои тоа е корисно не ги мамат само возрасните, туку, имајќи право на тоа, ги мамат и децата, истите оние за кои Христос велел дека тешко на тие што ќе ги измамат. Страшно е тоа што тие луѓе, заради својата ситна корист, прават такво ужасно зло, сокривајќи ја од луѓето вистината која Христос ја открил и која и пружа такво добро – на чијшто илјадити дел не е еднаква користа која самите тие ја добиле од сето она што го прават. Тие постапуваат како оној разбојник кој убива цело семејство од 5-6 луѓе за да земе стара поткошула и 40 копејки. Нему радо би му ја дале и сета облека и сите пари, само да не ги убие. Но тој не може да постапи поинаку. Исто е и со религиозните измамници. Би можеле да се договориме да добијат и по десет пати повеќе, да ги држиме во најголем луксуз, само да не ги упропастуваат луѓето со своите измами.

Ако пак тие, наместо да се ужаснат пред своето богохулство, го нарекуваат богохулство разоткривањето на нивните измами, тогаш тоа само ја докажува силата на нивните лаги, и треба само да ги зголеми напорите на луѓето кои веруваат во Бога и Христовото учење да се уништи измамата која го сокрива вистинскиот бог од луѓето. За Христос, кој ги избрка од храмот биковите, овците и трговците, може да речат дека хули. Кога тој сега би дошол и би видел што во негово име се прави во црквата, сигурно со уште поголем и пооправдан бес би ги исфрлил сите тие копја, крстови, чаши, свеќи, икони и сето она со чија помош тие врачаат, го сокриваат Бог и неговото учење од луѓето. Според тоа, ете што е точно, а што неточно во одлуката на Синодот за мене. Јас навистина не верувам во она во што тие велат дека веруваат. Но јас верувам во многу нешта во кои тие сакаат да ги убедат луѓето дека не верувам. Верувам во следново: верувам во Бог, кого го сфаќам како дух, како љубов, како почеток на сè.

Верувам дека тој е во мене и јас во него. Верувам дека божјата волја изразена во учењето на човекот Христос е појасна и поразбирлива од што било - и сметам дека е најголемо хулење да го сфатиме Христос како бог и да му се молиме како на бог. Верувам дека вистинското богатство во човекот е во изразувањето на божјата волја, а негова волја е луѓето да се сакаат еден со друг и затоа да постапуваат кон другите како што сакаат да се постапува со нив, како што е речено и во Евангелието - дека во тоа се законот и пророците. Верувам дека поради тоа смислата на животот на секој човек е само во зголемувањето на љубовта во себе; дека зголемувањето на љубовта го води секој човек во овој живот кон сè поголемо и поголемо добро; колку повеќе љубов има во човекот, толку после смртта ќе му биде пружено уште поголемо добро, а воедно – и колку повеќе помага да се воспостави царството божјо во светот, т.е. такво уредување на жвиотот во кое раздорот, измамите, и насилството кои царуваат сега ќе бидат заменети со слободна волја, вистина и братска љубов меѓу луѓето.

Верувам дека постои само едно средство за триумф на љубовта; молитвата - не заедничката молитва во храмовите која Христос директно ја забранил (Евангелие по Матеј 6,5-13), туку молитвата за која Христос дава образец - осамената, која се состои од воспоставување и зајакнување на своето сознание за смислата на животот и неговата зависност само од божјата волја. Без зразлика дали овие мои уверувања некого навредуваат, огорчуваат, соблазнуваат, му пречат или не му се допаѓаат - јас можам да ги изменам толку малку колку и моето тело. На мене самиот ми треба да живеам, на мене самиот и да умрам (и тоа многу наскоро) и поради тоа не можам да верувам никако поинаку освен така како што верувам, подготвувајќи се да одам кај оној Бог од кого сум произлегол. Не велам дека мојата вера е една за сите времиња дадена вистина, но не гледам други - поедноставни, појасни и кои повеќе би одговарале на сите потреби на мојот ум и срце; ако спонзаам таква, веднаш ќе ја примам, затоа што на Бог не му треба ништо друго освен вистината.

Не можам никако да се вратам кон она од кое си отидов со толку страдање, како што птицата не може повторно да се врати во лушпата од јајцето од кое излегла. „Оној кој почнува така што ќе го засака христијанството повеќе од вистината, наскоро ќе ја засака својата црква или секта повеќе од христијанството, и ќе заврши така што ќе се сака себеси (своето спокојство) повеќе од сè на светот“ - рече Колриџ. Јас одев по обратен пат. Почнав така што ја засакав својата православна вера повеќе од моето спокојство, потоа го засакав христијанството повеќе од мојата црква, а сега ја сакам вистината повеќе од сè на светот. И денес за мене вистината е во спротивност со христијанството како што јас го сфаќам. И јас го исповедам тоа христијанство, живеам спокојно и радосно, и радосно се приближувам кон смртта.

(Москва, 4 април 1901 година)

Извор: 6yka.com

ОкоБоли главаВицФото