Одговори по говорот на авторот на СК014

10.07.2013 14:37
Одговори по говорот на авторот на СК014

Неодамна груевистите го ставија во музеј (SIC!) говорот на пастирот при отворањето на Триумфалната порта, од почетокот на 2012 година. Истовремено режимот почна нова пропагандна офанзива поврзана со лудачкиот проект СК014. Од тие причини потсетуваме на еден текст-реакција на тогашниот говор на Груевски.

Најпрвин, за клучната замена на тези: Груевски вели дека неговиот проект е чист, идеалистички, патриотски, уметнички. Критичарите на проектот Груевски ги дефинира како ловци во матно, нечии политички слуги и политиканти кои немаат разбирање за неговите „неполитички“ творечки стремежи. Од едната страна, значи, „уметникот“ Груевски ги обвини за политизација сите оние кои се критични кон него како „уметник“ и градител; од друга страна, самиот себеси премиерот се стави на страната на неполитиката (на страната на вечноста и уметноста; „после сто години, кога сите ние физички ќе исчезнеме, само моето дело ќе опстане“, вака приближно беседеше пастирот во петокот пред својата клиентелистичка тајфа). Велам, замената на тези е перфидна до гротеска! Оној кој ги злоупотребува уметноста и архитектурата за политички цели – обвинува за политизација! Оној кој својот ултимативен рејтинг го пумпа со најкичерајските можни форми на „народна класична уметност“ (а притоа не се воздржува и од помалку меките форми на одбрана на тронот), ги обвинува злите негатори за отсуство на уметничка и историска свест!

Паѓа во очи со каков презир водачот на Македонците зборува за политиката, изворот од каде што произлегува целиот негов легитимитет. Нели е тоа, во најмала рака, сомнително?! Зарем тој презир кон она од што произлегуваш не индицира одредена патологија?! Зарем ние Груевски не го избравме да ја води владата како политичар, а не како уметник, демијург, пророк и месија?!

Слична е и втората демагошка замена на тези: Груевски сугерира дека се грижи за уметноста, за трајните вредности, за она што ги надминува сегашните заслепености. Но, грижата за трајните вредности реално не постои во политиката на водачот. Надвор од тесниот партиски клиентелистички клуб спремен за грст пезоси да ја изрецитира која било песна, каде се уметниците на кои власта им помогнала?! Секојдневно сум во контакт со десетици македонски уметници, главно помлади. Никој не видел никаков аир од стремежот на пастирот кон уметноста и вечноста. Сето она во уметноста што е посебно, квалитетно, бунтовно, свое – денес во Македонија интензивно и безнадежно пропаѓа. Стварно да се грижеше премиерот за нештата што вака или онака ќе ги надживеат нашите сегашни пизми, тие триста милиони евра ќе ги им ги дадеше на автономни творци и институции со интегритет. Не на слуги, не за партиски нарачки, не за ситнополитички и маркетиншки потфати што служат уште подлабоко да ги турнат луѓето во халуцинациите на лагата и измамата.

Кога велам дека проектот на Груевски и неговите извршители е шарлатански и исклучително деструктивен не го велам тоа за да се размавтувам со навреди и да го канализирам сопствениот гнев, туку за да ја прецизирам улогата на „Скопје 2014“ во културната и политичката стварност на градот и државата. Не велам дека водачот на ВМРО ДПМНЕ првенствено е лош човек со лоши намери, но велам дека е шарлатан, бахат непознавач кој создава катастрофални последици поради политичката заслепеност и недостигот од капацитети да ги слушне и да ги прифати позициите на другите. Впрочем, и Хусеин и Гадафи и Ким Џонг Ил и Нијазов на истиот начин како и Груевски создаваа „безвременски дела, чисти, добри и идеалистични“ и со ламтеж убедуваа дека работат за вечноста. Нивните народи денес се голи, боси и без иднина, а лудите споменици сведочат за помрачената свест на водачите и на одобрувачите околу нив.

Впрочем, Груевски и неговата партија не беа избрани од граѓаните за да ја вградат Македонија во вечноста (да ветуваше пастирот вечност ќе требаше да го однесат во Бардовци со „жолтото комбе“); водачот на ВМРО ДПМНЕ доби неколку изборни циклуси ветувајќи економски раст, влез во ЕУ и НАТО, намалување на сиромаштијата...; а не вечност во мермер и бронза. Треба да потсетиме и на тоа дека проектот „Скопје 2014“ го нема во „Преродбата во сто чекори“, дека беше таен, воден во сосема недемократски дух, надвор од сите процедури, силувајќи ги законите, ингеренциите, урбанистичките планови... Еден ден ќе се види дека „Скопје 2014“ е голема пљачка на народните пари. Ќе се види дека салтата на Груевски ја доведоа земјата во салдо мортале. Дека славењето на независноста на Македонија е само камуфлажа за незаситноста на една сосема забегана олигархија.

Кога сме кај парите, мора да се каже: дури и Груевски да ги даде средствата за својот проект од сопствен џеб (калкулациите велат дека „Скопје 2014“ во моментов чини над 300 милиони евра), проектот пак ќе беше спорен. Дури и да постапеше како Костовски или Гуштеров и да градеше цркви и споменици од сопствени пари, Груевски ќе мораше да се придржува до пишаните и непишаните закони на заедницата. Ама не! Пастирот брцна најдлабоко што се може во народниот џеб за од таму да го извади сопственото величие! Јас ви изградив! Јас во вечноста! Јас и Македонија! Итн. А, всушност, станува збор за безобразлук од токму историски размери! Во град во кој е доведена во прашање елементарната (сообраќајна, канализациска, енергетска итн.) инфраструктура, да потрошиш триста милиони евра од буџетот за екстремно непродуктивни проекти, е бесрамност и дрскост со епохални димензии! (На пример, за умножената армија чиновници се градат барокни згради од 2000 евра по квадрат во изградба.) Огромен дел од јавните затворени простори во државава зиме се незагреани. Огромен број на јавни установи во земјава немаат пари за елементарно опстојување, за хигиена и огрев. И одеднаш, наместо да обезбедиш услови нормално да функционираат културните домови, библиотеките, школите, болниците, музеите итн., ти трошиш баснословни пари за умножување на нови буџетски трошаџии и за споменици! (А притоа сите постари споменици во земјата се девастирани на најпонижувачки можен начин, додека новите груевистички споменици „се бранат“ со цели чети чувари ангажирани од приватни агенции.)

Најпосле, Груевски им се заблагодари на критичарите на неговиот проект и нагласи дека тоа не е цинизам. Но, како поинаку освен како цинизам да се разбере неговото заблагодарување?! Ниеден единствен аргумент на критичарите не беше прифатен во изминативе три години, откако груевистите само делумно го обнародија проектот на кој тајно работат шест години. Но, не само што Груевски и неговиот режим не ги прифаќаа аргументите, туку критичарите беа тепани, заплашувани, омаловажувани и судски казнети (еден сум од тие). Меѓу другото и тоа ја доведе Македонија до степенот од многу релевантни адреси да биде прогласувана за фалична демократија. И во таква ситуација пастирот „нецинично“ им благодари на оспорувачите?! За што им благодари?! За тоа што го направија поцврст и побезмилосен, како што самиот рече? Тоа е, всушност, онаа многу добро позната садистичка црта на водачот, за која и самиот зборувал (кај Јадибурек, на пример), дека посебно не ги поднесува оние што го молат за нешто; тоа кај пастирот создава контра ефект – е дури сега нема да го добиете она за што коленичите! И за тоа ни е благодарен, за сопствениот садизам?! За неодговорната политика која е заложник на тешките лични фрустрации од кои страда цела Република Македонија?!

Плиток како локва и тврд како бетонот под трибината на стадионот Филип Втори – тоа е сликата на македонскиот водач, денес. Изгубен, без да знае кој е, на каде тргнал, колкава му е чергата, каде се исток и запад... Од друга страна, бескрајно тврд во сопствената плиткост, секогаш кога е притеснет се вади на Македонија, на добрите намери, на вечноста... Македонскиот водач денес стана мајстор на емотивните манипулации, популистички крал од учебниците за политички адвертајзинг. Наместо со одговорност и разум владее со спинови и емоции; полулажни, се разбира, испрограмирани, но емоции кои сè уште добро врват. Пастирот секој ден од екраните ти вели: те малтретирам, те пљачкам, океј, го признавам тоа, но сето тоа го правам оти – те сакам! И поминува. Како што поминува пијаниот татко-тепач кој го тормози целото семејство. По ѓаволите, тој сепак ги сака.

Велам, не се чудам. Вакви како пастирот историјата видела на купови. Данте ги распоредува низ орбитите на пеколот – и пак не ги збира. Ништо ново под капата небеска. Само малку ми е чудно што во 21 век во една сепак, и покрај сè, европска земја, поминуваат лаги и манипулации кои во Европа би биле анахрони дури и во 19 век. Тој факт треба да нè замисли, сите, дури и ако утре, без големи драми, се отарасиме од режимот што ја уназади Македонија барем за неколку децении.

Слики: Свирачиња

09.01.12.

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото