1033 hPa
52 %

6 °C
Скопје - Чет, 06.02.2025 19:59
Во повеќе градови ширум Србија се прошири зеленото движење „Герила градинари“, чии членови работат ноќе и садат без дозвола.
„Акциите на Герила градинари обично се одвиваат во вечерните часови. Додека другите спијат, ние садиме. За тоа не бараме дозвола од властите. Но, со себе носиmе згодни девојки кои им го одвлекуваат вниманието на комуналните полицајци ако случајно наидат. Минувачите љубопитно нè гледаат и го фалат тоа што го правиме. Од неодамна почнавме да им оставаме пораки: Ние сме Герила градинари, оваа запуштена земја ја претворивме во градина. Ве молиме да ја сакате, чувате и полевате“, велат членовите на ова движење.
Групата собрана околу еколошкиот активист Момчило Антониевиќ сади лаванда и босилек, рузмарин, сончоглед, магдонос, мајчина душица, а семето од овие билки завршува во секоја запуштена градска површина: тие ги уредуваат жардиниерите, пукнатините во асфалтот, сивите бетонски ѕидови, платоата пред зградите... Каде што ќе стигнат, садат некаква билка.
„Движењето Герила градинари во Србија се појави минатата година. Со брат ми и неколку пријатели одлучив да излезам пред мојата зграда на Палилула и во една запуштена и неугледна жардиниера да посадам лаванда. Го снимивме нашиот потфат и го закачивме на Јутјуб. Така почна сè“, раскажува Антониевиќ.
Им се приклучуваат луѓе на секој чекор, па Герила градинарите денес се активни во Белград, Нови Сад, Ниш, Суботица, а во план се акции во Ужице и Кикинда. А може да им се придружи секој што сака: доволно е некој да излезе пред својата зграда и да посади некое цвеќе за да може да се нарече герила градинар.
Градинарите за себе велат дека се зелени анархисти. Се налеваат со чаеви, а предвид доаѓа само изворска вода. За опуштање пијат ракија - треварка. На нивната трпеза има интегрална и органска храна. На прашањето зошто Герила градинарите се потребни во Србија, Момчило кратко и недвосмислено одговара:
„Затоа што зеленото секогаш е поубаво од сивилото. Зарем не?“
Извор: www.novosti.rs